Забава до бесвест: Дали во Македонија има квалитетен ноќен живот?

Петок вечер. Со нетрпение сте го чекале викендот за да се опуштите и да излезете со друштвото. Возбудени сте поради вечерното излегување, сѐ додека не сфатите дека не знаете каде би оделе. Ниту едно место не ве привлекува, а не ви се трошат пари на глупости. Не сакате да поминете уште една вечер исполнета со лоша музика, „мртва“ атмосфера и „тапа“ луѓе, па на крајот решавате да си останете дома. Колку пати ви се случило ова досега?

Забава до бесвест: Дали во Македонија има квалитетен ноќен живот?

Честопати се вели дека не постои ноќен живот во Македонија. Дали е тоа вистина? Дали државата навистина нема што да им понуди на младите или пак тие се многу пребирливи и не знаат да се забавуваат?

Мислењата на оваа тема се поделени. Некои се задоволни од ноќниот живот, други, пак, непрестајно го критикуваат, а тоа во голема мера зависи и од местото на живеење. Пред да почнеме да зборуваме за главниот град, да ја разгледаме ситуацијата во помалите места.

Факт е дека во другите градови нема толку избор на места за излегување како во Скопје. Обично во секој град има по неколку кафулиња и 1 до 2 дискотеки. Забавите што ги нудат се журки на локални диџеи, свирки на бендови и неизбежниот турбофолк кој најчесто преовладува. Музиката се сведува на електронска, рок, хип хоп и турбофолк. Ретки се исклучоците каде што може да се чуе џез или блуз. За време на учебната година, најголемиот дел од студентите се селат во Скопје, така што ноќниот живот во другите градови замира и прашање е дали воопшто постои.

Во Скопје работите се малку поинакви. Има многу локали кои нудат секаков тип музика. Во секој ден од неделата се случуваат различни настани. Хип хоп во вторник, караоке во среда, латино во четврток, хитови за време на викенд. Има барови и пабови каде што се слуша рок, џез и блуз музика, дискотеки само со електронска музика, па дури и места што се наменети само за љубителите на турбофолк музиката. Освен тоа, речиси секоја недела доаѓаат музички изведувачи од странство и се одржуваат голем број фестивали. Мора да признаеме дека во Скопје има разновидност кога станува збор за места за излегување. Па, тогаш каде лежи проблемот? Зошто младите се незадоволни од ноќниот живот?

Најголемиот проблем не е во застапеноста на разните видови музика или во недостигот од места и настани. Проблемот лежи во менаџирањето на локалите и монотонијата што завладува со нив. Секој ден од неделата се случуваат едните исти работи. Во ред е секој петок да има ист тип музика во иста дискотека, па дури и да настапува истиот диџеј, ама станува малку здодевно кога ќе го научите редоследот на песните што ги пушта. Истото важи и за бендовите кои никогаш не го менуваат репертоарот на песните. Нема ништо лошо во тоа да има резидентни диџеи и бендови, но музичките изведувачи мора да станат малку поинвентивни, одвреме-навреме да го менуваат начинот на работа и да напредуваат, а не да тапкаат во место.

Забава до бесвест: Дали во Македонија има квалитетен ноќен живот?

Освен тоа, многу луѓе се откажале од одењето во одреден клуб, поради тоа што биле разочарани од услугата. Обезбедувањето не ги пуштало на врата, се однесувало лошо со нив, ги дискриминирало поради облеката, а има и случаи кога дошло до физичка пресметка. Откако конечно ќе успееле да влезат во клубот, нивната резервација магично исчезнала, а тоа било проследено со неуспешна нарачка за пијалаци, бидејќи има премалку келнери, па предолго се чека, а пробивањето низ гужвата до шанкот делува како невозможна мисија. Сето ова е знак за неквалитетна услуга и лош менаџмент. Менаџерите треба да сфатат дека не е важно само да донесат познат диџеј и да им пишат на сите пријатели од Фејсбук дека „во петок ги чека луда забава“ со цел да го наполнат локалот со луѓе. Треба да се обрне поголемо внимание на персоналот што работи таму, на хигиената и сите останати услови од кои зависи дали посетата на местата ќе биде пријатна или не.

Постои уште еден голем проблем кој исто така придонесува за „лошиот“ ноќен живот во Македонија, а тоа се самите луѓе. Мнозинството од нашите млади не знаат да се забавуваат, поради тоа што излегуваат само за да бидат видени. Се дотеруваат како да одат на бал и тука не би имало ништо лошо кога би го правеле тоа за себе, а не за другите. Стојат на коњопоите, си ја пијуцкаат пијачката, цупкаат во место, а кога не зјапаат во телефоните, прават селфиња или снимаат „live“ видеа за нивните следбеници да видат колку многу се забавуваат. Никој ниту разговара со некого, ниту танцува. Најважно е да кажат дека излегле, дека успеале да влезат во најпознатиот клуб пред сите останати и дека ги виделе тие што требале да ги видат. Не излегуваат за да си поминат убаво и да се дружат со пријателите. Нивните причини за излегувањето се површни и наместо да им донесе задоволство, им носи фрустрација и разочарување од ноќниот живот.

Можеби ноќниот живот во Македонија не е идеален, но сепак најголемиот проблем лежи во нас самите. Разликата помеѓу нашите и странските клубови не е во просторот, разновидноста и музиката, туку во начинот на кој луѓето се забавуваат. Ако некогаш сте имале прилика да излезете во друга држава, сигурно сте забележале дека сите танцуваат, се дружат и никој не се грижи за изгледот и облеката што ја носи. Нивната главна цел е забавата! Атмосферата најмногу зависи од луѓето и нивното расположение. Кога главната цел на нашите излегувања ќе биде забавата, тогаш можеби и ние ќе станеме позадоволни од ноќниот живот во Македонија.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар