6 нешта кои не би требало да ги очекувате од луѓето околу вас

6 нешта кои не би требало да ги очекувате од луѓето околу вас

Кога очекувате нешто од некого, најчесто останувате разочарани. Личноста можеби и го исполнила очекуваното, но не на начинот на кој вие сте го замислиле или посакувале тоа, а можеби и се случило сосема спротивното. Во секој случај, вие сте разочарани, а тогаш чувствувате сѐ освен среќа, задоволство и исполнетост. А нели би било поубаво кога би постоело начин тоа разочарување да се минимизира и во идеален случај да се елиминира?

6-neshta-koi-ne-bi-trebalo-da-gi-ochekuvate-od-lugjeto-okolu-vas-kafepauza.mk

Единственото нешто кое можете да го направите доколку не сакате да се разочарате е да престанете да очекувате луѓето да направат некои работи или да се такви какви што вие ги имате замислено. Една работа која е пожелно да ја имате на ум е тоа дека секој функционира на свој начин и не би требало од никој да барате да го смени тоа. Со оглед на ова, очекувањата кои ги имате не ви се поддржани ниту, пак, оправдани. Бидете подготвени на сѐ и сешто од секого и помирете се со фактот дека она што вие го давате не секогаш е она што го добивате.

1. Не очекувајте да ве почитуваат доколку вие самите не се почитувате себеси и другите, па ни тогаш

Односот кој вие го имате самите кон себе е неверојатно важен. Сликата која вие ја претставувате е онаа преку која луѓето комуницираат со вас, која ги привлекува или одбива. Ако вие не се почитувате себеси тогаш зошто воопшто и би помислиле дека другите ќе го прават тоа? Сакајте се и почитувајте се себеси такви какви што сте и на другите ќе им биде многу полесно да го направат тоа. Исто така, доколку вие почитувате некого не мора да значи дека таа личност ќе ве почитува вас. Не очекувајте почит од никого, но доколку ја добиете тогаш тоа е само позитивно.

2. Не очекувајте луѓето да знаат што размислувате

Ако сакате некој да знае нешто, кажете му го тоа. Јасно и гласно. Никој не може да ги прочита вашите мисли. Па наместо да очекувате дека тоа сепак ќе се случи, скратете си ги маките и на себе и на другите и искажувајте ги вашите ставови. Така поедноставно ќе им биде на сите да ги пресретнат вашите желби и барања, што не би било случај кога би губеле време на објаснување што, зошто и како. Вака си заштедувате многу време, нерви и недоразбирања како на себе, така и на другите.

(1)-6-neshta-koi-ne-bi-trebalo-da-gi-ochekuvate-od-lugjeto-okolu-vas-kafepauza.mk

3. Не очекувајте други да ве направат среќни

Вашата среќа е само ваша одговорност. Вие сами одлучувате што ве прави среќни и што сакате од животот, а кога имате зацртани цели тогаш е многу полесно истите да ги достигнете. Не можете да се потпирате на идејата дека некој друг наместо вас ќе го направи потребното за вие да бидете среќни. А уште помалку да го очекувате тоа од некого. На крајот на краиштата, среќата доаѓа само тогаш кога знаете дека самите сте направиле сѐ што е во ваша моќ да постигнете нешто. Затоа пронајдете што ве прави среќни и дозволете си себеси да уживате во тоа.

4. Престанете да се потпирате на другите кога станува збор за вашето добро

Моментот кога станувате зависни од некој друг да се грижи за вас, вие престанувате да се грижите самите за себе. Што ќе се случи кога таа личност ќе престане да го прави тоа или веќе нема да биде во можност да биде тука за вас? Престанете да очекувате дека некој секогаш ќе се грижи за вас. Потребно е самите да се погрижите за себе, за вашите потреби и желби. Мора да сте способни самите да го правите тоа бидејќи во спротивно постојано ќе бидете во исчекување и очекување на другите да ве стават вас на прво место и да се погрижат вас да ви биде добро. Никој не треба да има поголема контрола врз вас од самите вие.

(2)-6-neshta-koi-ne-bi-trebalo-da-gi-ochekuvate-od-lugjeto-okolu-vas-kafepauza.mk

5. Не очекувајте дека луѓето секогаш ќе бидат добро

Кога ќе се навикнеме на некој секогаш да биде насмеан и среќен, многу е тешко да прифатиме дека постојат моменти кога не е. Но ние не сме секогаш со таа личност и не можеме да знаеме низ што сѐ поминува ниту, пак, зошто се чувствува како што се чувствува во некој момент. Тогаш зошто воопшто би очекувале секогаш да биде расположена и среќна? Како и самите ние, секој се соочува со некои свои работи. Некогаш луѓето се среќни, некогаш се тажни, некогаш опуштени и насмеани, некогаш загрижени и намуртени. Бидете подготвени на секакво расположение и однесување, но немојте веднаш да судите и донесувате одлуки базирани на одредени моменти. Секој има причина и право да се чувствува и однесува како што сака и има потреба.

6. Престанете да очекувате луѓето да ги исполнат вашите очекувања за тоа кои се и што се

Посакувајте подобри верзии од луѓето, но не очекувајте дека тоа и ќе се случи. Луѓето се тие што се, а карактери се менуваат многу тешко. Наместо да очекувате дека ќе се сменат и ќе ги задоволат вашите идеи за тоа какви треба да бидат, обидете се да ги прифатите какви што се. Неверојатно непријатно и тешко е и за двете страни кога едната чувствува потреба да се прилагоди на очекувањата од другата. На крајот најчесто тоа не се ни случува. Бидете тие што сте и не очекувајте од другите ништо помалку ни повеќе од тоа. Бидејќи веројатноста е дека ни тогаш не би ви се допаѓале.

Вклопувањето во нечиј круг на очекувања е многу комплицирана работа. Може да предизвика многу расправии и недоразбирања кои знаат да имаат непосакувани последици и за двете страни. Следниот пат подобро размислете. Дали сте се запрашале воопшто што тоа барате од некого? Дали сте свесни кои се вашите очекувања и дали најпрво вие самите ги исполнувате? Обидете се да се ставите во нечија кожа пред да поставите некакви очекувања пред таа личност. И никогаш не очекувајте другите да го направат она што можеби ни вие самите не го правите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар