Познати личности vs. Инста ѕвезди: Кој го сочинува македонското ѕвездено небо?

Познати личности vs. Инста ѕвезди: Кој го сочинува македонското ѕвездено небо?

Неодамна ми се заврте една мисла во глава што ја чув од пријател и соработник и која гласи „Во Македонија нема јавни личности, има само личности кои јавноста ги јава“. Неодамна помина и Златната бубамара на популарноста. Популарност. Има ли воопшто луѓе кои се популарни во Македонија? Што се подразбира под тоа „популарни“? Дали за популарни се сметаат оние кои јавноста веднаш би ги препознала кога би ги видела на улица или пак оние кои имаат најмногу обожаватели/следбеници?

Познати личности vs. Инста ѕвезди: Кој го сочинува македонското ѕвездено небо?

Во странство, познатите личности не можат да излезат од дома без телохранители, бидејќи луѓето го следат секој нивен чекор, постојано бараат да се фотографираат со нив, бараат автограми и слично. Јас лично немам видено македонска позната личност да излезе на кафе и да не може глава да крене од делење автограми. Напротив, нашите „ѕвезди“ слободно можат да одат каде сакаат, кога сакаат, без притоа да се грижат дали некој ќе ги види со извалкана маица и без шминка. Можеби ќе бидат препознаени, можеби ќе се свртат неколку глави по нив, но нема да им биде дадено огромно значење.

Македонските познати личности слободно можат да излегуваат по клубови и да се забавуваат како и секој обичен човек. Единствената штета од тоа може да биде глупав натпис на некој евтин портал од типот: „Шокантно: Елена забележана мртва пијана во најпознатиот македонски клуб“. Па, зошто Македонците не им придаваат толкаво значење на нашите најпопуларни пејачи, актери, уметници и слично? Дали воопшто јавноста ги препознава сите нив и знае зошто се толку популарни?

Познати личности vs. Инста ѕвезди: Кој го сочинува македонското ѕвездено небо?

Вистината е дека Македонија е многу мал пазар. Славата не може да трае долго на толку мало место. Познатите личности се познати само додека се актуелни, додека траат нивните промоции и настапи. Потоа, бидуваат заборавени. Мораат постојано да бидат активни за да останат запомнети како личност која луѓето ја гледаат на телевизија. Нивната слава трае буквално 5 минути и затоа мораат да ги искористат максимално. Некои ги искористуваат 5-те минути на правилен начин, преку неуморна работа, нови, иновативни идеи, постојано снимање песни, спотови, филмови и слично. А постојат и такви што се обидуваат да ја задржат својата слава преку скандали, менување партнери, провокативно однесување на социјалните мрежи и слично.

Овие вторите се најголеми ѕвезди на Инстаграм и на ни едно друго место. Самото име на социјалната мрежа кажува какви ѕвезди се тие: Инста ѕвезди. Тоа се луѓе кои стануваат познати преку ноќ, но чија слава не е реална. Нивниот статус на „селебрити“ важи само на Инстаграм. Нив нема да ги препознаете на улица, бидејќи во реалноста не изгледаат онака како што се претставуваат онлајн. Нивниот вистински живот е далеку од тој гламур и луксуз што го гледаме на нивните објавени фотографии.

Проблемот е што токму овие Инста ѕвезди се однесуваат како најголеми ѕвезди. Тие се толку заглавени во нивната илузија што си дозволуваат да се однесуваат арогантно, супериорно и дрско. Сликата што ја имаат за себе ја создаваат преку „срценцата“ што ги добиле на последното селфи. Нивната самодоверба зависи од тоа колку директни пораки добиле по последното преинтересно Инста стори. Тие немаат потреба да работат, бидејќи ја имаат привилегијата да се нарекуваат себеси „инфлуенсери“. „Инфлуенсер“ во превод значи влијателен човек. Па, колкаво е влијанието на нашите инфлуенсери? И што е уште поважно: КАКВО е нивното влијание врз нивните следбеници? Дали бројот на следбеници на Инстаграм може некому да му даде статус на ѕвезда?

Познати личности vs. Инста ѕвезди: Кој го сочинува македонското ѕвездено небо?

Не или барем не би требало. Не постои сомнеж дека во Македонија има луѓе кои го заслужуваат статусот ѕвезда, благодарение на нивниот талент, примерно однесување, неуморна работа и останатите квалитети што ги поседуваат. За жал, на овие простори тоа не е можно бидејќи луѓето се преоптоварени со своите проблеми и немаат време да трчаат по некого за автограм. Освен тоа, Македонците страдаат од синдромот „туѓото е секогаш поквалитетно од нашето“, па затоа никогаш не би ѝ придале поголемо значење на наша позната личност. Не е срамота да се сподели песна од Цеца и да се оди на концерт на Ана Николиќ и Раста, ама срамота е да се сподели песна од Калиопи и не вреди да се дадат 300 денари за концерт на македонски изведувач. Секако дека има исклучоци (од типот на Каролина која ги распродаде сите концерти и мораше да закаже нови поради огромниот интерес), но тие се бројат на прсти.

Македонскиот менталитет не дозволува Македонија да има ѕвезди, а ние колку сакаме можеме да се лажеме себеси. Пример од прва рака: Пред мене само што се појави Дејан Лилиќ, еден од нашите најпознати и најдобри актери. 10 минути се мачеше да фати такси. Безброј луѓе поминаа покрај него и го одминаа, најверојатно воопшто не препознавајќи го. Да се работеше за таков актер во Америка, ова сигурно не би се случило. Ама сепак ние сме само Македонија…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар