Дали апликациите ни го „уништија“ животот?

Најпрво, беше интересно кога преку апликација можеше да се работи, да се оди на состаноци, да се плаќа… Денеска, се чини дека токму апликациите на мобилните телефони ја презедоа контролата врз животот.

Дали апликациите ни го „уништија“ животот?

Еден просечен корисник на паметен телефон користи најмалку 10 апликации, а кај некои овој број е поголем. Почнувајќи од социјалните мрежи, потоа игри, мејлови, мобилно банкарство, плаќање, уредување на фотографии, па сè до најобичните списоци за купување, мобилните телефони владеат со нашиот живот.

Многумина би рекле дека доколку го изгубат или оштетат мобилниот, ќе се чувствуваат како да го изгубиле целиот живот, што и не е далеку од вистината. Речиси целиот наш приватен и деловен живот се наоѓа во тоа парче технологија.

Бројот на апликации во онлајн-продавниците на Гугл и Епл секојдневно расте, со цел да се олесни животот на корисникот. Но, како тоа ќе влијае на долгорочен план?

2-dali-aplikaciite-ni-go-unishtija-zhivotot-kafepauza.mk

Психијатрите и невролозите веќе извесно време укажуваат на ова како на епидемија. Според нив, лесната достапност на информацијата во секое време придонесува за намалена мозочна активност. Наместо да се посветиме на реални проблеми и активности, слободното време го трошиме на разгледување на социјалните мрежи, играње игри и на виртуелни разговори.

Влијанието е видливо и во способноста на учениците да совладуваат нови материи. Наместо да седнат и да научат, тие веќе имаат апликација која ќе ја реши задачата наместо нив.

Ваквиот начин на функционирање отвора ново еволуциско поглавје во кое една карактеристика ги надвладува другите – стануваме сè повеќе и повеќе мрзливи.

Сепак, ова не значи дека треба под итно да се ослободиме од саканиот паметен телефон и да се вратиме на старите модели. Најдобро е да се балансира, односно да се користи телефонот во ситуации кога тоа е потребно, а во слободното време, наместо бесконечно гледање видеа и играње игри, да се посветиме на блиските и најважно, на себе.

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар