Животот е циркус, а сите ние сме дел од него

Животот е циркус, а сите ние сме дел од него

Можеби е докажано дека Земјата има форма на топка, но дали ќе се согласите дека Животот кој се одигрува на неа наликува на огромен циркуски шатор? А во него – многу таленти: акробати кои го ризикуваат својот живот одејќи по жица, храбри ликови кои танцуваат со опасни животни, голтачи на оган, илузионисти кои ја оставаат публиката без здив, шарени кловнови кои измамуваат насмевки, жонглери со извонреден талент, невини животни кои болката ја оставаат зад сцената, а во рингот публиката ја оставаат без здив.

Животот е циркус, а сите ние сме дел од него

Сите ние на оваа Земја сме дел од овој животен перформанс кој се одигрува под шарениот циркуски шатор. Сите ние сме учесници, само што некои од нас се публика, а некои пак се главните ликови во рингот наречен Живот. Некои од оние кои се дел од публиката, со воодушевување ја следат целата претстава, аплаудираат и се восхитуваат, а има и онакви кои жалат што платиле толкава цена за влезница, им пречи прашината која се крева наоколу и мирисот на испотените храбри циркусанти; досадно им е и едвај чекаат да си заминат, одбројувајќи ги минутите на часовникот кој бавно одбројува.

Во центарот се изведувачите, кои некогаш одлучиле да бидат малку поинакви од оние кои се само набљудувачи. Тие се сепак, малку похрабри, имаат смисла за хумор, некои од нив го совладале стравот, а некои пак се во центарот како би ја оставиле публиката без здив на ваков или онаков начин. Без исклучок, во центарот се само најупорните и сите имаат една главна цел, цел да ја придобијат публиката, воодушевувајќи ја секој на свој начин.

Сите ние сме дел од овој шарен циркус, под истиот шарен шатор, само нѐ разликува тоа што сме одбрале да бидеме – дали во центарот или надвор од него.

Сфатете ја целта на Животот. Вие кои сте дел од публиката, погледнете го наоколу шаренилото, почувствувајте ја храброста и упорноста, аплаудирајте силно за оние кои се во рингот, и доколку покажете заинтересираност и храброст можеби ќе бидете повикани на сцената. И занемарете ја прашината, грешките – тие секогаш ќе ги има додека трае циркускиот перформанс. Уживајте, за жал овој циркус само еднаш се одигрува, а се одигрува овде и сега.

Автор: Кристина Николовска Шебаљ


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Томи Reply

    во потполност се сложувам…

Остави коментар