Плејлиста за релаксација: Опуштете се по напорниот ден со извонредниот музички избор на Гаро Тавитјан

Музичкиот талент на Гаро Тавитјан Јуниор е неоспорлив, а доказ за тоа е и неговиот успех на македонската, но и на светската музичка сцена. Во придружба со брат му Диран или заедно познати како Браќата Тавитјан, можат да се пофалат со бројни турнеи и настапи низ Балканот, Европа и Америка. Според австриските музички критичари, Гаро може слободно да се рамни со светски познати музичари како што се Мајкл Болтон и Ерик Клептон, благодарение на неговиот извонреден албум „Personal View“ кој бил оценет со 5 ѕвезди.

Плејлиста за релаксација: Опуштете се по напорниот ден со извонредниот музички избор на Гаро Тавитјан

Како еден од најдобрите македонски тапанари, Гаро остави белег кај македонската публика и по неговото учество во незаборавниот проект во три дела „Македонското срце чука во 7/8“, во кој заедно со татко му Гарабет Тавитјан и брат му Диран ги соединија познатите балкански ѕвезди преку традиционалниот звук на македонската народна песна. Освен тоа, Браќата Тавитјан се учесници и во трибјут-албумот за Мајкл Џексон, проект организиран од страна на клавијатуристот на оваа музичка легенда, во кој учествуваат голем број светски имиња од музичката сцена. Тие снимиле спот и песна во Атланта, која сите со нетрпение очекуваме да излезе наредната година.

Плејлиста за релаксација: Опуштете се по напорниот ден со извонредниот музички избор на Гаро Тавитјан

Гаро секојдневно неуморно работи во неговото студио и иако музиката се смета за најдобар лек против стрес и нервоза, сепак тој практикува и други начини на релаксација. Покрај тоа што неговото студио е постојано исполнето со позитивна и опуштена енергија благодарение на честите гости што му доаѓаат, тој обожава да пешачи и да ужива во некој добар филм или документарец. Можеби ќе ве изненади фактот што Гаро исто така се занимава и со веб-дизајн, а во тоа можете да се уверите и самите доколку го посетите неговиот официјален веб-сајт.

Плејлиста за релаксација: Опуштете се по напорниот ден со извонредниот музички избор на Гаро Тавитјан

Овој пат, Гаро несебично ни дозволи да ѕирнеме во неговиот музички свет со тоа што ни откри кои се неговите омилени песни за релаксација и бегство од реалноста. Слушнете ја неговата фантастична плејлиста на песни кои веруваме дека особено ќе им се допаднат на љубителите на џез и авангардната музика, но нема сомнеж дека ќе ги заскокоткаат сетилата и на сите оние кои знаат да уживаат во добрата и квалитетна музика. Уживајте…

1. Pat Metheny – Dream Of The Return

„Композиција која плени со својот сензибилитет и начин на изведба. Текстот изобилува со мистифицирана приказна за љубовта, но со двосмислена порака поради тоа што во истиот опис се присутни и убавините на планетата. Хармонискиот богат опус и преубавиот глас на Педро Азнар се само доказ за нежноста и високата естетика во авторството на светскиот Пет Метини (18 пати добитник на Греми) и неговиот пијанист Лајл Мејс. Овој авторски двоец е зачетник на концепт музиката во џез и ворлд правците, а во нивната музика можат да се почувствуваат фолклори и влијанија од целиот свет, бидејќи како што велат тие ‘Ние живееме низ целиот свет’. Секој пат кога ја слушам, оваа песна ме носи во еден друг свет, еден реален свет каков што би требало да биде за сите нас. Музиката ја има таа сила да нѐ однесе во други чувствувања. Дефинитивно оваа песна ќе ве релаксира.“

2. Lyle Mays – Close To Home

„Се работи повторно за легендарниот Лајл Мејс, пијанист кој е еден од револуционерните композитори и иноватори особено во 80-тите и до ден-денеска. Тој беше соосновач на светски позната група ПМГ (Пет Метини Груп) која е позната како автор на филмска музика, но и самите нивни проекти оставаат впечаток на филм во кој нивната музика е еден саундтрак на највисоко можно ниво од аспект на стручното познавање на хармониските, инструментални и композиторски аспекти. Многумина низ светот ги оценија како генијалци, но сепак овие композиции и нивното творештво говори само за себе. Лајл во оваа композиција особено ја изразува суптилноста на емоцијата низ прекрасните хармонии и една многу нежна мелодија. Дефинитивно композиција со која може и да се медитира.“

3. Jay Oliver – Tribute

„Дефинитивно еден од најзаслужните нови автори и иноватори во фјужн и модерната џез музика во светот. Тој е редовен аранжер и композитор на многу песни на светски познатиот тапанар Дајв Векл и затоа во оваа прилика морам да ја издвојам како песна на моето детство бидејќи албумот Hard WIred (Dave Weckl) е снимен во 1994-та и секако побарајте ја студиската верзија во која колоритот на инструментариум како саксофон, гитара без прагови и контрабас (John Patitucci) во дует и тапаните на Дејв си го направија своето. Оваа верзија е соло верзија на пијано од самиот автор кој беше дел од тие проекти на Дејв Векл. Оваа прекрасна балада е само уште еден показател за храбрата позитивна енергија ширум светот која низ призма на џезирани ноти беше мејнстрим насекаде низ светот во авангардните и високо изградените естетски кругови.“

4. Dave Weckl – SImple Prayer

„Кога веќе го споменуваме Дејв Векл, кој е великан на тапаните и револуционер во дизајн на новиот звук во студиската индустрија во светот, секако дека ќе ја издвојам оваа емоционална балада која се наоѓа на неговиот албум ‘Synergy’ каде исто така двоецот Џеј Оливер и Векл повторно направија ремек-дело. Дејв, иако беше мој идол, ја имав таа шанса да го запознам и да станам негов личен пријател низ текот на овие години и моите интернационални патувања. Генијалноста и префинетоста на неговиот израз во перформансот е тема помеѓу светските стручњаци во последниве 30 години, како и неговиот сопствен стил кој е многу елегантно искристализиран. Би кажал само дека тој човек го смени животот на многу денешни артисти со неговото влијание и богато творештво. Легенда е зборот што е најадекватен за да го опише.“

5. Dave Weckl – Auratune

„Океј, повторно Дејв, но секако тоа е она што го слушам често и затоа овој проект насловен како ‘Masterplan’ своевремено беше револуција во звукот на тапаните од аспект на аранжмани, како и од аспект на продукција. Композицијата е отсликување на звукот во 80-тите и почеток на 90-тите, затоа сензибилитетот кој ќе надзира низ аналогните звуци на сајзерите и преубавата мутирана труба даваат комплетно доживување за тогашната модерна џез сцена. Јас сметам дека амбиенталноста на хармонискиот состав е преубава, исто како и Џеј Оливер и неговата естетска генијалност во едноставноста на неговиот перформанс на клавијатури. Морате да ја пронајдете композицијата ‘In common’ од овој проект бидејќи дефинитивно ќе го стопли секој слушател со сензитивноста на изведувачкиот и хармонискиот белег.“

За останатите песни од плејлистата продолжете на следната страна

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар