Искрено писмо од еден сопруг кој е нарцис: Еве што мислам кога велам дека те сакам

Сѐ што е умерено е добро, а сѐ што ги преминува границите, станува штетно. Така е и со оние кои премногу се посветени на себе и со еден збор се нарекуваат нарциси. Врската, па и бракот со ваква личност, може да предизвика голема штета за другиот партнер. Прочитајте го ова искрено писмо од еден сопруг кој ќе ви ги отвори очите и ќе ви покаже што навистина се крие зад неговото „Те сакам.“

Искрено писмо на еден сопруг кој е нарцис: Еве што мислам кога велам дека те сакам

Драга моја соучесничка во зависноста,

Ова што ќе ти го кажам никогаш не би ти го рекол поинаку, затоа што тоа би значело дека го губам главниот извор на задоволство во животот – играта каде победникот добива сѐ. А токму тоа е она што и тебе ти помага да го носиш мојот товар во оваа врска.

И токму тоа е и целта.

Кога ќе ти кажам „Те сакам“, мислам дека го сакам тоа колку настојуваш да ми се допаѓа сѐ во врската со тебе, тоа што сум центар на твојот живот, што сакаш да ме направиш среќен и што никогаш од мене не очекуваш и јас да го направам истото. Ја сакам моќта која ја имам да уживам во твојата пријатност, во твојата желба да бидеш љубезна, го сакам тоа уживање кое го чувствувам кога ќе се покажам поголем во споредба со тебе, секогаш кога ќе ја искористам секоја прилика за ти да се почувствуваш мала и безначајна. Го сакам тоа чувство дека си слаба, чувствителна, емотивно кревка. Сакам од височина да гледам на твојата детска невиност која во моите очи е само слабост. Го сакам чувството на моќ за да те „извежбам“ да се чувствуваш „луда“ кога ќе посакаш да разговараме на теми кои мене воопшто не ме интересираат и дека со текот на времето сѐ помалку очекуваш од мене, додека јас од тебе очекувам сѐ повеќе.

Ја сакам леснотијата со која може да останам во центарот на твоето внимание, го сакам тоа како се трудиш да ја оттргнеш сета моја болка (а никогаш својата) и го сакам тоа што, без разлика што ќе правиш, не можеш никогаш доволно да ми угодиш, доволно да ме почитуваш и доволно да ме обожаваш. Не е важна блискоста, емпатијата, ниту емоционалната врска која ја сакаш, не е важно со што те имам повредено или навредено, не е важно колку малку време поминувам со тебе или со децата и така натаму. Важен е мојот статус, важно е секогаш да те ставам на твоето место, важно е што тебе те боли, а ти се занимаваш со мојата болка. Затоа што јас сум супериорен и имам право на уживање, восхит и утеха, но не и ти, се сеќаваш ли? „Те сакам“ значи дека го сакам чувството кога си со мене, кога чувствувам дека ми припаѓаш. Како кога возам некој добар автомобил, сакам кога поради тебе ми расте мојот статус во очите на другите, особено кога тие ќе сфатат колку сум јас подобар од тебе. Го сакам тоа и кога другите ми завидуваат што те имам. Ја сакам моќта со која те терам да ми ја докажуваш својата љубов и верност, тоа што постојано бараш начин да ми ја докажеш лојалноста. Го сакам тоа што тебе може да те обвинам секогаш кога ќе почувствувам потреба, а особено си ми потребна да го нахраниш моето чувство на супериорност и моќ.

Ништо во мене не предизвикува толкава ранливост од тоа кога немам контрола над она што може да го загрози мојот супериорен статус. Затоа и ме нервира кога ќе почнеш да се жалиш за тоа како се однесувам кон тебе, како сѐ уште да не сфаќаш дека треба да бидеш среќна без разлика на моето однесување, и на тој начин ќе покажеш дека ја прифаќаш мојата супериорност. Ќе те научам да ги презираш потребите на слабите луѓе, „блискоста“ и „емоционалноста“, баш како што ме научија и мене уште во детството. Го сакам тоа што за една секунда можам да те направам несигурна, особено ако покажам внимание кон други жени. Тогаш можеби ќе ти покажам нешто што не ти го овозможувам на тебе, па ќе почнеш да молиш за она што на другите лесно им го давам – комплименти, внимание, изразување на чувства. Го сакам тоа што секогаш успевам да те вратам кога ќе решиш да си одиш и тоа со само неколку трошки кои ти ги фрлам и со кои те убедувам повторно да ми веруваш. Секогаш кога ќе го зголемам мојот шарм, те измамувам да ми поверуваш дека овој пат ќе се променам. Кога ќе ти кажам дека те сакам тоа значи дека си ми потребна, дека ми е потребен некој кој нема да ме напушти, некој поради кој ќе се чувствувам добро секогаш кога ќе направам да се чувствуваш лошо. Така успевам да го потиснам мојот страв во себе кој никогаш нема да го признам, слабоста која ја мразам во себе и поради која те мразам тебе. „Те сакам“ значи дека го сакам начинот на кој го обликувам твоето мислење и твоите верувања, начинот на кој го контролирам твојот ум, а ти мислиш дека сум твое чудо, твој спасител, твој извор на живот… Сакам како ми се враќаш секогаш кога ќе се обидеш да заминеш.

Ми се допаѓа тоа што поради сето ова се чувствувам како некое божество, го сакам тоа што ме обожаваш, тоа што жртвуваш сѐ за да ми го докажеш тоа. Го сакам тоа што можам да те натерам да се посомневаш во себе, дури да се сомневаш и во својот здрав разум, да се трудиш да се објасниш себеси, да се прашуваш што не е во ред со тебе и да не сфатиш дека не можеш да ја направиш среќна личноста која има моќ и задоволство презирајќи ги другите. „Те сакам“ значи дека го сакам својот одраз во твоите очи полни со воодушевување, дека си моја дрога поради која се чувствувам добро, дека си публика која секогаш ми е посветена мене, мој најголем фан и обожавател. Те избрав тебе како дрога затоа што кога ќе ме погледнеш, се чувствувам како извор на семоќно знаење.

Го сакам тоа што колку и да молиш за љубов и восхит, колку и да бараш да ти возвратам на ист начин, тоа нема да се случи, барем не додека јас ги држам конците во рацете. Зошто да ги испуштам? Зошто, кога сум зависен од уживањето кое го чувствувам кога ти го скратувам сето она што би ти го дал некој ветар и со тоа би ти помогнал да ми побегнеш некаде далеку? Уживам да не ти ја давам онаа нежност што ти е потребна, да го уништам твојот сон и потоа себеси да си кажам „Не сум јас будала“. Го сакам тоа што можам да те контролирам, затоа што секоја дискусија може да ја насочам кон прашањето „Што не е во ред со тебе и зошто не си ми благодарна после сѐ што правам за тебе?“ Ми се допаѓа и тоа што вешто успевам да манипулирам со другите и да им покажам дека јас сум „добриот“, а ти „лошиот“ партнер во нашата врска, затоа што постојано за нешто се жалиш, никогаш не си задоволна, секогаш си себична и така натаму.

Го сакам тоа колку ми е лесно да ти кажам „НЕ“ кога сакаш нешто што би те направило уште повредна во споредба со мене, па ти го насочувам вниманието на моите потреби и желби. Ми се допаѓа тоа што можам да влијаам на твоите мисли и амбиции, како и да црпам енергија од твојот живот, па дури и да те оттргнам од луѓето кои те сакаат и те поддржуваат. Ми се допаѓа тоа кога ми кажуваш колку те повредувам, а притоа не знаеш дека токму со тоа ми поднесуваш извештај за тоа колку се ефикасни моите техники кои ти нанесуваат болка. А вистината е дека те мразам затоа што ја мразам и својата зависност од твоето внимание и нежност, својата потреба постојано да се гледам себеси во тие твои очи полни со обожавање, восхит, простување и подготвеност повторно да паднеш во мојата замка. Кога ти велам дека те сакам, всушност го сакам тоа што ќе ти останам мистерија која никогаш не ќе можеш да ја решиш. А нема да можеш затоа што не знаеш или одбиваш да сфатиш дека во оваа игра победува само оној кој ги знае сите „правила“. А главното правило е дека во мојот свет вниманието, ранливоста и изразувањето чувства претставуваат знаци на слабост.

Засекогаш ограничен во љубовта,
Твојот нарцис

П.С. Мене навистина ми треба помош, но ти не можеш да ми ја дадеш затоа што сме зависни еден од друг. Само терапевт со искуство во работата со нарцизмот може да ми помогне и тоа ако јас навистина му дозволам.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар