Искачување на планинските врвови со Љупчо Јовчевски, македонски планинар и авантурист

Запознајте го Љупчо Јовчевски, планинар роден на падините на Скопска Црна Гора. Тој е љубител на природата и обожава да го поминува целото свое слободно време на македонските планини, како и на планините во соседните држави. По професија е дипломиран електроинженер, но во срце му се врвовите што љуби да ги освојува. Ние направивме мал разговор со него додека тој беше на врвот Триглав, во Словенија и во продолжение ги споделуваме неговите интересни размислувања од кои сите можеме многу да научиме.

A post shared by Ljupco (@lji_jon) on

1. Од каде доаѓа желбата за освојување планински врвови?

Интересно прашање. Роден сум на падините на Скопска Црна Гора, па уште од мал сум шетал по планината, особено со мојот покоен дедо. Природно ми доаѓа да ја љубам планината, а врвовите се само круна на таа убавина. А кој не би сакал барем еднаш да биде на престолот? Сепак секој врв си има своја убавина и свој карактер.

Искачувањето на врвовите е и борба со себе, желба да бидете подобри и различни од тоа што сте биле, како и потсетување дека не е сè така едноставно и лесно во животот. Најтешкиот дел е целата таа психологија да се вметне и во секојдневниот живот.

A post shared by Ljupco (@lji_jon) on

2. Како изгледа твојата подготовка за планинарење? Дали би можел да им препорачаш на нашите читатели одредени безбедносни мерки што би требало да ги преземат пред да се решат на овој подвиг?

Да, ова особено сериозно го сфаќам. Подготовката најпрво ми започнува психички, односно пребарувам на Интернет како изгледа тоа што ме очекува. Ова е еден вид виртуелно запознавање на локацијата. Потоа ја следам временската прогноза, што е многу значајна за планинарите, и соодветно се облекувам.

Секојпат се водам од традиционалната изрека „На зима земи повеќе храна, а на лето потопла облека”, бидејќи за време на зимите, вие со сигурност ќе имате доволно топла облека, но лесно може да останете без храна, додека пак, за време на летата често се потценува времето, а планината знае да биде сурова ако не сте добро подготвени.

Од друга страна пак, ако можам да најдам GPS запис од рутата, тоа редовно го правам. Користам и офлајн мапи за движење по терен, како и претходна консултација со планинари што го знаат теренот и поискусни планинари. Ова го препорачувам за сите планинари, без разлика на искуството.

A post shared by Ljupco (@lji_jon) on

3. Кој е според тебе најдобриот дел од овие авантури? И со какви предизвици најчесто се соочуваш?

Најдобриот дел е патот до врвот. Врвот ми е како цел во животот која постојано се трудиме да ја постигнеме, на различни начини и по различни патишта. Исто како што и целите не секогаш ги исполнуваме, така и врвовите не секогаш можеме да ги искачиме. Тоа се случува од безброј причини. Почитта кон планината треба да биде дел од нас ако поаѓаме на ваква авантура, бидејќи таа не простува, и секогаш нè казнува за грешките. Кога се поаѓа во планина егото се остава дома да спие.

И секако, најважно е секогаш да останете смирени и трезвено да размислувате за решенија на проблемите со кои се соочувате.

A post shared by Ljupco (@lji_jon) on

4. Сигурно си прошетал по многу планини низ Македонија. Кое ти било најлесното искуство досега (како препорака за почетниците), а кое ти било најтешкото и зошто? И дали имаш омилени планина или врв на коишто сакаш постојано да се навраќаш?

Сум прошетал повеќе планини низ Македонија, во разни услови, и можам слободно да кажам дека секоја е убава на свој начин, но сите се опасни дури и за најискусните. Кралица на македонското планинарство е Шар Планина, па ако барате полесна тура, ви препорачувам да тргнете на рутата од Попова Шапка до Лешница. Лешница е еден вид алпска убавина – таа не се опишува со зборови, мора да се доживее.

Инаку Скопска Црна Гора ми е како сопствен дом, на која секогаш најдобро се чувствувам, но како планина на која во секое време сум подготвен да одам е Кораб. Таа е навистина уникатна, но во исто време е и доста непристапна, особено во зимскиот период.

Најубавото место според мене, се наоѓа во долината на Длабока Река. Таму е Пројфелскиот (Корапски) Водопад кој е сезонски водопад, долг повеќе од 110 метри и треба да се посети во доцна пролет или на почеток на лето бидејќи тогаш е во полн ек. Во истата долина има доста врвови кои се непознати за широката јавност, но се доста тешки за искачување. Тоа е единствениот регион со алпска клима во Македонија. На кратко, Кораб е планина која секогаш ме фасцинира и одново изненадува секој пат кога ќе ја посетам.

A post shared by Ljupco (@lji_jon) on

5. Можеш ли да ни опишеш какво е чувството кога стоиш на врвот на планина? Што тогаш ти проаѓа низ мислите?

Врвот како врв е награда за убаво завршената работа, така што чувството на исполнетост е големо, но секако дека тука влегува во игра и пожртвуваноста и почитта кон планината. На врвот ја гледате „големата слика“, односно гледате од каде сте тргнале, каде сте оделе и каде сте стигнале, како и каде е вашето место.

A post shared by Ljupco (@lji_jon) on

6. А што се случува кога се враќаш назад во цивилизацијата? Дали ти треба време да се навикнеш на големиот број луѓе и на константната бука во нашиот главен град?

Враќањето во цивилизацијата е многу поедноставно ако успеете да ја аплицирате психологијата на искачувањето врвови во секој сегмент од животот. Тоа подразбира кога ви е најтешко, да продолжите напред, само затоа што верувате во тоа што го правите и во себеси. Успехот или неуспехот можат да бидат почувствувани дури отпосле. Исто така треба да знаете дека некогаш откажувањето е многу поголема и подобра одлука отколку залудно да се надевате.

Навикнувањето на цивилизираниот живот за мене лично е само физички. Преку текот на целата недела поминувам време барем на Скопска Црна Гора, за да се опуштам од работата. Тоа е мојата редовна терапија во денешниот свет на постојан стрес.

A post shared by Ljupco (@lji_jon) on

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар