Облини, ќе ве молам

Облини, ќе ве молам!

Неодамна наидов на примамлива вест, се здебелуваат куклите на излозите. Интересна работа, или подобро кажано, фала Богу што некој презеде ваква иницијатива. Па ни една нормална жена која може да ги извршува најосновните функции, на пример да дише, оди, раѓа свое потомство, не може да има тело ни слично на куклите од излозите. Па добро де, затоа се викаат кукли, а не се луѓе. Да бевме кукли ќе можеше да бидеме формирани онака како што сакаме. Ама извинете, јас не ја гледам тука убавината.

Кога гледаш како манекенките се движат на своите стапчиња, страв те фаќа да не се скршат. Ти доаѓа нагон да им дадеш да јадат. На, еве, земи го мојот ручек, само те молам немој да се прекршиш на пола… или на повеќе делови. Всушност се чувствуваш благословено што можеш да јадеш, и тоа што ти душа сака.Облини, ќе ве молам!Живееме во време кога е многу лесно да бидеш „совршен“ на слика. Постојано сме опкружени со „совршени“ манекенки, актерки, пејачки. Колку и да имаш цврст карактер, ќе доживееш макар еден единствен момент на несигурност поради фотошопираното тело на модел од Викторија Сикрет. Модерното време ни врши и тоа каков притисок да бидеме глупави и плитки. Не сме навикнати на големи бутини, ниски девојки кои рекламираат фустани или крупни жени во костими за капење. Па за да си го храниме сопственото его маваме јаки критики на сè што се појавува на ТВ или шета по улица. Сме се научиле да реагираме на секоја, макар најмала доза на „несовршенство“. А оној кој се дрзнува да критикува каква било маана, слободно нека си прошета пред огледало.

Како што со тек на време се менува и технологија, и мода и сè живо, така се менува и сфаќањето за убаво и привлечно женско тело. Направив едно мало истражување, па ако правиме ретроспектива, тоа би изгледало некако вака:

Урсула Андрес, Софија Лорен, Ракел Велч, Бети Пејџ, Џејн Менсфилд, Брижит Бардо, и секако Мерлин Монросекс симболи во 50-тите и 60-тите.Облини, ќе ве молам!Фара Фосет, Ким Бесинџер, Кели Ле Брок, Брук Шилдс – од 70-тите и 80-тите.Облини, ќе ве молам!Клаудија Шифер, Кејти Ајрленд, Наоми Кембел, Кејт Мос, Кристи Тарлингтон, Шерон Стоун – од 90-тите.Облини, ќе ве молам!Од новиот век: Моника Белучи, Анџелина Џоли, Скарлет Јохансон, Кели Брук…Облини, ќе ве молам!На некој начин ми се создава спокој во душава и многу ми паѓа мило, знаејќи дека облините се повторно „ин“. Зборувам за жените кои знаат како да ги „носат“ своите облини и ги вратија во мода. Почнувајќи од Бијонсе, Џенифер Лопез, Алиша Кис, Ники Минаж, Серена Вилијамс, Ким Кардашијан… (еден Господ знае колку ми гази на нерви оваа последнава, ама се вклопуваше во концептот). И моделите не се исклучок, земете ја за пример Робин Лоули. Ало луѓе, plus size е сосема во ред, не е смртоносно. Не знам што е секси во кревки коски кои изгледаат болно. Колкови, задник, гради, тоа е веќе женствено.

Заклучок?

Сите сме различни, не сме од исти калап. Високи, ниски, со облини и без, со големи гради или мали, со поголема или помала килажа, ама тоа е тоа што нè прави единствени, секоја дама – прекрасна на свој начин. Затоа има и различни вкусови, за секое тенџерче – капаче. Универзален критериум за совршенство и убавина нема. Од слаб можеш да бидеш уште послаб, од убаво и скапо облечен секогаш има „по“. Она што е важно е да си задоволен со самиот себе. Токму тоа е главната порака и мисла која сакав да ја пренесам денес. Какви и да сте, бидете свои, бидете единствени, бидете горди на тоа што сте. Потенцирањето на облините денес ми беше со една цел – да се пренесе таа порака, да престанат да се идолизираат телата кои се кожа и коска и да не се мотивираат младите да држат диети до изгладнување. Важно е како ја пренесувате таа ваша внатрешна енергија, кај и да сте, какви и да сте, што и да правите, движете се како кралици, бидејќи токму тоа и сте, кога не им робувате на комплексите.

„Ум царува, ум робува, ум гуски чува.“

До следното читање,

Вашата Ели.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар