Кога хуманоста се граничи со потребата од добивање лајкови на Фејсбук?

Кога хуманоста се граничи со потребата од добивање лајкови на Фејсбук?

„Да бидеме хумани“ се зборови што многу често ги слушаме. Хуманоста е многу важна особина на луѓето како членови на општеството кои сакаат да придонесат за неговиот развој и да им помогнат на поединците кои се сиромашни, болни и немаат покрив над главата. Секојдневно се организираат хуманитарни акции со цел да се соберат пари за луѓе кои откриле дека боледуваат од сериозна болест, но немаат доволно средства за операција, се продаваат разни списанија и честитки за да им се помогне на оние кои живеат во ужасни услови, се поттикнуваат граѓаните да донираат облека и се организираат крводарителски акции. Сите овие апели се најзастапени на социјалните мрежи како најмоќните медиуми што најбрзо и најефикасно можат да ја пренесат итната порака.

Кога хуманоста се граничи со потребата од добивање лајкови на Фејсбук?

Иако не сме богата држава, сепак народот во повеќе случаи покажал огромна солидарност. Секој помага онолку колку што може. Некои донираат храна и облека, некои донираат по 100 денари преку мобилните оператори, други им наоѓаат работа и дом на бездомниците, им помагаат да си го средат животот и да почнат од почеток. Македонскиот народ многупати досега ја покажал својата несебичност и хуманост. Сепак, постои една дилема околу сето ова: Дали е неопходно да ги споделуваме сите наши хумани дела на социјалните мрежи?

Сигурно сте прочитале некој долгометражен статус за тоа како некоја девојка/момче виделе бездомник на улица без чевли, а надвор било многу ладно, па затоа му купиле чевли и потоа апелираат на крајот од статусот некој да му помогне на човекот да најде работа и слично. Потоа, има и луѓе кои пишуваат цела трогателна приказна за паметното дете питач кое не побарало пари, туку храна и тие веднаш му купиле, со заклучок на крајот дека постојат деца бездомници кои не дуваат лепак и не бараат пари. Сигурно сте виделе и селфиња од луѓе кои дарувале крв со натпис „Јас спасив живот, а вие?“ и слично.

Па, каква порака испраќаат ваквите објави? Очигледната нивна намера е да ја „подигнат свеста“ кај народот и да ги поттикнат нивните Фејсбук пријатели да го следат нивниот пример. Нема ништо лошо во ширењето на хуманоста, се согласувате? Меѓутоа, дали е сосема неопходно да откријат дека му купиле чевли, храна или што и да е на бездомникот за да ја споделат неговата приказна? Не можат ли само да напишат дека го сретнале човекот или детето и дека треба да им се помогне? Мора ли баш да објават селфи од нивните крводарителски активности за да ги повикаат и другите да го сторат истото? Не можат ли само да напишат статус за тоа дека дарувањето крв спасува животи? Дали на тој начин би се постигнал истиот ефект?

Кога хуманоста се граничи со потребата од добивање лајкови на Фејсбук?

Најверојатно не, бидејќи хуманоста се покажува преку дела, а не преку зборови. Луѓето се такви што едвај чекаат да вперат прст во некого. Ако напишете статус дека треба да му се помогне на некој бездомник (без да откриете дека вие веќе сте помогнале), веднаш ќе почнат да ве опсипуваат со прашања од типот „Па, зошто ти не му најдеш работа?“ или „Зошто ти не му купиш облека?“. Истото се однесува и на случајот со дарувањето крв. Ако не покажете дека вие самите сте подготвени да станете крводарители, луѓето нема да ве сфатат сериозно и вашата хумана порака нема да биде пренесена.

Но, кога желбата да се шири хуманоста се граничи со потребата да се добие туѓото одобрување? Кога споделувањето информации за нашите хумани дела се граничи со фалење? Кога некој сака да се пофали за својата хуманост, таа автоматски губи од својата вредност. Дали нашата филантропија е вистинска ако имаме потреба да зборуваме за неа? Може ли да помогнеме некому без да го објавиме тоа на социјалните мрежи? Најверојатно да, но процесот би бил многу подолг и помакотрпен. А со оглед на брзиот начин на живот, денес ретко кој има време вистински да се посвети на бездомниците.

Но, токму тука лежи вистинската хуманост. Да, точно е тоа дека многу побрзо ќе добиете реакции и понуди за помош преку социјалните мрежи. Меѓутоа, тоа не значи дека ВИЕ сте направиле хумано дело. Вие само сте споделиле информација. Тоа е лесно. Филантропијата е многу повеќе од објавување статус на Фејсбук.

Кога хуманоста се граничи со потребата од добивање лајкови на Фејсбук?

Филантропија е кога вистински ќе се заангажирате да помогнете некому. Филантропија е кога ќе заборавите на вашите обврски за момент и навистина ќе му се посветите на човекот кому му треба вашата помош. Не е доволно само да отрчате во продавница и да му купите нешто за јадење за да можете себеси да се нарекувате хуманитарци. И така ќе му помогнете, но хуманоста се состои во времето што ќе му го посветите. Во времето што ќе го одвоите за да ја чуете приказната на човекот, да свртите неколку телефонски броја, да одите до некоја институција и да видите како можете да помогнете.

За да се сподели 1 објава на Фејсбук, потребни се 3 секунди. Хуманите луѓе посветуваат многу поголем дел од нивното време за да помогнат. Секако дека не треба да се потценува моќта на медиумите. Има вистина во тоа „Споделете за да помогнете“ или „Sharing is caring“, но да не се лажеме дека тоа е вистинска хуманост. На тој начин, вие само помагате информацијата да стигне до оние хуманитарци кои навистина ќе преземат нешто во врска со проблемот.

Вистина е дека не располагаме сите со истите можности и ресурси. Доколку не можеме да помогнеме на никаков друг начин, најмалку што можеме да направиме е да покажеме солидарност и да ја споделиме информацијата. Но, да не се залажуваме и да се нарекуваме хумани поради тоа. Кога ќе помогнете да се реши нечиј проблем, без да има потреба да објавувате за тоа на Фејсбук, тогаш можете да сметате дека сте дале вистински придонес за искоренување на проблемите во општеството.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар