Двоен родов стандард: Зошто седата коса е секси на мажите, а ги остарува жените?

Се сеќавам дека бев во средно кога почнав да ја фарбам косата. Црна, црвена, руса, портокалова, шарена… Експериментирав зашто тоа го прават младите девојки. Сакаат да го менуваат изгледот во зависност од моменталните трендови и лично чувство. Во еден момент ми се смачи од обврската за редовно фарбање, мачното расчешлување и криењето на подраснатите корени помеѓу две „шлакања“. Престанав и се чувствував ослободено. Не знам со која боја на коса изгледав најдобро, ама знам со која најдобро се чувствувам – со мојата.

Се радував неколку години на слободата, кога еден ден некој ми забележа долго бело влакно во косата. Без размислување побарав асистенција во скубењето. Арно ама, кога ќе се појави првото, брзо доаѓаат и другите. Скубни ваму, скубни таму, веќе станаа побројни и побрзи од мене. Толку беше од слободата. Стареам и набрзо ќе треба да преземам нешто околу ова – ми беше првата мисла. Но, поминаа година-две од првото бело влакно и еве уште не сум посегнала по фарбите за коса. Причината е едноставна – сакам да уживам во слободата колку што е можно подолго.

Двоен родов стандард: Зошто седата коса е секси на мажите, а ги остарува жените?

Но, кој вели дека седата коса воопшто мора да се фарба? Фризерите, пријателите, стандардите за убавина и одржување на младоста кои не сме сигурни од каде потекнуваат?

Истражувањата покажуваат дека побелувањето на косата ги остарува жените двојно повеќе од мажите, поточно жена со значителен број бели влакна во косата ќе изгледа за 6 години постаро, додека маж со исто толку побелена коса ќе делува постар само за 3. Повеќето жени посегнуваат по фарбите за коса уште во првата година откако ќе забележат бели влакна, додека, статистички, само еден од тројца мажи ќе се загрижи за оваа промена. Нив пак, повеќе ги загрижува ќелавењето.

Па, кој е крив за ваквите перцепции и на што се должат?

Ние жените сме под постојан притисок од козметичката индустрија дека треба да користиме многу производи за нега и убавина за да изгледаме привлечно. Тука спаѓаат и фарбите за коса кои многу често ги таргетираат токму жените со побелена коса. Кога нешто се презентира како прв и единствен чекор кон третирање на одредена појава, не е ни чудно што многу жени не размислуваат пред да ја донесат одлуката да почнат да ги маскираат првите знаци на стареењето. Но, стареењето е природен и неизбежен процес и од него не се поштедени ни мажите. Причината што тие понекогаш изгледаат подобро со сива или бела коса не е заради бојата на нивните влакна на главата, туку заради она што тие постанале во процесот на созревањето – посамоуверени, поискусни, помудри, со еден збор – мажи. Момчињата се згодни, но мажите се секси. Жените сакаат мажи. Дури 72% од жените во едно истражување признале дека ги сметаат мажите со побелена коса за секси. Ова упатува на тоа дека и самите жени се „виновни“ за ваквата перцепција. Тие често сакаат зрели, стабилни и достоинствени мажи кои истовремено можат да им обезбедат заштита и добар живот. Побелената коса е само една карактеристика која ги опишува ваквите мажи и не е нужно фактор за нивната сексапилност.

За жал, културата нѐ учи дека мажите се посекси кога се постари, додека жените се најзгодни во врвот на нивната репродуктивна способност – во текот на дваесеттите. Кога станува збор за седата коса, општо прифатеното гледиште е дека колку таа е побела, толку мажот што ја носи е посекси. Кога жената ќе го дозволи природното побелување на косата, таа се смета за несредена, запуштена или „луда“. Во светот на бизнисот, мажите со седа коса се сметаат за впечатливи и моќни, а нивните колешки за стари и изморени.

Уште еден фактор со силно влијание врз перцепцијата за белите влакна е величањето на холивудските примери во медиумите. Но, тие луѓе се всушност исклучок, а не правило. Со години се коментира изгледот на Џорџ Клуни, кој „станува сѐ посекси како што старее“. Па, сега веќе многу славни личности со т.н. Клуни ефект се сметаат за „сребрени лисици“, додека жените се обидуваат да го возвратат ударот оставајќи ги своите бели влакна кога излегуваат на црвениот тепих.

Се чини нефер што една природна појава која скоро истовремено ги стигнува и мажите и жените, на околу 33-34 години, создава толку различна родова перцепција. Зошто жената треба да се чувствува дека нема избор откако ќе ги забележи своите први бели влакна, а мажите се секси дури и кога шарениот дезен е застапен на нивното лице и гради? Зошто на мажите им е дозволено да стареат, но не и на жените?

Дури и птичјиот свет не е имун на оваа перцепција. Неодамна британските орнитолози откриле дека група птици белеат како што стареат и тоа ги возбудува нивните женски припаднички.

Но, во човечкиот свет, жените имаат избор. Можат да се фарбаат или да ја остават својата седа коса да блеска со самоувереност. Можат да изберат да почекаат или да ги прикриваат белите влакна привремено, само за одредени прилики. Имаат право да прават со својата коса што сакаат и не му должат објаснување на никого кој мисли поинаку. Стареењето не е срамно за жените, а посакувано за мажите.

Единствената вистина е дека убавината е субјективна и некои луѓе стареат и белеат подобро од други, без разлика на полот. Годините сите ќе нѐ стигнат, без разлика дали ќе го прифатиме стареењето или ќе се обидуваме да го прикриваме со скапи препарати, третмани и фарби за коса. Жените не треба да чувствуваат притисок дека треба да изгледаат како да имаат 25 на 40, а мажите можат да продолжат да белеат природно или да одлучат да се фарбаат. Како што жените имаат избор, имаат и мажите. Важно е да се трудиме да изгледаме добро и средено, а тоа не го одредува бојата на нашата коса. Тоа го одредуваат нашите перцепции.

Пишува: Ирина Мицов

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар