Го сакам Холивуд | Кафе пауза

Го сакам Холивуд„Го сакам…“ серијата веќе ги затресе девојките низ цела држава. Првиот дел од книгата која ја подаривме пред оваа е речиси целосно распродадена во рекордно време што може да значи две работи: 1) дека сè уште не сте ја купиле и имате уште малку време да го сторите тоа пред целосно да се распродаде или 2) дека и вие сте меѓу оние заразените, кои едвај чекаат да ги стават рацете на вториот дел од приказната.

Да, оваа приказна продолжува онаму каде што застана претходната. Затоа, најпрво мора да ги предупредиме сите кои сè уште не ја прочитале првата книга, воопшто да не ја читаат оваа рецензија бидејќи открива доста елементи од првиот дел, па може да го уништи вашето уживање во читањето. Сите останати може да нè следат понатаму!

Анџела конечно успеа да се смири со своето момче – рок ѕвездата Алекс. Сомнежите дека со нејзината „среќа“ нешто пак може да тргне на лошо се сепак тука, но барем се заедно, а сега само тоа е важно. И токму во моментот кога најмалку сака да се раздели од него и да го остави сам, таа ја добива најважната задача во животот. Токму ТАА треба да оди во Холивуд и да го интервјуира мега познатиот и супер талентираниот Џејмс Џејкобс, кој меѓу другото е секс Бог, пред кој жените буквално се онесвестуваат. Но чекајте, како, зошто јас, па јас сум само аматер?! Енџи е збунета… но токму затоа и ја бараат неа. Затоа што е аматер кој нема да биде доволно способен да ги извади неговите валкани тајни во списанието.

Исплашена од важната задача пред неа, исплашена од тоа да го остави Алекс во Њујорк – Енџи нема друг избор освен да тргне кон Холивуд. Но чекајте, зошто да се плаши, па зарем Џејмс не е само човек? Кој се замислува тој дека е? Што е тој толку посебно? Па таа дури нема изгледано ниту еден од неговите филмови, колку тешко може да биде сето ова?! Да, така таа се теши, но само до оној момент додека не седне, чисто информативно да изгледа еден филм со Џејмс. А тогаш? Тогаш таа престанува да дише и цела ноќ не може да се одвои од телевизорот! Па тој е прекрасен! Темна коса, темно сини очи, идеално тело, совршена насмевка! И ох Господе Боже – за време на интервјуто тој почнува да флертува со неа! Па имај милост Џејмсе – таа е само човек! А како може еден обичен човек да одолее на СЕКС БОГ како него?

Рок ѕвезда? Филмска ѕверка? Или папараци кои ќе го уништат и едното и другото? Дознајте сами пред патувањето да нè однесе во Париз!

Сите оние кои воведот во оваа приказна ги заинтересира можат да си ја купат книгата во повеќе книжарници или да ја нарачаат на мејл contact@sakamknigi.mk и имаат бесплатна испорака до дома.

Напишете кратка приказна во која вие ќе бидете главниот лик, опкружен со холивудските ѕвезди, јаките шминки, гламурот и шоу-бизнисот. Трите коментари со најмногу лајкови ќе добијат по еден примерок од книгата. Распламтете ја фантазијата!

*Подарокот може да се подигне секој работен ден, од 10 до 19 часот во Spaiva на ул. Водњанска (веднаш под Галија).