Приказни во градот

Приказни во градот

Автор: Весна

Денес, како и секој ден, работниот ден ми започна рано, за мене рано бидејќи легнувам доцна, заспивајќи на лаптопот кој го купив специјално за спремањето на мојот мастер труд. Додека алармот ми ѕвони, јас само ја протегнувам раката кон мојата ќерка која спие до мене со румените топчести обравчиња, совршени за утринско бакнување и ја будам. Или таа мене: „….мами стани, се успавме, часот ќе ми започне за 25 минути“. Се погледнуваме, насмевнуваме, се заблагодарувам на Господ што и ова утро сум будна и имам волја, верба и надеж за да го земам денот во свои раце… Барем се учам после тешкиот развод, борбата за детето, долгите расправии и тужби за материјалното.

Приказни во градот

Кога го спакував куферот на брачниот живот, сè што зедов со себе беа нематеријалните вредности… малку здравје, со цел да го подобрам, многу надеж и верба во подобро утре, вербата во себе дека сум храбра да го минам ова искуство, малото раче на ќеркичката и сила да се соочам со трачарските муабети на загрижените души за мојата лична несреќа, која за нив беше ексклузивна вест, на секој дадена од прва рака.

И да објаснам веднаш – и сега кога мина најголем дел од тешкотиите и живеам со гордо крената глава и свесна за својата будност, одговорност… И сега кога знам од какво сивило излегов и почнувам да го гледам светот со подруги бои, со еден брак зад себе, едно детенце до себе, многу љубов во себе и моќ да простам и храбро да му погледам на минатото во очи, СЕГА И ОВДЕ ЈА ИМАТЕ НАЈГОЛЕМАТА ПОБОРНИЧКА ЗА СЕМЕЈСТВО, СЕМЕЕЕН ЖИВОТ, БРАК ОД ЉУБОВ. Брак исполнет со почит, разбирање, одрекнување, крунисан со доверба и грижливост на двата партнера.

Можеби ова ќе ви звучи излитено и сто пати прочитано, но кај мене има еден момент, јас тоа го зборувам од искуство, од лично и споделено од мои драги пријателки и пријатели кои го минуваа патот со мене. Одеа по мојот пат на созревање и учење на сопствени грешки. НАЈТЕШКИОТ и не единствениот, ако знаете да се учите од туѓите грешки. Помалку болат, помалку чинат… Сè што треба е да верувате во своите одлуки кои ги носите или уште поважно, да започнете да носите одлуки со цел да се зацврсти љубовта во себе, кон Бог, несебично дарувајте ја и тогаш кога ја примате. Се враќа во огромни размери.

И да, за крај една молба, а можеби совет… секојпат кога ќе посегнете по туѓата приватност, по нечиј брак или развод, кога ќе се осмелите да оцрните или неуспешно да омаловажите некоја мајка, татко, брачен другар кој останува сам, без разлика на причините, нека ви светне дека вие зборувате за вас, за вашата мајка, вашата сестра, вашиот најблизок.

Почувствувајте дека тоа што ќе го кажете и не сте сигурни дека е некоја вистина, а ве боли и продолжете да бидете во центарот на вниманието додека пиете кафе, ручате и зборувате со вашите пријателки…

Како што сега тоа го прават 4 пријателки на соседната маса до мене во пицеријата во која се дружам со мојот лаптоп, чекајќи ја мојата мала принцеза да заврши со часот по француски. Им благодарам што ме поттикнаа да сум продуктивна од нивната интересна тема за разговор кој го слушаа три соседни маси. И знаете што? Знаете ли што е најинтересното? Што ме спомнаа мене… Да, да и мене не ми се веруваше. ВЛАДЕАТ СО МАТИЧНИ ПОДАТОЦИ ОДЛИЧНО, која сум и што, зборуваа како да ме познаваат, а седам до нив. И не ме познаваат, ниту јас нив. Овој пат зборуваа за мојата храброст и…

Дојде времето кога требаше да одам… а може ќе кажеа лага или вистина… Уморна сум и веќе е 20 часот, не би сакала да се срамам од нив самите и да слушам за мојот живот. Го затворив мојот пријател, платив и заминав со насмевка. Конечно не ме допираат „вистините“ од луѓето кои „ме познаваат“.

ВИ БЛАГОДАРАМ ДАМИ, 14 часа од моето будење, 8 работни часа и 6 активни часа со принцезата моја, а јас се движам лесно, душата ми се смее. Денес го открив моето ново Јас, мојата силна страна. Ги имам и слабостите, но тоа друг пат, ако ви се допадне оваа моја вистина ќе продолжам да ви пишувам за мене и мојата вистина. Од мој агол. Можеби и ќе се пронајдеe некој/а… Ве поздравувам и верувам дека кај секоја личност има добрина… само треба да се пронајде.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Marina Gj Reply

    100% slicnost so mojot zivot!!!! 🙂

  2. 123 Reply

    Нее.. нема потреба од пишување и исповедање на твојата вистина… Реално, секој има падови и успеси во животот, ама до толку да се замара човек кој што рекол за него, па уште од некој/а што не те познава воопшто, абе ајде, глупости. Има многу по интересни, по паметни и по корисни работи со кои може човек да се занимава. Текстов како да го напишала некоја тинејџерка од 13 год.
    Со конетаров немам намера да навредам туку само го кажувам своето мислење. поздрав

  3. Ели Радеска Reply

    Многу реална колумна, која се надевам ќе инспирира и ќе им даде сила на многу жени кои поминуваат низ слична ситуација. Луѓето секогаш ќе зборуваат, што и да направиш, дури и да не направиш, не им треба повод и причина на оние кои најпрво не си го гледаат сопствениот живот и своите проблеми. И секако дека ќе допрат до тебе. Ете, некој ќе се дрзне да зборува за твојот живот а ништо од тоа не искусил самиот.
    Ти се восхитувам на борбеноста и силата. А најважно е што од колумнава извлекуваме поука, да не се губи надеж во љубовта, да не се крева раце од сопствениот живот и од себеси, секогаш да им обрнуваме внимание на убавите работи, нашите најблиски за кои вреди да бидеме храбри и борбени. Реална слика на една современа жена.
    Поздрав, и се надевам дека повторно ќе споделиш со нас некоја твоја вистина, приказна или став. 🙂

  4. Александар Reply

    Мојот коментар е краток:
    Големите луѓе зборуваат за идеи.
    Просечните за предмети.
    Малите за други луѓе.
    Поздрав!

    • 123 Reply

      Тоа е тоа… кратко и јасно кажано.

Напиши одговор на 123 Откажи одговор