Островот на мајмуните во Виетнам

Доколку некогаш имате прилика да го посетите егзотичниот град Хо Ши Мин во Виетнам, задолжително испланирајте и патување до Кан Гиа или попознат како Островот на мајмуните. Тоа е мало островче оддалечено околу 60 км од центарот на градот. До таму може да се стигне и со организиран превоз, но најдобро би било да патувате како сите локални жители – на мотор, кој можете да го изнајмите за евтини пари. Покрај тоа, има и кусо патување на ферибот.

Патувањето само по себе е доживување, особено после симнувањето од фериботот. Дотаму ќе можете силно да го почувствувате локалниот дух – од густиот и по малку луд мотосообраќај до уличните продавачи и оние кои стрпливо ги чекаат муштериите пред своите дуќани. Вториот дел од патувањето, откако ќе дојдете на островот, ќе ви приреди егзотична глетка и повторно улични продавачи кај кои можете да застанете да се одморите и да се напиете необичен егзотичен освежителен сок.

Кога ќе дојдете до паркот Лам Виен Кан Гиа, кој е најпопуларното место на овој остров, еден мајмун ќе ве пречека уште на влезот. Она за што сите предупредуваат е да бидете особено внимателни со своите лични предмети. Овие мајмуни крадат сè од храна и капи до скапи фотоапарати. Бидејќи ги има многу, а и заради тоа што се мајмуни и можат да скокаат, можат да ве изненадат одзади, одозгора, отсекаде. Тие сакаат да земат сè што можат, брзи се и безобразни, па треба многу да се внимава.

Од друга страна пак, доколку им понудите храна, тие со задоволство ќе ја земат, дури и директно од вашите раце, отворајќи ви прст по прст додека не дојдат до своето богатство. Ќе напикаат колку што можат храна во устата, односно додека не видат дека немате повеќе ништо во рацете, и тогаш ќе се тргнат настрана за на раат да се сластат со она што го добиле од вас. Ако си поигрувате со нивната интелигенција, ќе ви за’ржат и може и да ве нападнат, бидејќи знаат дека намерно ги провоцирате. Во таков случај, најдобро е да бидете во близина на некој од стражарите.

Овие мајмуни шетаат слободно и вие можете да имате интеракција со нив, но како што се оддалечувате од најпосетените места каде што има најмногу луѓе кои најчесто ги хранат, така тие стануваат помалку пријателски настроени.

Инаку овие мајмуни ја делат својата еко-средина со 50-тина крокодили кои спијат во каллива слатка вода која се наоѓа под еден не многу стабилен дрвен мост. Поминете таму на свој ризик.

Паркот заедно со неговата шума во 2.000 година е заштитен од УНЕСКО и претставува навистина интересно место на кое може да се поминат незаборавни неколку часа.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар