Злобата во македонските Фејсбук групи

Се приклучив на Фејсбук во јули, 2008. Се сеќавам дека многу луѓе тогаш активно се регистрираа, но јас бев малку колеблива. Едно утро, еден од колегите ми рече да си направам профил за да може да ме тагне на заедничката фотографија. И така, решив да го послушам. Направив профил.

Оттогаш „живеам“ на Фејсбук, но бидејќи работата долго време ми се одвива главно на социјалните мрежи, не често чувствувам потреба за лично споделување. Како и да е, пред извесно време почнав да се вклучувам во групи кои ми се од личен интерес. Следам што се пишува во нив, поддржувам истомисленици, придонесувам со по некоја корисна информација или искуство и стискам по некој лајк. Некако интимноста на групите во кои се здружени луѓе со исти интереси и водат активни и плодни дискусии ми се допаѓа повеќе од јавното споделување секакви статуси и слики од секоја поза што може да ја заземе телото во текот на денот.

Злобата во македонските Фејсбук групи

Во последно време забележувам еден тренд на напаѓање, навредување, критикување и како последица на претходните – банирање. Како што македонската Твитер заедница едно време стана јавна табла за плукање по сѐ живо и диво, основано и неосновано, така сега тој гневен пристап полека преминува и во Фејсбук групите. Притоа не зборувам за жестоки дискусии во кои има спротивставени гледишта, туку алудирам на вистински извор на гнев и злоба што мора да излезе од некаде, па излегува таму. Без да наведувам конкретни имиња на групи, ќе споделам неколку свежи искуства од кои бев запрепастена.

Во една група за поддршка на нашиот јазик, една членка се пофали дека коригирала друга членка во друга група, која пак поставила прашање на една сензитивна тема. Притоа, под еден, нејзината корекција беше неточна (употребила србизам) и второ, изрази гордост што успеала да фати скриншот пред да ја исфрлат од групата. Некој убаво имаше искоментирано дека групата се претворила во натпревар за ловење грешки дури и таму каде што ги нема или пак е несоодветно да се критикува. Како некој којшто многу го цени својот јазик, ги поддржувам напорите да го користиме што попрецизно, но има моменти кога едноставно нема потреба од посочување на грешките, особено не кога се упатуваат со доза на омаловажување.

Да го зачуваме јазикот, но ајде малку да поработиме и на човечноста и да не заборавиме дека зад екраните, мали или големи, андроиди или ајфони, лаптопи или десктопи, сепак стојат луѓе со идентитет. Никој не сака да биде понижен, па дури ни онлајн.

Второто искуство во друга група беше многу побрутално. Се осмелив да поставам професионално прашање во група за иселеници од Македонија. 90% од одговорите што ги добив беа омаловажувачки, злобни, мрачни… Кога се обидов да дообјаснам за да ја однесам дискусијата во посакуваната насока, добивав дополнителни коментари кои само налеваа нафта во огнот. Што и да кажев беше искористено против мене. Иако знаев од каде потекнува гневот на сограѓаните во оваа група, сакав да верувам дека сепак ќе наидам на разбирање, сочувство или во најмала рака, корисен совет. Не! Добив еден куп зборови полни со деградирање. Во еден наврат, личност која што чинам е и администратор на групата, во намера да ја исмее мојата професија, се осврна на жена си која имала „исти“ квалификации, па според тоа знаел колку се таквите како неа и мене бистри. Потоа, во сред реплицирање на еден коментар бев исфрлена од дискусијата, па не ни успеав да го објавам тоа што го напишав последно. Коментирањето наводно беше стопирано, но сѐ уште добивав нови совети од други членови на кои не можев ниту да им се заблагодарам за помошта. За некои 5 минути, постот со едно 50 коментари беше сосема избришан. Права демократија.

Вистината е дека групите се во рацете на оние кои раководат со нив и почитувањето на правилата значи она што тие сакаат да значи. Апсолутно треба да има некакви правила – рамка до која ќе се придржуваат членовите, но ова однесување оди многу подалеку од тоа. Ова е наметнување моќ во заедници кои што не би биле тоа што се без луѓето во нив.

Ќе споделам уште една серија искуства од група за мајки. Ова е безбедно место за жените коишто имаат секакви прашања во врска со одгледувањето на своите деца, особено кога се најмали. Овде исто така има напаѓање и критикување одвреме-навреме, но она што е фасцинантно е тенденцијата да се слушаат само коментарите кои се во согласност со веќе оформените убедувања. На пр. „Мајки, во кој размер го мешате кравјото млеко со вода? Детето ми е 2 месеци“. Одговор: „Мајка, никако не давај кравјо млеко на толку мало дете, имаш поевтини варијанти на млеко за дохрана во ДМ (или Зегин), ќе ти дојде исто како да даваш кравјо“ (формула за пресметка вклучена). Реакција: „Ајде гледајте си ја својата работа, ако можела мајката да прави друго немало да прашува ова“. Друг одговор: „Во размер пола-пола мајка“ (не ме држете за збор за размеров). Реакција: 20 лајкови. Или, друг пример, „Дали ги тепате децата?“ Реакција: по 10-20 лајкови на сите одговори кои ја поддржуваат оваа воспитна мерка, по 2-3 на оние кои даваат корисни совети за воспитување кои не вклучуваат насилство.

Иако сум претежно само набљудувач во оваа група, заклучокот ми е дека кога советите ги даваат луѓе кои не се квалификувани за прашањата, се добиваат погрешни информации, се прави погрешна едукација и се придонесува кон одржување на некој стил на одгледување и воспитување деца кои во поразвиените земји одамна е напуштен со причина.

Од светлата страна…

Помеѓу сите злобни коментари кои ги добив во иселеничката група, имаше едно десетина луѓе кои директно ми пишаа за да ми ја претстават другата страна на нештата. Не сакаат да пишуваат коментари јавно за да не влегуваат во дискусија што веројатно од искуство знаат во што ќе се претвори, но одвоија време, некои и часови, за да ми помогнат со дилемите за кои поставив прашање.

Има луѓе и нелуѓе, секогаш и секаде. За жал, некаде преовладуваат или барем се погласни овие вториве, но мене искуството со другите ми го загрева срцето и ми ја одржува вербата дека човечноста е карактеристика којашто сѐ уште краси многумина.

Странските групи се (почесто) друга приказна. Членувам во неколку. На пример во една група за унапредување на нивото на други јазици, членовите несебично споделуваат ресурси, искуства и други корисни совети, се поврзуваат во помали групи и навистина функционираат како заедница. Во една друга група за писатели членовите си даваат таква помош и поддршка што да имате само силен интерес да напишете книга и малку склоност би успеале.

На крајот, секако има исклучоци и помеѓу македонските групи. Има една креативна група каде што не изостануваат напади и жестоки дискусии, но барем ми делуваат конструктивни во повеќето случаи.

Не членувам во сите групи на Фејсбук, а секако би било невозможно. Всушност не членувам ни во многу. Но, од она што го гледам во последно време, се чини дека стануваат простор за истурање бес и лични фрустрации. Како да се заборава што им е поентата. Реално, постојат за убави нешта – поттикнување дискусии околу теми од заеднички интерес.

Па, пред да искоментирате некаде, барем денес, обидете се да се запрашате дали навистина имате потреба да се скарате со личноста која стои зад некој профил, личност која не ја познавате и за која не би требало да правите претпоставки врз основа на profile picture.

Пишува: Ирина Мицов


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Slavica Reply

    Во потполност се согласувам со Вашите размисливања, за однесувањето на членовите од некои ФБ групи.
    Една од нив, според мене е, “Пуздер правам…од македонскиот јазик”!
    Едвај чекаат “да се нафрлат некому, како орли”.

  2. марика Reply

    Потполно се согласувам со вашите согледувања. Луѓето за се нешто имаат коментари, најчесто воопшто не соодветни за одредената тема. На крајот на краиштата, ако немаат да кажат нешто добро, зошто едноставно не молчат.
    Со странските групи е потполно поинаку. Сите коментари се потполно афирмативни и конструктивни. Членувам во повеќе групу и сум восхитена од нивната интернет култура.

Остави коментар