Не поседуваме ништо, освен времето

Римскиот филозоф Сенека при крајот на својот живот одржувал доста интензивна комуникација преку писма со својот пријател Луцилиј Помладиот, службеник во Римската Империја. Во писмата му давал совети за најразлични сфери од животот.

Не поседуваме ништо, освен времето

Сите тие биле подоцна собрани и објавени во една збирка наречена „Моралните посланија за Луцилиј“. Во продолжение следува првото од тие писма, во кое тогаш веќе стариот филозоф се осврнува на времето кое го имаме на располагање.

Поздрав од Сенека до Луцилиј

Продолжи да дејствуваш така, мој драг Луцилиј – ослободи се за твое добро. Собирај го и чувај го твоето време, кое во последно време ти беше одземано или крадено, или само ти бегаше од рацете. Верувај во вистината на моите зборови – дека некои моменти се откинати од нас, некои се нежно одделени, а некои се наоѓаат надвор од нашиот дофат. Сепак, најсрамниот вид загуба е оној поради невнимание. Понатаму, ако обрнеш повеќе внимание на овој проблем ќе сфатиш дека најголемиот дел од нашиот живот поминува додека правиме погрешни работи, добар дел поминува додека не правиме ништо, а целиот живот поминува кога правиме нешто што не е за нас. Можеш ли да ми посочиш еден човек којшто го вреднува своето време, кој знае колку вреди секој нов ден, кој разбира дека умира полека секој ден? Грешиме кога на смртта гледаме како на нешто кое доаѓа, затоа што најголемиот дел од смртта веќе поминал. Колку години и да имаме зад себе, тие веќе се во рацете на смртта.

Затоа, Луцилиј, прави како што ми пишуваш во твоите писма: зграпчи го цврсто секој час. Изврши си ги денешните обврски за да не мораш многу да зависиш од утрешните. Кога одложуваме, животот почнува да тече побрзо. Луцилиј, ние не поседуваме ништо, освен времето. Природата ни го доверила само ова нешто, толку лесно и лизгаво нешто, што секој што ќе посака може да ни го одземе. Какви будали се овие смртници! Дозволуваат најевтините и најбескорисните работи, кои се лесно заменливи, да бидат мерило за она што го постигнале откако веќе го стекнале тоа, но не се свесни дека се во долгови поради најскапоцената привилегија – времето. А времето е единствениот заем кој дури ни најблагородниот примач не може да го исплати.

Веројатно посакуваш да знаеш како јас, којшто проповедам со олкава леснотија, го постигнувам тоа. Признавам отворено: моите работи се урамнотежени, како што можеш да очекуваш од некој кој е слободен, но и внимателен. Не можам да се пофалам дека никогаш не губам ништо, но барем можам да ти кажам што губам и кои се причините за загубата, односно можам да ти ги кажам причините зошто сум сиромашен човек. Мојата ситуација е иста како и на многумина кои се осиромашени без сопствена вина: секој им простува, но никој не доаѓа на помош.

Тогаш, како стојат работите? Вака: не гледам на човек како на сиромав, ако она малку што го има му е доволно. Сепак, те советувам да го чуваш она што е вистински твое, никогаш не е рано за тоа. Затоа што, како што верувале нашите предци, доцна е да штедиш кога ќе стигнеш до талогот на дното од бурето. Она што останува на дното е малку и со лош квалитет.

Збогум.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар