Бидете pun-тастични со Дебелиот крај: Смеењето и хуморот се извор на доброто расположение
Добра и лоша смисла за хумор
Многу луѓе постојано се жалат дека во нашето општество е полно со лош, вулгаризиран хумор наменет за „проста маса“. Но, како да го издвоиме лошиот хумор од квалитетниот? Која е разликата? Според Наско и Симе, не постои поделба на добра и лоша смисла за хумор.
„Секој човек е на некој начин и критичар, а денес тоа е особено популарно поради слободата што ја даваат социјалните мрежи да си кажеш што ти лежи на душа. Не би рекле дека постои лош и добар хумор. На некои луѓе им се смешни едни работи, а на други – поинакви, сѐ зависи од вкусот. Тоа е исто како пица со ананас: Има луѓе на кои им се допаѓа вкусот, а исто така има и нормални луѓе…“, се шегуваат Дебелиот крај.
Јадете пица со ананас? Ќе ве оставиме да размислите пред да одговорите 🙂
Македонската смисла за хумор
Кога ќе помислите на македонскиот хумор, сигурно веднаш на памет ви доаѓаат „Хихирику“, „К-15“, „Фчерашни новости“, култните театарски комедии „Солунски патрдии“ и „Чорбаџи Теодос“, црните филмски комедии „Балканкан“, а од новите и „Исцелител“. Сите овие хумористични дела се различни, но ги обединуваат неколку заеднички карактеристики: Иронијата, критикувањето на политичката власт, исмејувањето и пародичните елементи. Со тоа се согласуваат и Дебелиот крај.
„Ние како нација имаме висока доза песимизам, скептицизам и циницизам, а поради тоа има многу хумор кој е честопати мрачен и ’мрсен’. Сепак, сите комичари имаат уникатна и различна смисла за хумор. Секому му ’фаќа око’ она што него лично го засмејува, а не некој друг.“

„Се смеам за да не заплачам“ е идеалната реченица што го опишува хуморот на македонскиот народ кој е експерт за шегување на своја сметка, но и за критикување на негативните елементи во општеството. Тоа е всушност и главната цел на хуморот: Да исмее и искритикува нешто, но на забавен и суптилен начин. Сепак, Дебелиот крај гледаат да се држат понастрана од исмејувањата.
„Моментално хуморот во Македонија е претежно политички настроен, а нам, како и на многу луѓе, ни е преку глава од секојдневното ’препуцавање’ во стилот на ’овој направил ова’, ’оној направил она’. Гледаме да се смееме на едноставни работи, искрени работи, како и некои од шегите да бидат на наша сметка“, признаваат Дебелиот крај.
Најубаво е кога можете да се шегувате на своја сметка. Ние би додале и дека не треба да им се смеете на луѓето, туку да се смеете заедно со нив!

Она кога си депресивен ама друштвото те тера да дојдеш на забавата
Дебелиот крај ви препорачува…
Доколку сакате да си го подобрите расположението и слатко да се изнасмеете, ова се препораките на Дебелиот крај:
ТВ СЕРИИ
1. „Добро место“ (The Good Place)
2. „Бруклин 9-9“ (Brooklyn Nine-Nine)
3. „БоЏек Хорсмен“ (Bojack Horseman)
КОМИЧАРИ
1. Бил Бур
2. Џим Џеферис
Тоа беа хумористичните предлози на Наско и Симе, а наш предлог е да ги откриете мистериите на универзумот заедно со Дебелиот крај и Пеце од Суперхикс. Останете pun-тастични!





























