Книга: „Тајниот свет од соништата на една купохоличарка“ - Софи Кинсела

Книга: „Тајниот свет од соништата на една купохоличарка“ – Софи Кинсела

Тајниот свет од соништата на една купохоличаркаПостојат многу зависности, некои се зависни од алкохол, други од работа, но има и такви кои се зависни од шопинг. Доколку имате симптоми на купохолик, не грижете се, не сте единствени.

Оваа книга ќе ви го ублажи чувството на грижа при купување, дури и ќе ве научи, сè она што ќе го купите да го гледате како добра инвестиција. Можеби ова не е секогаш правилен пристап кон работите, но со сигурност олеснува кога ќе разберете дека не сте единствените со ваков „проблем“.

„Тајниот свет од соништата на една купохоличарка“ е една од петте книги од серијата „Купохоличарка“ на Софи Кинсела. Оваа извонредна новелистка со англиско потекло, чие вистинско име е Маделин Викам, го користи псевдонимот Софи Кинсела за своите авторски дела. Препознатлива е по пишувањето примамливи и интересни романтични комедии, во кои многу од девојките би се пронашле.

Она што особено ми се допаѓа, е тоа што е оригинална во своето пишување, но пред сè природна. Во нејзините книги нема да сретнете „вештачки“ филмски настани, туку случки кои се реални и можат да му се случат секому.

Главниот лик во книгата е Ребека Блумвуд, со прекар Беки. Како што самата писателка вели:

„Таа е финансиски новинар. Нејзината работа е да ги советува луѓето како да управуваат со своите пари. Таа го поминува своето слободно време… во купување.“

Тајниот свет од соништата на една купохоличаркаКнигата е поделена на поглавја, а речиси секое поглавје започнува со некое од писмата кои се адресирани до Беки. Секако, тоа се писма кои пристигнуваат поради нејзините долгови.  Таа е во своите дваесетти години и „плива“ во долгови поради неконтролираното користење на кредитните картички. Но тоа ù е во крвта, не може да се воздржи кога ќе здогледа примамливи излози, модерни потпетици или добро парче облека.

„Има некаква возбуда во влегувањето во продавница, каква било продавница, возбуда која не можеш да ја победиш.“

Беки работи во списанието „Успешни заштеди“, но воопшто не е инспирирана од својата работа. Тоа работно место не ù годи и не ја исполнува. Своите текстови ги составува препишувајќи од разни финансиски брошури, без никаква заинтересираност и посветеност на работата. Целата иронија е тоа што многумина ги читаат нејзините текстови за финансиски заштеди, некои дури ја прашуваат за совет, а ни самата не може да се извади од своите долгови и да ги скрати трошоците.Тајниот свет од соништата на една купохоличаркаЗа секое трошење наоѓа причина, кога работите ќе ù тргнат наопаку се спасува со купување. Кога и да почне да ја гризе совеста бидејќи потрошила многу пари, веднаш наоѓа изговор како тоа што го купила може да стане добра инвестиција.

„Всушност, мислам дека шопингот треба да биде наведен во листата на кардиоваскуларни активности. Моето срце никогаш не чука толку брзо како кога ќе здогледам знак НАМАЛЕНО ЗА 50%.“

Софи има таква дарба, што не секој писател ја поседува – се става во улога на главниот лик и раскажува во прво лице, знае толку добро да илустрира одредена случка и навистина да ве насмее, исто како да го гледате настанот пред своите очи. Она што е урнебесно смешно е обидот на Беки да добие работа на висока позиција во банка. Иако нема апсолутно никакво познавање за таа позиција, одлучна е да оди до крај, па се наоѓа во ситуација да мора да зборува на фински, јазик кој не го познава добро, или да речеме не го познава воопшто.

Најголемите соништа ù се некој по грешка да го исплати нејзиниот долг во банка или да добие на лото. Таа дури ќе купи купон за лотарија и толку се внесува во овој сон, што веќе почнува да планира каде ќе ги потроши парите. Се разбира, нема толкава среќа, па мора да се освести и да се врати назад во реалноста.  Пробува да се извади од незгодната ситуација со штедење пари, но баш напротив, излегува дека троши премногу. Потоа пробува со тактиката заработување повеќе пари, но и тука среќата нема да ù се насмее.Тајниот свет од соништата на една купохоличаркаДоколку барем малку се пронајдовте во улогата на Ребека, со сигурност треба да ја прочитате книгата. Ви гарантирам дека не би останале рамнодушни на смешните случки во кои се наоѓа главниот лик. Ќе ве опседне со својата оригиналност и многу често ќе се поставите во нејзина кожа. Доколку не преферирате читање книги, би ви препорачала да го гледате филмот „Исповеди на купохолик“ базиран на оваа серија книги од Софи Кинсела.

Останатите книги од оваа серија се:

  • „Купохоличарка во странство“
  • „Купохоличарка се мажи“
  • „Купохоличарката и нејзината сестра“
  • „Купохоличарката и бебето“

Позитивната страна е тоа што петте дела не се строго поврзани, па може секој дел да го читате независно, без да ги имате прочитано претходните. Но сепак, би ви препорачала да ги читате по ред. Доколку баравте начин да го пополните своето слободно време, еве ви одлична опција.

Сте прочитале некоја од книгите на Софи Кинсела? Споделете го тоа што најмногу ви се допаднало.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар