Соочување со родителскиот страв: Дали правам доволно за моето дете?

Никогаш не било лесно да се биде родител. Сепак, денес нештата се поинакви од порано. Имаме многу информации на дофат, многу различни канали за да ги добиваме и алатки за да се поврземе со други луѓе кои поминуваат или минале низ истото. Но, дали тоа ни го прави животот полесен и подобро нѐ подготвува за родителството?

Соочување со родителскиот страв: Дали правам доволно за моето дете?

Дефинитивно. Добрата информираност е важна за да се обидуваме да донесеме најдобри одлуки за своето дете. Почнувајќи од доењето, првите интеракции, па сѐ до заедничката игра, грижата за добрата исхрана и добриот сон – сето тоа влијае на развојот и добросостојбата на детето, сега и во иднина. Но, тоа море од информации кои нѐ учат како да се биде добар родител, знае и да нѐ преплави и да избранува и некои непосакувани чувства на површината – сомнеж во своите способности, анксиозност и на крајот, губење на самодовербата.

Ова особено се однесува на мајките, и иако најмногу се одразува на оние кои тоа го искусуваат по првпат, не ги исклучува ниту оние кои имаат побогата мајчинска кариера. А кога сме кај ова, знаете ли дека доколку ги претворите обврските на мајката околу детето во работни часови, во просек ќе добиете 98 часа неделно? Тоа се скоро 14 часа на ден поминати во грижа за некој друг. Згора на овие обврски, сите се соочуваме и со некои лични проблеми, со себе или во рамките на домот, па тоа создава дополнителен притисок. И во вакви околности, кога една мајка ќе седне да пребарува рецепти за да го подготви ручекот за нејзиното дете додека тоа ја има својата попладневна дремка, најмалку што ѝ треба се критики од другите мајки кои „знаат повеќе“. Кои продукти не одат во иста чинија, што не смее детето да јаде до одредена возраст, дали да се дои навечер, дали во јавност, дали да оди во градинка или да го чуваат баба и дедо…? Прашањата што нѐ мачат одат до бесконечност, а одговорите многупати се хаос од истражувања кои покажале спротивни резултати, експерти од иста област кои меѓусебно не го делат мислењето и искусни мајки кои, можеби без намера да навредат, критикуваат додека ги искажуваат своите ставови и сознанија.

Форумите и групите на социјалните медиуми се несомнено одлично место за информирање и поврзување со други мајки. Многу дилеми се разрешени и многу проблеми надминати во тие мали затворени виртуелни светови кои прават да ги чувствуваме за блиски и оние кои лично не ги познаваме. И додека нивното позитивно влијание не се доведува во прашање, социјалните мрежи истовремено претставуваат и платформа за критикување и споредување со другите. Некогаш другите се „полоши“ од нас, па го користиме нивното незнаење или потфрлање за да си се потапкаме со својата рака по рамо и да се восхитуваме на своите успеси како родители. За жал, неретко тие споредби одат во другата насока и нѐ тераат да се чувствуваме дека не правиме доволно или дека нешто правиме погрешно. Мора да е така, инаку како би ги објасниле сите тие совршени бебешки фотосесии споделени на Фејсбук, беспрекорно декорирани родендени кои ги прелистуваме на Пинтерест и дизајни од храна „насликани“ на детските оброци кои го преплавуваат Инстаграм!? Дали сум виновна ако немам доволно време, енергија, па дури ни волја за да ја претставам грижата за моето дете на социјалните мрежи во весели и светли бои?! Дури и ако го правам тоа, дали е доволно, премногу или премалку?!

Дали ако се инволвирам повеќе во животот на моето дете за да ги „стигнам“ другите, тоа ќе ме направи подобра мајка? Или пак, ќе ме претвори во хеликоптер-родител кој претерано се труди да го заштити своето дете и на тој начин му оневозможува да се изгради во стабилна и самоуверена личност во иднина? Од друга страна, и ограничената инволвираност може да резултира со слични негативни последици, меѓу другото со обесхрабреност, што понатаму може да влијае на самодовербата на детето. Се чини тешко е да се погоди совршената доза. А и кога самите ние ќе успееме во тоа, секогаш ќе се најде некој што мисли поинаку.

Како тазе мајка, не ги имам сите одговори за родителството и мајчинството. Веројатно и никогаш нема да ги имам. Добро е да бидеме информирани, но немаме време да бидеме во тек со сѐ. И, тоа е во ред, бидејќи мора да избереме што ќе прифатиме од сето она што го апсорбираме, и потоа низ својот воспоставен систем на знаења и вредности, ќе го примениме на нашите деца. Од друга страна, критикувањето и споредувањето се добри само кога водат до подобра информираност. Во останатите случаи, или нѐ претвораат во по малку злобни луѓе кои се ситат на туѓите неуспеси или во фалбаџиски настроени родители кои секогаш сакаат да го претстават своето дете како најдобро, најнапредно, најспособно, а себеси како најупатени.

Ако се обидеме помалку да напаѓаме и повеќе да се поддржуваме, тоа ќе води до помалку критики меѓу мајките кои ги прават работите на различен начин. Секоја од нас треба, пред сѐ, да ја најде формулата за мајчинство која функционира лично за нејзе и притоа не смееме да се заборавиме себеси во процесот. Општата формула што секоја мајка треба да ја има на ум гласи: Стани подобра за себе за да можеш да бидеш подобра за другите. Бидејќи незадоволната мајка не може да му пружи доволно среќа на своето дете. Па, затоа слободно преиспитајте си ги приоритетите и без грижа на совест закажете на фризер, појдете на џогинг или повикајте дадилка на помош. Сите заслужуваме по нешто и за себе.

Не е чудно мајките одвреме-навреме да се прашуваат дали прават доволно за своите деца. Особено во првите неколку години од животот на детето, и особено доколку не одат на работа за да ги поддржуваат домот и семејството. И најсамоувремените понекогаш си ги преиспитуваат своите одлуки и постапки. Но, тоа не излегува на социјалните мрежи. Излегуваат само блескавите фотографии со широки насмевки под силните сончеви зраци заради кои сакаме да ставиме розови очила, со цел и ние да го видиме родителскиот живот полесен. Низ розовите стакла нема расфрлани играчки по подот, исфлекана облека, валкани пелени, измачкани лица… Ги сакам тие розови очила за секој ден.

Никој не може да каже колку е доволно освен ние самите. Секој родител природно се стреми да биде најдобар што може за своето дете. Веројатно повеќето од нас прават доволно и исто толку од нас понекогаш го преиспитуваат тоа. Грижата за тоа дека можеби треба да се прави нешто повеќе не води до позитивни промени за детето. Напротив, таа може да прерасне во опсесија која ја истрошува мајката, а детето го остава помалку задоволно. Додека се прашуваме што повеќе можеме да направиме, подобро едноставно да бидеме присутни. За игра, за разговор, за многу гушкање и бакнежи.

Веќе потрошив доволно време на пишување. Одам да ја гушнам и бакнам ќерка ми и да ја изнесам на прошетка под сончевите зраци. Којзнае, можеби патем ќе испадне и некоја добра Инста-фотка. Па, сите понекогаш заслужуваме розови очила. 😉 А за вечера ќе ѝ направам палачинки. Нема да ги дизајнирам во форма на мече со очи од боровинки. Една фотографија на ден е доста за да ме потсети дека правам најдобро што можам. И, тоа е доволно.

Пишува: Ирина Мицов

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар