Инстаграм интервју: Посетете го чудесниот свет на Мартина

Мартина Салова Чешновар прави фотографии уште откако добила мобилен телефон со релативно добра камера на подарок, а оттогаш сигурно има повеќе од 9 години. Не посетувала курсеви за фотографија – сè што научила е преку искуството. Таа е хонорарен преведувач, иако тоа не ѝ е професија и отсекогаш негувала посебна љубов кон уметностите.

„Фотографијата ми е ултимативен медиум за изразување на замислите, идеите и креативноста. Неодамна си го купив првиот DSLR апарат и сега ми е како милениче. Затоа и планирам посериозно да почнам да се занимавам со фотографија“, ни објасни таа. „Во однос на Инстаграм – не можам да се замислам да следам некаква тема, на пример во однос на бојата или на начинот на уредување, затоа што секоја серија фотографии за мене е посебна приказна и заслужува персонализација. Исто така сметам дека животот е прекраток и сакам да експериментирам. Од друга страна пак, сакам и да им пркосам на трендовите.“

Како да ја препознаете Мартина на Инстаграм? По живите бои, секако! Прочитајте го нашиот разговор во продолжение, дознајте нешто повеќе за оваа талентирана инстаграмџика и уживајте во нејзините прекрасни фотографии!

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Martina S. Cheshnovar (@martina_in_wondergram) on

1. Како започна твојата чудесна авантура со Инстаграм?

Мојата авантура со Инстаграм започна сосема спонтано и неочекувано пред безмалку четири години. Отприлика тогаш закрепнував од тешка и долга епизода на анксиозност и дел од терапијата ми беше многу да шетам во природа и да ги дефокусирам мислите со нешто што ме интересира. Па, токму тоа и го правев – шетав, се восхитував на секое ливче, цветче, облаче, на сè што ме опкружуваше. Буквално се опседнав со тоа сè да фотографирам и бидејќи имав доста фотографии и желба да ги споделам, решив да си направам профил на Инстаграм. Оттогаш држам некакво темпо и веќе имам доста фотографии.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Martina S. Cheshnovar (@martina_in_wondergram) on

2. Твоите фотографии едноставно оставаат без зборови. Како ги осмислуваш овие артистички визии на околината во којашто се наоѓаш?

Едно големо благодарам! Многу се радувам кога некој ќе ми каже дека му се допаѓаат фотографиите што ги правам, затоа што навистина го обожавам ова. Отсекогаш сум велела дека самата природа е многу фотогенична и дека не треба преголем труд за да се направи убава фотографија. Потребно е само да го носам фотоапаратот со мене и да го овековечам вистинскиот кадар. Останатата работа ја прави самата природа. Што се однесува до мртвата природа, портретите и композициите – прво ми е потребна инспирација, а доколку не можам целосно да се инспирирам, разгледувам идеи кои ги има во изобилство на различни платформи за фотографии и потоа одлучувам на кое место ќе биде сцената, какви дополнителни реквизити ќе ми бидат потребни и слично.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Martina S. Cheshnovar (@martina_in_wondergram) on

3. Колку време ти е потребно за да ја наредиш позадината онака како што сакаш да изгледа и потоа да ја направиш фотографијата што си ја замислила?

Па, искрено, не ми е потребно премногу време. Повеќе време ми е потребно да осмислам што ќе содржи, отколку да ја наместам. Може да поминат и денови додека разгледам што имам низ домот, па каде сум ставила некој предмет за кој сум зацртала дека совршено ќе одговара за фотографијата што сум ја замислила, па дали да земам дополнителни сијалички од моите, макар и да не ги искористам, каде да купам некој детаљ што мислам дека добро ќе прилега итн. Потоа местењето е доста спонтано.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Martina S. Cheshnovar (@martina_in_wondergram) on

4. Понекогаш се користиш себеси како модел за твоите фотографии. Како ги планираш овие фотографии и како ја местиш сцената?

Можеби ќе звучи малку смешно, но најчесто го малтретирам партнерот, сега веќе сопруг. Ако е некоја фотографија каде што можам да искористам сталак и тајмер, помалку го малтретирам – тогаш тој ми е заменскиот модел за да знам колку налево или надесно да го наместам фотоапаратот, колку да зумирам, дали да додадам или да скратам нешто. Кога станува збор за фотографија каде што аголот е специфичен и не може да се изведе со сталак, му објаснувам како сакам да изгледа крајниот резултат и мора да ме фотографира тој. Му благодарам за трпението.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Martina S. Cheshnovar (@martina_in_wondergram) on

5. Забележавме и дека си љубителка на книгите. Кои книги би ни препорачала да ги прочитаме во текот на 2019 година и зошто?

Не само што сум љубителка на книги, туку и работам со книги. Всушност, јас сум дипломиран инженер биотехнолог што работи како хонорарен преведувач на книги и од неодамна и како судски преведувач, а обожава уметност и се стреми фотографијата да ја претвори во нешто повеќе од хоби. Преведувањето ми е несудена професија и го работам тоа одамна, а ме привлекло можеби затоа што и пишаниот збор е еден вид на уметност. Кои книги да ги прочитате во 2019 година? Прашањето е малку тешко. Не знам, можеби некоја од тие што сум ги превела ха-ха. Топло ги препорачувам книгите од Лејф Г. В. Першон за сите љубители на скандинавски крими-романи, „Странецот во мојот дом“ од Адел Паркс и „Ако ја познаваше сестра ми“ од Мишел Адамс за сите оние кои сакаат психолошки трилери и драми. Зошто да читате што било? Затоа што книгите секогаш отвораат врата кон нешто ново и непознато, кон некој друг свет, ги прошируваат видиците и претставуваат гимнастика за умот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Martina S. Cheshnovar (@martina_in_wondergram) on

6. Би сакала ли да споделиш со нас некоја уникатна или незаборавна приказна поврзана со некоја од твоите фотографии што засекогаш ќе ти остане во мислите?

Од многуте фотографии на мојот профил на Инстаграм, има една која ми е посебно драга. Со мојот партнер правевме многу интимна прослава за нашата регистрација пред една и пол година, само во најтесниот круг на пријателите. Бевме договорени секој од своја перспектива да го документира денот, затоа што немавме намера да најмуваме фотограф. Дел од фотографиите самата ги направив денови пред регистрацијата, а една од нив – следниот ден. Решивме дека сакаме уникатна фотка која ги отсликува целосно нашите карактери, врската и наклонетостите, па го зедовме фотоапаратот, сталакот и ја направивме. Тоа е фотката каде што двајцата сме на кровот од нашата зграда во старки.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Martina S. Cheshnovar (@martina_in_wondergram) on

7. И за крај, чисто за забава на нашите читатели, да можеш да одбереш едно место во светот каде што би сакала да создадеш фотографија и инстантно да се најдеш таму – каде би било тоа и како би изгледала таа фотографија?

Да бидам искрена, долго размислував за ова прашање. Знам дека сите останати би избрале некое егзотично место на плажа или некое ултра урбано место. За да биде повозбудливо и затоа што тоа ми е една од сè уште неостварените желби, би сакала да посетам некоја од скандинавските земји за да ја фотографирам прекрасната аурора бореалис. Сликата би изгледала вака некако: поглед низ проѕирниот свод на стакленото иглу кон ноќното небо прошарано со зелената поларна светлина. Се надевам дека еден ден ќе има и таква фотографија меѓу останатите на мојот профил.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Martina S. Cheshnovar (@martina_in_wondergram) on

Запознајте ги Селма и Ајхан – најмодерниот пар во Македонија!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар