Филм: Чувари на галаксијата 2 (Guardians of the Galaxy Vol. 2)

Филм: Чувари на галаксијата 2 (Guardians of the Galaxy Vol. 2)

Незаборавните чувари мора повторно да ја спасат галаксијата!

(1) film-chuvari-na-galaksijata-2-guardians-of-the-galaxy-vol-2-www.kafepauza.mkРежија: Џејмс Ган

Улоги: Крис Прет, Вин Дизел, Бредли Купер, Зои Салдана, Дејв Баутиста

Времетраење: 136 минути

Премиера: 5 мај 2017

Јазик: англиски

Жанр: акција, авантура, научна фантастика

Наша оценка: 10/10

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (8 гласа, просек: 9,38 од 10)
Loading...

 

Ретко се случува продолжението да е подобро од оригиналниот филм, но слободно можам да кажам дека ова е случајот со Чувари на галаксијата 2! Започнувајќи од визуелните ефекти и перформансот на актерите, кои овој пат се многу подобро навлезени во своите улоги, па сѐ до костимографијата, сценографијата и добро познатите хумористични аспекти на дијалозите – овој филм ќе ве држи на работ на столицата додека истовремено и ќе ве смее до солзи. Изгледа сценаристите и режисерите научиле нешто од реакциите на првиот филм и сите оние работи што не ни се допаднаа – целосно се исфрлени, додека оние добрите и незаборавните, се добро обработени и вратени назад во поголемо количество од претходно, заедно со некои новитети што не би можеле да успеат никаде освен во овој филм.

(2) film-chuvari-na-galaksijata-2-guardians-of-the-galaxy-vol-2-www.kafepauza.mk (5) film-chuvari-na-galaksijata-2-guardians-of-the-galaxy-vol-2-www.kafepauza.mk

Нема сомнеж дека ѕвездата на филмот е бебето Грут, кое ѝ дава посебно освежување на приказната, како и уникатна жичка што не може да помине незабележана. Ако мислевте дека постариот Грут е незаменлив, тогаш подгответе се за неговата бебешка верзија – тој со само една сцена (во овој случај првата), ќе најде пат до вашето срце и ќе ве натера да го засакате толку многу, што ќе посакате да го чувате близу до вас и секојдневно да се грижите за него. Мора да се нагласи и урнебесното и заразното смеење на Дракс, што преовладува низ голем број сцени во филмот, што ќе ви ја направи секоја ситуација позабавна и понезаборавна. На истата страница се наоѓа и откривањето на емоционалната страна на Рокет, што ќе ни помогне многу подобро да го разбереме овој лик и да сочувствуваме со него. И секако, не смее да се изостави хемијата меѓу Питер и Гамора, што ќе ви ја разбуди страста во вашето срце.

(3) film-chuvari-na-galaksijata-2-guardians-of-the-galaxy-vol-2-www.kafepauza.mk (4) film-chuvari-na-galaksijata-2-guardians-of-the-galaxy-vol-2-www.kafepauza.mk

Во овој дел имаме можност да дознаеме и нешто повеќе за Небула, како и за нејзиниот однос со сестра си, Гамора. Ова малку наликува на односот меѓу Тор и Локи, но од сосема поинаква перспектива. Исто така откриваме и многу повеќе информации за минатото на Јонду, како и за неговиот однос со Питер – нешто што многу недостасуваше во првиот дел. Овој пат, ќе бидете задоволни од тоа што ќе го дознаете, па да ве предупредиме уште веднаш – направете место во вашето срце и за него, уште пред да влезете во кино салата или да го пуштите филмот на вашиот лаптоп. Од друга страна пак, има и еден сосема нов лик, што ќе ви остави неверојатен и незаборавен впечаток. Станува збор за Мантис, мала и збунета вонземјанка со уникатна моќ што им дава сосема нова димензија на добро познатите чувари на галаксијата.

(6) film-chuvari-na-galaksijata-2-guardians-of-the-galaxy-vol-2-www.kafepauza.mk (7) film-chuvari-na-galaksijata-2-guardians-of-the-galaxy-vol-2-www.kafepauza.mk

Што се однесува до самата приказна, таа е во истиот стил како и првата. Можеби ќе си кажете дека веќе видовме како тие ја спасуваат галаксијата, па по втор пат веќе нема да биде интересно – но, да не заборавиме дека тие се Чуварите на галаксијата – тоа е нивната мисија! И овој пат ја спасуваат галаксијата од нешто сосема поразлично, нешто што никогаш не би ви ни паднало на памет дека е можно. Его, односно татко му на Питер, игра голема улога во тоа, но да не ви издадам нешто што не треба, ќе застанам тука и ќе ви кажам само уште дека филмот вреди да се гледа, и тоа што побрзо, толку подобро!

Сѐ уште не сте го гледале првиот дел? Прочитајте ја нашата рецензија и ќе сфатите зошто тој треба да ви биде првиот избор за филмскиот маратон за овој викенд!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар