Овa се најчестите заблуди за мачките

Овa се најчестите заблуди за мачките

Многу луѓе имаат предрасуди за мачките, но најчесто тие предрасуди не се точни. Прочитајте кои се најчестите заблуди што луѓето ги имаат за овие крзнени животни и дознајте какви се тие навистина.

Овa се најчестите заблуди за мачките

1. Мачките се валкани животни

Мачките поминуваат помеѓу 30 и 50 проценти од времето што се будни на средување на своето крзно, што ги прави најпедантните суштества во светот на животните.

2. Мачките повраќаат влакна

Ова е вистински факт, а не мит, но и кучињата го прават истото. Всушност, тоа е одлична способност – да ја повратат или да ја искашлаат несаканата содржина од стомакот, а кај мачките, тоа најчесто се влакната што ги собираат со јазикот од крзното додека се капат. И кучињата го прават истото, па наместо овие навики да ви бидат одвратни, треба да се восхитувате на нивниот совршен одбранбен механизам против „туѓите тела“.

3. Нивниот тоалет мириса лошо

Ако тоа беше работа на мачките, нивниот песок ќе беше чист во секое време. Во овој случај, вината е на сопствениците затоа што тие треба да го отстранат изметот од песокот, како и редовно да го менуваат целиот песок. Мачките не толерираат нечистотија и непријатни мириси, па ако нивниот тоалет не се чисти редовно, тие едноставно нема да го користат.

4. Тие се превртливи

Фактот дека мачките често може да ве изненадат со своите реакции, со тоа што се кријат и може да ве исплашат со ненадеен скок не значи дека имаат превртлив карактер, туку тоа е нивниот вроден инстинкт наследен од дивите предци. Прикривањето и напаѓањето на вашите нозе значи дека мачките вежбаат лов и ги вежбаат своите предаторски способности. Иако мачките живееле со луѓето со векови, овие крзнени суштества се уште ѕверови во „мало пакување“. Не плашете се од нивните вежби и уживајте во нив, играјте заедно со нив и восхитувајте им се на овие мали спортисти и на нивните необични активности.

5. Мачките се одмаздуваат

Тоа што вашата мачка ќе ве изгребе или ќе ве касне не е знак дека таа е злопамтило и сега ви враќа за некој ваш лош потег, но тоа е знак дека во моментот не е расположена за играње и за гушкање. Исто така, многу сопственици наоѓаат искинати завеси или изгребан мебел по нивното враќање од работа, но тоа не треба да се сфаќа како одмазда, туку како знак дека на мачката ѝ е здодевно во ваше отсуство и дека во домот нема доволно играчки за да го пополни времето додека вие не сте тука. Ништо од тоа што го прават мачките не е насочено против луѓето, но во речиси 100 % од случаите тоа е порака дека нешто треба да промените и дека мачката не е задоволна од нешто.

6. На мачките не може да им се верува

Ова е често првата помисла на луѓето кога мачките се во нивна близина, па тука се забележува склоноста на луѓето да им припишуваат човечки карактеристики на животните, а тоа најчесто е од незнаење. За кучињата одамна се вели дека се лојални и верни, но тоа не значи дека лојалноста и довербата се квалитетите што ги имаат само кучињата. Иако се многу понезависни од кучињата, домашните мачки се друштвени суштества. Постојат многу сведоштва за тоа како мачките го спасиле својот сопственик или одбраниле дете, како посвоиле мали мачиња и се грижеле за нив, исто како и кучињата што го ризикуваат својот живот за да заштитат некој што е во неволја. Односот помеѓу мачката и сопственикот е подеднакво силен и се карактеризира со силна приврзаност исто како и односот помеѓу човекот и кучето, само за тоа поретко се пишува и помалку се знае.

7. Тие се чудни, никогаш не знаете на што се подготвени

Луѓето кои немале контакт со многу мачки во текот на животот или кои можеби имале некое непријатно искуство со нив, имаат тенденција да велат дека никогаш не знаат што им спрема мачката и дека таа е спремна во секој момент да им скокне. Веќе знаете дека таквото скокање е еден вид игра и вежбање на грабливиот инстинкт, но вистина е дека некои мачки се чудни. Па, ни сите кучиња не се весели и пријателски расположени, ниту пак, луѓето. Некои мачки се срамежливи и им треба повеќе време за да им пријдат на гостите во домот, други весело ве пречекуваат и ве поздравуваат, а некои никогаш нема да ги видите затоа што секогаш дремат во другата соба. И сето тоа е сосема нормално и природно, затоа што секоја мачка е различна. Тоа исто така зависи и од сопственикот, односно колку време посветил тој за социјализација на своето милениче со луѓето. Ако мачката уште од мала ја навикнете на гости во домот и на дружење со различни луѓе, ќе имате друштвено и пријателски настроено милениче. Исто така, за мачките е многу непристојно веднаш да остварите контакт со нив. Почекајте тие да ви пријдат.

8. Мачките секогаш одат кај тој што не ги сака

Еден од најчестите митови за мачките е тоа дека тие имаат перверзно задоволство да им пристапуваат само на оние луѓе кои не ги сакаат, што се плашат од нив или што се алергични на нивните влакна. Поентата е во тоа што мачката попрво ќе пријде кај луѓето што не се заинтересирани за неа, што нема да ја бркаат и да ја гушкаат затоа што мачките сакаат сами да дојдат и да се запознаат, па затоа поинтересни им се луѓето кои не се обидуваат да им го привлечат вниманието.

Прочитајте кое се најчестите грешки што треба да престанат да ги прават сопствениците на мачки.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Со пишување може да постигне многу. Никогаш не се откажува од своите соништа.

Поврзани содржини

  1. Шталбаум Reply

    Мачките на луѓето им пренесуваат повеќе тешки заболувања!!!

Напиши одговор на Шталбаум Откажи одговор