Вивнете се високо во воздухот со Горан Кузмановски, талентиран фотограф и бестрашен авантурист

Горан Кузмановски откако знае за себе, се искачува на планини. Оваа љубов да се биде во природата брзо му преминала во желба за учење да се искачува на карпи, што потоа го поттикнало и да го основа спортско качувачкиот клуб Вертикал во Битола. Покрај планинарењето и искачувањето на карпи, тој исто така од многу мал и скијал, па дури и бил дел од ски репрезентација. Неговата најнова страст е параглајдерството – спорт за којшто тој зборува со многу љубов. Тоа може да се забележи и на неговите фотографии на Инстаграм. Иако Горан денес работи како фотограф за германска компанија, и има семејство, поради што и не поминува толку време во воздух или на врвот на некоја планина, сепак ги искористува овие моменти во целост, правејќи спомени што ќе траат цел живот. Прочитајте нешто повеќе за неговата љубов кон авантуристичките спортови, неколку совети за сите млади авантуристи што сакаат да се препуштаат на адреналинот, и уживајте во неговите одлични фотографии!

1. Планинарење, скијање, качување по карпи, параглајдерство… Што е тоа што те мотивира да ги правиш сите овие нешта? Дали се сметаш себеси за зависник од адреналин или пак, нешто друго е во прашање?

Адреналинот кај мене е можеби на последното место. Се трудам да го доведам на минимум, бидејќи тој се појавува кога нешто излегува од контрола, а тоа не е убаво. Зависник мислам дека се станува откако еднаш ќе се „навлечете“ на тоа, а јас сите тие работи ги сакам откога знам за себе, односно, уште пред да имам контакт со нив, така да можеби подобро би го опишал чувството како потреба да се биде во природа, проследено со авантура.

Отсекогаш сум сакал да се качувам. Уште од мало дете имав чувство дека ако се качам на повисоко, ќе ми биде многу поубаво. Затоа и да гледам од тој ракурс го доживувам како нешто многу моќно… Исто така, постојано гледам и до каде ми е зоната на удобност, и колку можам да се оддалечам од неа, затоа што без разлика дали тоа се прави свесно или несвесно, излегувањето од удобната зона е основа за напредок на кое било поле за секој од нас.

Како што веќе спомнав, не го барам адреналинот, туку ме привлекуваат и ме движат стратегијата и планирањето на овие игри… Во сите спортови се случува истото – сè почнува во главата, тука се раѓа идејата, без разлика дали гледам мапа на којашто планирам крос кантри лет со параглајдер, фотографија од карпа на којашто треба да се искачам, или пуштање со скии од планински врв. Јас сум тој што треба да предвиди каде се поминува таа линија, во кој период од денот е најдобро да се изведе, колку време ќе ми треба, дали и каде има опасност, како да бидам безбеден и ефикасен… И кога на крајот, седам во својот дом, и ја гледам својата линија, тоа е тоа што ме прави горд на себе и што ме тера да сакам одново да го повторам.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 🌍 📷 🎬 🎥 (@goran.kuzeto) on

2. Дали има некој адреналински или авантуристички спорт што отсекогаш си сакал да го пробаш, но досега едноставно не си собрал храброст? Од друга страна пак, си пробал ли нешто што според тебе било толку опасно, што не би сакал пак да го повториш?

Мојот пристап кон сите овие спортови е малку поинаков, ако може така да се каже. Никогаш не сум сакал само да пробам. Тоа е љубов, бидејќи уште пред да се препуштам, знам дека сакам, прашањето е само дали можам да го направам тоа или не. Има спортови што ги сакам, а знам дека немам време/можност/услови да ги правам. Еве, на пример, сакам да научам да скокам од карпи со падобран (base jumping), но кај нас немаме услови за тоа, па затоа и најверојатно ќе ми остане само желба.

Неколкупати сум бил во опасни ситуации, каде што сум се тресел, и сум се прашувал зошто сум се „напикал“ тука, и сум чекал само да помине ситуацијата… Но, кога конечно ќе помине, и ќе стигнам да седнам на пиво со пријателите, тоа станува еден од моментите за паметење кога велам: „Ајде, кога пак?!“ Е, тоа веќе е адреналинот во мене.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 🌍 📷 🎬 🎥 (@goran.kuzeto) on

3. Сите овие спортови доаѓаат со одредена доза опасност. Кој е најдобриот совет за безбедност што некогаш си го добил пред да се впуштиш во нова авантура? Нешто што би било добро да го прочитаат и нашите читатели, особено за ако се најдат во опасна ситуација.

Најпрво треба да се внимава на пристапот кон спортот. Денес е многу лесно да се најдат основни информации за спортот, што треба да се прочитаат и да се проучат, со цел да се има барем груба слика за тоа што треба да се прави и да се случува. Имајќи го ова на ум, правењето кул фотка за Инстаграм треба да е на последно место.

Кога веќе ќе бидете внатре во играта, треба да се почитуваат правилата, а ако некој се осмели да импровизира, треба да биде целосно сигурен во своите способности.

Ако дојде до опасна ситуација, тогаш најважно од сè е да останете смирени, бидејќи паниката е последното нешто што ви треба во тој момент. Бидете смирени и концентрирајте се на излезот од проблемот. Секогаш имајте на ум дека во природата најчесто има повеќе од едно точно решение, па ако останете трезвени и мирни, сигурно брзо ќе го здогледате тоа што ви е потребно за да преминете на безбедно.

Исто така, никогаш не заборавајте дека сите овие спортови се многу безбедни ако се почитуваат правилата, и ако знаеме до каде е нашето ниво.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 🌍 📷 🎬 🎥 (@goran.kuzeto) on

4. Кажи ни нешто повеќе за твоето искуство со параглајдерството. Како изгледа една обука, колку време е потребно да се тренира пред да се добие зелено светло за летање, и какво е чувството кога за прв пат сам се вивнуваш во воздух?

Мојот влез во параглајдингот, е можеби најчуден во однос на сите останати авантуристички спортови кај мене. Знаев дека го сакам, но постојано го поттурнував подолу на листата, сметајќи дека може да се прави и на постара возраст, па им давав приоритет на други спортови.

Релативно нова дисциплина произлезена од параглајдингот е спид флаинг, нешто како параглајдери со многу мала површина, со чија помош може да се спуштате само надолу и тоа со огромни брзини, и идејата е да бидете што поблиску до падината/планината, со цел да ја чувствувате брзината уште повеќе. Токму тој спорт многу ме привлече, особено идејата дека ќе можам да го комбинирам и со качувањето. Бидејќи има доста сличности со параглајдингот, одлучив дека дојде време да научам да летам со параглајдер, за тоа да ми биде еден вид основа за спид флаингот.

Мојот прв инструктор беше Вања Атанасов, со кој ги научив основите и почнав самостојно да летам. Како што повеќе учев за спортот, и перформансите на параглајдерите, сфатив дека нашите планини најчесто немаат доволно стрмни падини и не се баш најпогодни за спид флаинг, и во меѓувреме, полека, но сигурно, параглајдингот ми влезе под кожа. Го запознав и Мартин Јованоски, од кого научив многу од тоа што го знам денес за параглајдингот, правејќи го овој спорт посебен за мене.

Учењето на основата за параглајдинг за да можете да направите самостоен лет е лесно и брзо. Ќе ви бидат потребни околу една до две недели работа со инструктор, за да можете да ги имате првите самостојни летови. Најпрво се учи теорија, па се вежба практично долу на земја, па следуваат мали подлетнувања од рид, за на крај да стигне и самостојниот висински лет. Сепак, напредната обука никогаш не застанува, исто како и во другите спортови.

Летањето се доживува различно во зависност од тоа како и кога летате. На пример, за време на летот од врвот Пелистер, на зајдисонце, можете целосно да се препуштите на тишината, и бескрајно да уживате во погледот, без никакви грижи, околу 20-тина минути. Од друга страна пак, кога летате крос кантри на пладне, условите знаат да бидат исти како да јавате збеснат бик, на којшто морате по секоја цена да останете. Тогаш и сонцето е високо на небото, и погледот не е толку спектакуларен во споредба со зајдисонцето. Но, тоа е единственото време кога можете подолго да летате и да стигнете од една до друга точка, со цел да видите колку сте способни да го искористите денот… На крајот, сè си има своја убавина.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 🌍 📷 🎬 🎥 (@goran.kuzeto) on

5. Што за тебе претставува можноста да се биде високо во воздухот, слободно летајќи над земјата? Што е тоа што најмногу ти се допаѓа во овие моменти?

Навистина не е лесно да се опише тоа чувство. Мислам дека не се работи за фактот дека сте високо над земјата, туку повеќе за тоа како сте стигнале до таму. Со параглајдерот станувате дел од природата, бидејќи немате друг погон освен моменталната енергија во воздухот. Вие сте тие што треба да предвидите каде би имало термика (вертикални струења од загреаниот воздух) и да ја одредите најдобрата патека кон тоа место, за кога ќе стигнете таму, да функционира она што сте го предвиделе, и да почнете да се качувате повисоко.

Потоа, кога ќе бидете на највисоката возможна точка, треба да мислите за следниот потег. Тоа е истото што го прават и птиците – вие станувате дел од тој систем. Најинтересното е што и тие ве прифаќаат во воздухот, и често летаат многу блиску до вас, делејќи го искуството. Тие моменти се навистина бесценети. Кога планот ви успева и вие сте дел од друг свет, летате, и патувате во воздухот, е тоа е неописливо чувство.

Параглајдингот има повеќе дисциплини, па ако сте добри, можете да слетате со точност од неколку сантиметри или да правите акробации во воздухот кој би ги споредил перформанс на модерен танци…

Во моментов работам и како официјален фотограф/видеограф на една германска компанија за параглајдери – Икаро, па последниов период, најголем дел од слободното време за летање го поминувам во фотографирање од воздух, така што направив спој со уште една моја пасија – фотографијата, и сум многу среќен поради тоа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 🌍 📷 🎬 🎥 (@goran.kuzeto) on

6. И за крај, што би ги советувал младите македонски авантуристи и зависници од адреналин? На што треба тие најмногу да внимаваат, што да избегнуваат, а во што слободно да се препуштаат?

Би ги советувал сите да имаат сериозен пристап кон спортовите. Сметам дека во Македонија имаме навистина добри школи за спортско качување, параглајдинг и други екстремни спортови. Нека се распрашаат и нека завршат обука кај лиценциран инструктор. Екстремните спортови се многу забавни и безбедни доколку се почитуваат правилата за секој од нив, и токму тоа е клучниот елемент да сме сигурни, без разлика што ќе одлучиме да правиме.

Исто така, нека читаат многу и нека навлезат темелно во суштината на спортот, бидејќи ако играте некој спорт со топка, без да ја знаете суштината, вие само ќе бидете лош играч и тоа е тоа. Но, за овие спортови, мора навистина темелно да се проучат, како да сте завршиле уште едно школо, само за да бидете безбедни. Дури потоа треба да тренирате за да станете и добри во тоа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 🌍 📷 🎬 🎥 (@goran.kuzeto) on

Искачете се и на планинските врвови со Љупчо Јовчевски, македонски планинар и авантурист.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар