Признај! – Виновна. Зошто имаме тенденција да ги обвинуваме другите?

Признај! – Виновна. Зошто имаме тенденција да ги обвинуваме другите?

Кога бев мала, уште во основно, со другарките имавме една практика – секогаш кога некоја од нашето друштво нешто ќе „згрешеше“, после часови задолжително ја седнувавме на обвинителната клупа во школскиот двор. Обвинетата никогаш не беше свесна дека била свикана седница, но штом се најдеше на тоа место, веднаш ѝ стануваше јасно што ќе следува. Тие седници не беа детска игра, траеја со саати и крајната цел беше обвинетата да признае дека згрешила и со тоа да ја прифати казната – осудата од сите останати. Згрешила бидејќи кренала рака на хемија кога знаела дека друга од нас треба да поправи тројка. Кажала дека ѝ се допаѓа момчето од парк, кога знаела дека друга прва го има видено. Позајмила хеланки за физичко, а недела дена подоцна ги вратила неперени. Виновна! Виновна! Виновна! Од каде ли сме го научиле ова однесување?

Признај! – Виновна. Зошто имаме тенденција да ги обвинуваме другите?

Учиме да обвинуваме од секаде. Уште како деца родителите нѐ обвинуваат кога ќе згрешиме, кога ќе потфрлиме со оценките или кога ќе се вратиме подоцна од времето за излез. Тие и меѓу себе се обвинуваат во кавги кои ние ги слушаме. Потоа го рефлектираме тоа однесување на пријателите, колегите и конечно и на нашиот партнер и деца кога ќе пораснеме. Сепак, за разлика од обвинувањата на клупата во школски, кога сме возрасни тие можат да имаат сериозни последици на нашата личност и на нашите односи со другите.

Сите луѓе повеќе или помалку ги обвинуваат другите. Некои, дури обвинуваат и ситуации и предмети: „Да не беше столбов на сред пат немаше да си го удрам стапалото.“ Луѓето се разликуваат според тоа на каде го насочуваат обвинението: на едната страна на спектарот се оние кои никогаш самите не се виновни за ништо и секогаш вината ја префрлаат на други, а на спротивната страна се оние кои сметаат дека за сѐ што не им оди добро во животот виновни се тие самите. И едното и другото не е добро и не е здраво за личноста.

Во најголем број случаи, обвинувањето на другите е реакција на нашиот одбранбен механизам. Подобро да ја преземеме моќта и да обвиниме некој друг за лошиот исход од нешто, отколку да се направиме себеси ранливи и да ја признаеме грешката, што пак ќе нѐ обезмоќи. Колку и да делува ова природно, во суштина се случува обратното. Ние само привидно ја земаме контролата во свои раце во моментот, но на долг рок тоа нѐ прави послаби, со помала самодоверба и без шанса вистински да созрееме како личности.

Но, ако не обвиниме тогаш треба да преземеме одговорност. А тоа бара храброст. Потребна е доблест, понизност, наместо да се води обвинителна битка во која топката постојано ќе се префрла од едната на другата страна, да се погледне прво кон себе. Да се исправи огледалото директно пред нашето лице и да се запрашаме: „Која е мојата улога во оваа ситуација? Дали јас со нешто го предизвикав ова? Дали можев да направам нешто за да не дојде до овој проблем?“ Најчесто одговорите би биле потврдни, но ретко кој од нас го прави ова.

Јас сум застапник на теоријата дека во повеќето животни ситуации, несогласувањата и проблемите се резултат на сплет од околности сместени во сивата зона. Онаа зона каде што никој не е виновен и секој е по малку виновен што дошло до нешто. Секако, тука не мислам на ситуации во кои едномислено возачот на автомобилот е виновен за прегазениот пешак. Но, ако размислите, обвинувањето е процес кој е многу присутен во нашите животи на секојдневна база. Го обвинуваме шефот за нашата несработена работа бидејќи не ни одговорил навреме на мејлот, ги обвинуваме и колегите бидејќи доцнат со задачите од проектот на кој заеднички работиме. Ги обвинуваме родителите што не ни овозможиле повеќе во животот. Нашите браќа и сестри кои кажале или направиле нешто на одреден начин, што не се совпаѓа со начинот на кој ние би го направиле истото. Најчесто од сите е обвинувањето помеѓу партнерите. „Си го оставил прозорецот цела ноќ, па затоа сега сум целата изедена од комарци!“ „Си искочил со другарите, а немаш време да излезеш со мене.“ „Два саати ги оставив децата со тебе и доаѓам дома, а тие само што не се испотепале меѓу себе!“

Обвинуваме. Секој ден. Обвинуваме за да не бидеме обвинети, за да си го заштитиме егото, за да го задржиме достоинството. Понекогаш обвинуваме по навика.

Научно е потврдено дека обвинувањето делува како зараза, колку повеќе го правиме тоа, толку повеќе се шири и на другите луѓе. Притоа, во процесот на обвинување ние се претставуваме како подобра личност, а другата страна како полоша. И кога истата приказна ќе ја раскажеме повеќе пати со обвинувачки тон, на крајот завршуваме со сценарио во кое на другата личност сме ѝ припишале еден куп особини кои не се нејзини, додека себеси сме се исполирале до совршенство. Ни олеснува кога раскажуваме за тешките ситуации, и тоа одвреме-навреме е потребно и корисно за нашата душа. Но, ако тоа го правиме премногу често, всушност забораваме да се посветиме на себеси, да работиме на својот развој во секоја смисла. А на личноста за која толку пати веќе сме ја раскажале истата приказна всушност сме ѝ налепиле еден куп особини кои сме ги одлепиле од својот карактер. Затоа е потребно огледалото, да видиме кои сме ние пред да фрлиме огнена топка кон другата страна на собата.

Да се навратам на моите другарки… Сега, после 20 и кусур години, сѐ уште се дружиме. Дел од нас на различни места од светот, сепак сме заедно за големите работи. За убавите и неубавите. Нашето другарство ја преживеа и надживеа обвинителната клупа. Но, во светот на возрасните, обвинувањето до бескрај ги расипува врските. Некогаш неповратно.

Па, помалку обвинувајте, повеќе разбирајте за да ги задржите луѓето кои ви значат и за да ја одржите хармонијата со луѓето околу вас. Сите сме виновни понекогаш и за нешто. И јас сум виновна за многу работи во животот. Сепак, сум само човек, па се обидувам да не се обвинувам премногу себеси поради тоа. Немојте ни вие!

Пишува: Ирина Мицов


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар