Филм: Мрачни умови (The Darkest Minds)

Филм: Мрачни умови (The Darkest Minds)

По застрашувачка чума што убива 90% од децата под 18 години, оние што преживуваат добиваат неверојатни моќи и способности

Режија: Џенифер Ју Нелсон

Улоги: Амандла Стенберг, Харис Дикинсон, Скајлан Брукс, Миа Чек

Времетраење: 104 минути

Премиера: 3 август 2018

Јазик: англиски

Жанр: научна фантастика, трилер

Наша оценка: 7/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (1 гласа, просек: 10,00 од 10)
Loading...

 

Ако сте расположени за уште една добра филмска адаптација на книга за млади возрасни, тогаш оваа научно фантастична дистопија ќе ви дојде како одличен викенд филм за уживање со најблиските. Приказната започнува со чума што ги напаѓа само децата, од која ќе преживеат многу мал процент, околу 10%. Тие што ќе преживеат се засекогаш сменети, бидејќи добиваат уникатни моќи според кои се класифицирани во пет категории – зелена, сина, жолта, портокалова и црвена. Боите доаѓаат од нивните очи, додека тие ги користат своите моќи.

Децата од зелената категорија се сметаат за најмалку опасни, бидејќи тие се само екстремно паметни, особено во областа на природните науки. Оние во сината категорија имаат способност за телекинеза, а во жолтата за електрокинеза, односно контрола на струјата. Тие се наоѓаат малку повисоко на степенот за безбедност, поради можноста да направат штета, но сепак, им се дозволува да живеат. Портокаловите и црвените пак, се убиваат на лице место, бидејќи едните имаат моќ за контрола на умот, а другите – способност за пирокинеза, односно контрола на огнот.

Бидејќи владата не знае како да се справи со децата, тие се носат во специјални кампови каде што се прават секаков вид истражувања на нив со цел да се најде лек. Но, шест години подоцна, ништо не е сменето. Поголемиот дел од децата што преживеале живеат во кампови или пак, се обидуваат да преживеат на отворено, бегајќи од ловците што постојано се обидуваат да ги вратат назад во камповите за парична награда.

Дејството се врти околу Руби (Амандла Стенберг), портокалова девојка со неверојатно силна моќ, што успеала да ги измами научниците и војската дека е зелена за да се спаси. Но, откако ќе ја откријат вистината за неа, една од докторките ќе ѝ помогне да избега, по што ќе се најде со мала група деца, Лијам (Харис Дикинсон), кој е син, Чабс (Скајлан Брукс), кој е зелен, и Зу (Миа Чек) која е жолта. Заедно, тие ќе се обидат да си најдат безбедно место за живеење, додека истовремено, ќе ни дозволат и да ѕирнеме во нивните животи, како и да дознаеме што сè требале да направат за да преживеат.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар