Филм: Икс-Мен: Апокалипса (X-Men: Apocalypse)

Идните херои под водство на професорот Икс и Мистик се соочуваат со Апокалипса и неговите 4 јавачи со цел да го спасат светот од глобална катастрофа

Филм: Икс-Мен: Апокалипса (X-men: Apocalypse) Режија: Брајан Сингер

Улоги: Џејмс Мекавој, Мајкл Фесбендер, Џенифер Лоренс, Николас Холт

Времетраење: 147 минути

Премиера: 19 мај 2016

Jазик: англиски

Жанр: акција, авантура, научна фантастика

Наша оценка: 8/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (11 гласа, просек: 7.91 од 10)
Loading...

Спиејќи скоро цел милениум, првиот мутант на светот – Ен Сабах Нур (Осакр Исак) повторно се враќа во живот и е незадоволен од текот на настаните во последните неколку векови. Претставен како синоним за сите имиња на Бог, а всушност неговата поларна спротивност, Ен Сабах Нур или Апокалипса одлучува да ги преземе работите во свои раце и да ги искористи своите моќи за да го оствари она што по неговата ментална слика го смета за добро.

Како што ги регрутира 4-те јавачи на апокалипсата, Професорот Икс (Џејмс Мекавој) и неговите студенти мораат да најдат начин да ги запрат силите на злото кои сакаат да му стават крај на светот кој го познаваме.

Филм: Икс-Мен: Апокалипса (X-men: Apocalypse)

Сместен во 80-тите години на минатиот век, „Икс-Мен: Апокалипса“ е филм кој го следи добро познатиот шаблон од претходните филмови кои ги разработуваат приказните за (не)згодите на мутантите, но и луѓето, како и препознатливиот режисерски стил на Брајан Сингер: Ја претставува приказната за потеклото на херојот и подемот и падот на негативецот. Постои еден искрен квалитет на сензибилноста која понекогаш се манифестира како видлива темнина која ги двои, но и ги спојува пријателите и непријателите.

Филм: Икс-Мен: Апокалипса (X-men: Apocalypse)

Ги гледаме Професорот Икс и Магнето (Мајкл Фесбендер), но ги гледаме и одлучниот и тврдоглавиот идеалист Чарлс и прагматичниот Ерик кој функционира по принципите на Макијавели – две спротивни страни на паричката кои од себе го вадат најбазичното, најдоброто, најлошото и најчовечното. Ги гледаме Мистик (Џенифер Лоренс) и Ѕверот (Николас Холт), но ги гледаме и бестрашната хероина Рејвен и физички, но и психички силниот Хенк.

Филм: Икс-Мен: Апокалипса (X-men: Apocalypse)

Можеби поинтимен конфликт би бил посоодветен за сценариото, доколку се земе предвид тежината која самиот филм како проект и уметнички производ ја носи, но можеби тоа е проблем инхерентен и забележлив само во тимската динамика на Икс-Мен. Франшизата, по својата структурна природа, претставува неколку херои чии ликови не се подредени по нивната историска важност која ја црпат од оригиналните стрипови, туку по минути поминати на филмското платно и холивудската важност и хиерархија, што понекогаш може негативно да се изрази на квалитетот на финалниот производ.

Филм: Икс-Мен: Апокалипса (X-men: Apocalypse)

Сѐ на сѐ, „Икс-Мен: Апокалипса“ е филм кој е прифатлив завршеток на трилогијата која стои како почеток на светот кој го следиме уште од 2000-тата година и ги задоволува очекувањата и желбите на секој фан чија посветеност се отсликува во возбудата дури и за најситните детали. Но, доколку идејата за продолжената Дарвинова еволуција на човекот ви делува невозможно, неверојатно, фантастично, па дури и магично, тогаш веројатно нема со нетрпение да го очекувате појавувањето на секој нов лик чие сценско присуство и животна приказна постепено ќе ве доведат до кулминацијата.

Мутанти и горди на тоа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар