Гласот на македонските ученици: Како би изгледало училиштето од соништата?

„Оценки“, „досада“, „лоши наставници“, „добри наставници“, „шеги“, „другарчиња“, „учење, „домашни“ се некои од зборовите што прво им паѓаат на памет на учениците кога ќе помислат на училиште. Дали некаде ги прочитавте зборовите „знаење“, „уживање“ и „забава“? За жал, училиштето не асоцира на тие термини. За „уживање“ и „забава“ некако ќе прогледаме низ прсти, ама што правиме со зборот „знаење“ кој би требало да биде главната цел на сите училишта?

Гласот на македонските ученици: Како би изгледало училиштето од соништата?

На прашањето „Дали сакате да одите на училиште?“, учениците одговараат со зачудувачко и едногласно „Да“. Но, некои од нивните образложенија за ваквиот одговор се дека сакаат да одат на училиште поради нивните другарчиња, затоа што тоа им е „работа“ и затоа што не знаат што би правеле во текот на целиот ден кога би седеле дома. Учениците не одат на училиште за да научат, за да стекнат знаења и да станат подобри личности, туку за да се видат со нивното друштво и да си го исполнат денот.

Сите сме свесни дека на македонскиот образовен систем му требаат реформи што ќе го подобрат и ќе му помогнат да ја оствари својата првична цел, а тоа е обезбедување знаење. Некои од најголемите проблеми со кои се соочува образованието во Македонија се немотивирани и фрустрирани наставници кои се однесуваат неправедно кон учениците, имаат свои миленици, не ставаат оценки по заслуга и не го пренесуваат знаењето на интересен и ефективен начин, потоа, несоодветни учебници по одредени предмети, лоши услови за работа (стари училници, скршени столчиња и клупи, тавани од каде што протекува вода и слично), како и преголемиот број на предмети што ги преоптоваруваат учениците и не им дозволуваат да се фокусираат она оние вештини што би сакале да ги развиваат.

Македонскиот образовен систем не може ни да се спореди со некои од најдобрите образовни системи во светот. На пример, Финска се смета за држава каде што образованието е на најзавидно ниво. Па, зошто е тоа така? Во Финска нема тестови (учениците прават само 1 тест во текот на нивното основно и средно образование), учениците речиси воопшто немаат домашни задачи, наставата е интердисциплинарна (предметите се поврзуваат помеѓу себе и се предаваат како целина, а не одделно) и факултетот е бесплатен. Слична е и ситуацијата во Швајцарија каде што учениците во средно училиште се делат според нивните способности и интереси, за да можат да се развиваат во една насока. Во Јапонија, пак, се посветува огромно внимание на манирите на учениците, кои мораат сами да си ги чистат училниците и да си ја готват храната.

Гласот на македонските ученици: Како би изгледало училиштето од соништата?

Македонскиот образовен систем многу се разликува од најдобрите образовни системи во светот, се согласувате? Но, што мислат учениците? Какво би било идеалното училиште, според нив? Ние спроведовме кратка анкета на 15 ученици од 9-то одделение и втора година средно и дознавме како би изгледало училиштето од соништата…

Оценувањето би било описно

Повеќето ученици не се согласуваат дека бројките претставуваат соодветни оценки за нивното знаење, туку би сакале да бидат оценувани описно. Ова се практикува во некои приватни училишта, но во државните, идејава сѐ уште е само фантазија. Учениците објаснуваат дека описниот начин на оценување би им помогнал да разберат каде згрешиле, како би можеле да се подобрат, но и кои се нивните силни страни. Друга замисла што им се допаѓа на учениците е добивањето емотикончиња наместо оценки. На пример, единицата да се замени со луто човече, двојката со расплакано, тројката со индиферентно, четворката со благо насмеано, а петката со широко насмеано човече. Учениците сметаат дека би биле помотивирани да се борат насмевка, отколку за бројка.

Повеќе активности надвор од училиштето

Не е никаква тајна тоа дека учениците едвај чекаат да излезат од монотоните училници. Сите испрашани ученици се согласуваат дека би сакале да имаат повеќе активности надвор од училиштето кои би им помогнале подобро да го совладаат материјалот. На пример, кога учат за животни по биологија, тие би сакале да ја посетат зоолошката градина. Обработувањето на лектирите по македонски јазик би одело многу полесно кога учениците би погледнале како изгледаат книгите преточени во театарски претстави. Наставата во природа, кога времето е убаво, исто така звучи како одлична идеја!

Гласот на македонските ученици: Како би изгледало училиштето од соништата?

Интелигентни, креативни, инспиративни и духовити наставници

Сетете се на вашиот омилен наставник или наставничка. Кои особини ги поседувале? Учениците ни открија дека идеалните наставници треба да бидат слободоумни, духовити, интелигентни, добродушни, креативни, инспиративни и комуникативни. Тие исто така посочија дека наставниците треба да бидат авторитативни за да можат да воведат дисциплина во класот, но не и строги. Некои ученици дури и би сакале наставниците да бараат многу од нив за да можат да го извлечат најдоброто од себе. Познавате вакви примери?

Продолжува на следната страница

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар