Лиде Стојановска, туристички водич, открива 3 скриени места во Македонија што вреди да ги посетите

Лиде Стојановска, туристички водич, открива 3 скриени места во Македонија што вреди да ги посетите

Македонија најчесто ја поврзуваме со Охрид, Скопје и неколку добро познати туристички дестинации, но вистинската магија често се крие надвор од стандардните рути. Токму таму, во помалку познатите места, се чувствуваат природата, традицијата, духовноста и приказните што ја прават земјата посебна.

Лиде Стојановска е професионален туристички водич со 14 години искуство во работа со странски групи низ Македонија и Балканот.

Работи на англиски, шпански и француски јазик, а нејзиниот пристап кон туризмот е поинаков – таа не создава само тури, туку доживувања.

Во разговор за Кафе пауза, Лиде открива три скриени места во Македонија што, според неа, вреди да се посетат.

Што најчесто им недостига на туристите кога ја посетуваат Македонија?

Најчесто туристите ги посетуваат познатите места, но вистинската магија на Македонија е во скриените локации. Тоа се места каде што не одите само за да видите нешто, туку за да почувствувате приказна, природа, историја и духовност.

Кое е првото скриено место што би го препорачале?

Првото место е Цоцев Камен, во кратовскиот регион. Тоа е едно од најмистичните археолошки и природни места во Македонија. На прв поглед изгледа како необична карпеста формација, но кога ќе се приближите, се открива цел систем од врежани ниши, скали, платформи и симболи.

Се верува дека ова место било користено уште од праисторијата и дека таму се одвивале древни ритуали поврзани со Сонцето и природните циклуси. Посебно впечатлива е светлината, која во одредени делови од денот создава мистична атмосфера.

Цоцев Камен нуди и прекрасен панорамски поглед кон кратовската околина. Тоа е место каде тишината има тежина, а природата и историјата се чувствуваат како едно.

Кое место би го издвоиле како духовно доживување?

Тоа би било Старо Нагоричане. Станува збор за мало, но исклучително значајно село во североисточна Македонија, кое крие две посебни духовни и историски места.

Првата е црквата „Св. Ѓорѓи“, изградена во 11 век и обновена во 14 век. Таа е вистински бисер на византиската уметност, а нејзините фрески се сметаат за едни од највредните во регионот.

Во близина се наоѓа и испосницата на Св. Прохор Пчињски – мала пештера во природа, каде што светецот живеел како пустиножител. Денес тоа е место на тишина, молитва и длабок мир. Патот до таму е дел од доживувањето, бидејќи природата и изолацијата создаваат чувство дека се оддалечувате од современиот свет.

А кое место остава најсилен впечаток поради поврзаноста со небото и природата?

Тоа е Кокино, едно од најимпресивните архео-астрономски локалитети во Македонија. Сместено е на вулкански врв со поглед кон планините на североисточна Македонија.

Кокино е старо повеќе од 3.800 години и се смета дека служело како древна опсерваторија за следење на Сонцето и Месечината. На камените платформи се идентификувани ознаки кои се користеле за одредување на календарот, сезоните и природните циклуси.

Но, она што го прави Кокино посебно не е само научната вредност, туку и чувството кога стоите таму. Имате впечаток дека сте на граница меѓу небото и земјата. Изгрејсонцата и зајдисонцата се спектакуларни, а тишината го прави местото идеално за мир и инспирација.

Зошто луѓето треба почесто да ги посетуваат ваквите места?

Затоа што овие локации не се само туристички точки. Тие се приказни врежани во камен, природа и вера. Преку нив ја откриваме Македонија во нејзината најавтентична форма.

Понекогаш најубавите доживувања не се на најпознатите места, туку таму каде што историјата, природата и тишината зборуваат најгласно.

За авторот
Читај на раат!

Остави коментар