Игрите на гладните | Кафе пауза

Игрите на гладните

sakamknigi.mk ви подарува два примероци

Игрите на гладните е книга која ја сакаат сите читатели во светот, а ја мразат речиси сите други автори бидејќи таа ги засени нивните книги и ги турна кон дното на сите светски топ листи.

Добро, не баш сите автори. Фамозниот Стивен Кинг за неа вели дека не можел да ја остави и да престане да ја чита, а пак Стефани Мајер вели: Толку бев опседната со оваа книга што морав да ја носам со мене на вечера и да ја кријам под работ на масата за да не престанам да ја читам. Сега веќе ја препорачувам и на тотални странци. Игрите на гладните се неверојатни!

Помина 102 недели на листата на најпродавани книги на Њујорк Тајмс, доби договор за филм со куп познати глумци кој излегува во март 2012, тоа е број 1 најчитана книга според 5 светски портали за книги со над 300.000 членови, поради неа се креираа фан клубови насекаде низ светот…

Дали е ова уште една книга која е преценета или агент кој добро платил за да го создаде сето ова кревање прашина околу книгата? Ни едното, ни другото. 360 страни тресење од неизвесност, 360 страни читање со болка во градите, 360 страни возење како со некој смртоносно брз авион затоа што токму таков е стилот на авторката, липање како мало дете, ежење на кожата како да сум на -30 степени гола… Ова е книга која ќе ги промени вашите критериуми за тоа што значи добар трилер!

…во руините на местото кое некогаш било познато како Северна Америка, се наоѓа државата Панем. Главниот град на Панем е Капитол и тој е опкружен со 12 реони. Капитол живее во сјај и богатство, додека луѓето од 12-те реони живеат во беда и се борат за секој следен ден да го дочекаат живи, да не умрат од глад. Не е дека не се обиделе да се спасат од одвратноста на Капитол. Во минатото тие кренале востание, но Капитол ги поразил и го уништил 13-тиот реон кој тогаш постоел за да им покаже што ги очекува ако уште еднаш се обидат да се бунтуваат. Од тогаш, работите се само полоши.

Капитол има свој монструозен начин на кој ги држи реоните под контрола. Секоја година, во Капитол се одржуваат Игрите на гладните. Од секој реон, се разбира освен од Капитол, по пат на лотарија се избираат едно момче и едно девојче, на возраст од 12 до 18 години – наречени трибути и се испраќаат во Капитол. Таму трибутите ги ставаат во голема арена на отворено каде треба да се убиваат меѓусебно сè додека не остане само еден преживеан… а сето тоа другите го гледаат во живо на телевизија. За Капитол тоа е празник, тие се обложуваат за победници, доаѓаат за да гледаат, се радуваат. За реоните тоа е само уште еден показател дека се бедни и немоќни, дека мораат да ги праќаат своите деца во смрт и не смеат да мрднат ни со прст.

Кетнис живее со својата мајка и сестра. Дента на лотаријата на трибути силно се моли дека нема да биде извлечено нејзиното име. И не е… ја извлекуваат нејзината помала сестричка. Таа не смее да го дозволи тоа, а немоќна е да го промени. Затоа… се јавува како доброволец за да ја замени во Игрите.

Таа е храбра, таа е ловец, таа знае што значи да умираш од глад, таа е посилна од Прим, но исто така е свесна дека си припишува смртна казна. Дали е исто да убиваш животни во шумата од глад и да убиваш луѓе за живот? Дали е важно да останеш човек повеќе отколку што е важно да останеш жив? Токму тоа е единственото правило во арената – ОСТАНИ ЖИВ!

Ако сака да победи, Кетнис ќе мора преживувањето да го стави пред човечноста и животот да го стави пред љубовта.

Сите оние кои воведот во оваа Го сакам Њујоркприказна ги заинтересира можат да си ја купат книгата во повеќе книжарници или да ја нарачаат на мејл contact@sakamknigi.mk и имаат бесплатна испорака до дома.

Напишете краток коментар зошто би сакале да ја добиете и да ја  прочитате книгата. Оној чиј коментар ќе добие најмногу лајкови е добитник на примерок од книгата со тврди корици, додека второ рангираниот, ќе ја добие регуларната едиција со мек повез. Побрзајте!

*Подарокот може да се подигне секој работен ден, од 10 до 19 часот во Spaiva на ул. Водњанска (веднаш под Галија).