Спуштете се доле и бидете авиони: Зошто современиот хип хоп ги деградира жените?

Хип хоп музиката е еден од најпопуларните музички жанрови, како во светот, така и во Македонија. Иако во последно време немаме многу нови хип хоп музичари и песни, сепак хитовите како што се „Спушти се доле“, „Старлета“, „Дада“, „Терориста“ и слично редовно се пуштаат по клубовите и кафулињата и сите им се радуваат, играат и ги пеат без да се запрашаат каков е текстот, барем за момент. Ова е многу алармантно со оглед на фактот што генералната идеја на современиот хип хоп се заснова на деградација на жените. Ваквиот тип музика промовира мизогинија – термин што означува омраза и предрасуди кон женскиот пол.

(1) spushtete-se-dole-i-bidete-avioni-zoshto-sovremeniot-hip-hop-gi-degradira-zhenite-kafepauza.mk

Хип хоп песните содржат текстови што ги омаловажуваат и понижуваат жените, а тоа може да влијае на општествениот став кон нив, особено кај адолесцентите. Најпрво, рап музиката најчесто ги објективизира жените, бидејќи главниот фокус е на нивниот изглед, а никаде не се споменува нивниот карактер и интелигенција. Понатаму, многу од зборовите што се користат во песните за да им се обратат на жените се понижувачки и придонесуваат за понатамошна деградација на жените. Освен тоа, жените се претставени како инфериорни во споредба со мажите и на тој начин песните испраќаат порака дека потчинетоста е пожелна женска карактеристика. Иако ситуацијата со американскиот хип хоп е уште позагрижувачка, сепак најпрво би требало да почнеме со подигнување на свеста за најпопуларната музика во нашите простори, бидејќи кај луѓето кои ги слушаат овие македонски хитови постои голема веројатност дека ќе развијат сексистички тенденции.

Сигурно ќе си речете дека сето ова звучи претерано, дека песните служат за забава и подигнување на атмосферата во клубовите со нивните „јаки“ битови и заразни ритами, но погледнете ја пошироката слика. Никој не вели дека хип хоп артистите имале намера да ги деградираат жените или да шират предрасуди за нив. Нивната намера била да создадат интересна песна со клупска музика и лесен текст кој ќе може да го запомнат сите слушатели од прво слушање. Но, ајде да разгледаме малку повнимателно што се случува и која е пораката што ја праќаат овие песни, бидејќи таа може да биде многу погрешно разбрана од страна на кревките карактери на адолесцентите.

Како што веќе споменавме, многу од текстовите и видеата на популарните македонски хип хоп песни ги претставуваат жените како објекти. Хип хоп артистите даваат експлицитен опис на женското тело и ја коментираат женската сексуалност на навредлив начин. Така, тие сугерираат дека жените служат само за секс и дека се „заменливи“ и „потрошливи“. Да го земеме за пример текстот во популарната „Спушти се доле“. Целата песна е преполна со придавки кои се однесуваат на женскиот физичкиот изглед, но да издвоиме неколку од највпечатливите: „Имаш уста за пушење (сиса за медаља)/ Г’з боли глава, совршено би влегла у кадар“, „Не се замарај за сало, ми треба перформанс за секс“, „На тебе го удараат сите налошени средношколци“ и така натаму. Јасно е дека артистите зборуваат за деловите од женското тело на многу вулгарен начин и сугерираат дека жените се добри само за секс.

Уште вакви примери може да се најдат и во музичките видеа за песните. Во спотот за песната „Дада“ од ДНК, главна ѕвезда е девојка по долна облека како им игра провокативно на артистите, додека тие задоволно ја гледаат. Во еден момент дури се појавува и бебе, „присилено“ да зјапа во задникот на танчарката. Дали тоа значи дека момчињата уште од мали нозе треба да се однесуваат вака кон девојчињата и да очекуваат од жените да им играат на улица по гаќи додека тие уживаат во глетката? Спотот покажува дека во ред е да се осудуваат жените според телото и облеката. Благодарение на објективизацијата присутна во текстовите и спотовите на хип хоп песните, жените се претставени како тела кои извршуваат разни задачи, а не како луѓе. Каква порака им праќа тоа на тинејџерите чии хормони и онака вријат? Дали тие треба да се угледаат на нивните идоли?

Објективизацијата на жените не е единствениот проблем во хип хоп песните. Постои уште еден важен елемент кој придонесува за деградација на жените во овој музички жанр, а тоа се навредливите зборови со кои артистите им се обраќаат на жените. Иако овој проблем е поприсутен во американскиот хип хоп (нашите артисти некако повеќе внимаваат на цензурата), сепак не отсуствува целосно. Најчестите понижувачки зборови што се појавуваат во рап песните се „дроља“, „к**ва“, „пи***ца“ и слично. Обожавателите на хип хоп музиката најверојатно нема да се согласат и ќе речат дека текстовите не треба да се сметаат за навредливи, бидејќи тие служат само како алатка за изразување и нивната цел не е да навредат или понижат некого. Можеби тоа е вистина, меѓутоа не постои сомнеж дека создаваат одредени стереотипи и придонесуваат за понатамошното угнетување на жените во општеството. Текстот во песната „Спонзоруша“ од ДНК совршено ја илустрира оваа алармантна појава: „Останав до крај со дрољи иако ме болеше зуб“, „Дроља како тебе не е за мене“.

Уште еден многу чест збор што се користи е оној што би требало да биде сфатен како комплимент а тоа е „пи***ца“, „пи**ња* (има разни варијации), со којшто се опишуваат девојките кои се згодни. Тоа е видливо во песната на Слаткаристика „Олабави ме“: „Ми требаа кадри од пи**ња и направив кастинг“, но и во песната „Спушти се доле“ во делот „Ќе бидеш најдобра пи***ца како Сара Леши“. Кога младите луѓе ќе чујат како нивните омилени музичари ги изговараат овие зборови, ќе помислат дека е во ред и самите тие да ги користат за да ги опишуваат и да им се обраќаат на жените.

Освен тоа, хип хоп музиката создава впечаток дека нормално е жените да им бидат потчинети на мажите и да ги исполнуваат нивните потреби. Доминацијата и експлоатацијата на жените не само што е очекувана, туку е и сосема природна и разбирлива. Секако дека сите имаат право на свое мислење, дури и да станува збор за нешто шокантно и ужасно. Меѓутоа, хип хоп артистите имаат многу обожаватели кои го следат нивниот пример, а тоа може да доведе до сериозни последици. Во видеото „Старлета“ од ДНК гледаме девојка како мие автомобил на сексуален начин, текстот вели „Она е старлета, неа ништо не ѝ смета/На секој к*р е мета“, гледаме цензурирана сцена во која старлетата орално задоволува еден од музичарите, за потоа сите тројца заедно да се префрлат на задното седиште од автомобилот. Во овој контекст, неизбежно е повторно да се спомене „Спушти се доле“ каде што самиот наслов сугерира дека жените треба да ги исполнуваат наредбите на мажите, а и целиот текст е полн со такви инсинуации: „Не ми глуми лудило (спушти се доле)/Иако имаш дечко, твојот добар гз мило спушти го доле“. Овие стихови сугерираат дека жените треба да заборават на своите морални вредности за да ги задоволат потребите на мажите.

Најстрашното е тоа што младите девојки навистина се спуштаат доле на оваа песна и гласно ги пеат нејзините стихови, притоа не размислувајќи за пораката што ја испраќаат. Девојките не мислат на тоа дека нивните омилени хип хоп песни ги објективизираат, им се обраќаат со навредливи зборови и промовираат потчинетост на жените, што доведува до создавање одредени стереотипи. Најчестиот изговор е дека овие луѓе се уметници кои не треба да бидат буквално сфатени. Иако некои поединци се свесни за тоа што го слушаат и не дозволуваат тоа да влијае на нивното мислење, сепак многумина ги земаат текстовите и спотовите здраво за готово.

Кога младите девојки и момчиња се постојано изложени на стереотипите што владеат во хип хоп музиката, тие почнуваат да веруваат во нив што потоа придонесува за развојот на мизогинистички идеи кај мажите. Хип хоп музиката има негативно влијание на општествениот став кон жените, бидејќи ги учи мажите дека деградацијата на жените е тесно поврзана со нивната мажественост. Првиот чекор кон решавањето на овој проблем е да се подигне свеста кај активните слушатели на овој вид музика. Мора да се запрашаме каква музика пуштаме и какви се пораките што ги поддржуваме. На тој начин, самите музичари ќе бидат повнимателни кога станува збор за содржината на нивните текстови и музички видеа. Тие треба да бидат свесни за моќта што ја имаат и да ја искористат за да им влијаат позитивно на младите луѓе, наместо несвесно да ги претставуваат жените на навредлив и понижувачки начин.

НАПОМЕНА: Авторот нема ништо против споменатите музичари и нивната музика. Нивните дела се земени само како најсоодветен пример за горенаведениот став, пред сѐ поради нивната огромна популарност помеѓу младите. Авторот не ги обвинува дека лично тие ги деградираат и понижуваат жените преку нивната музика.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар