Фатална привлечност

Со наслов „Фатална привлечност“ сигурни сме дека веднаш помисливте на Мајкл Даглас и Глен Клос. И покрај тоа што ви дадовме одличен предлог за филм, студиите покажуваат дека фаталната привлечност во врските е далеку помалку екстремна и драматична.Фатална привлечностИстражувачите на врски долго проучувале што точно ја предизвикува привлечноста, но процесот на фатална привлечност објаснува како нешто што на почетокот било привлечно може да доведе до крај на врска.

Пробајте да го замислите наредново сценарио. Вас ве привлекува некоја личност бидејќи е спонтана. Во раните стадиуми од оваа врска, вашиот поглед кон спонтаноста може да биде забавен и возбудлив. Но, како што поминува времето можеби ќе почнете да мислите дека таа личност е премногу непредвидлива и тоа полека ќе се претвори во причина за раскинување.

За подобро да се разбере фаталната привлечност, професорката Дајен Фелмли од Универзитетот во Висконсин направила истражување во кое учествувале 301 индивидуа од кои 81 можеле да објаснат раскинување со помош на фаталната привлечност. Таа открила три најчести шеми:

1. Забавно до будалесто – Ова бил најчестиот пример за процес на фатална привлечност. Со оваа ситуација, индивидуите на почетокот биле привлечени од некоја личност бидејќи била едноставно „забавна“. Но, истото однесување со тек на време станувало проблематично. Замислете дека ве привлекува некој кој постојано кажува шеги и кој скоро никогаш не е сериозен. Ова би можело да биде привлечно, но со тек на време ќе сфатите дека неговото/нејзиното однесување може да биде понижувачко и детинесто.

2. Силно до авторитарно – Замислете дека ве привлекува некоја личност затоа што е доминантен, има цврсти ставови и висока самодоверба. Со тек на време, ќе почнете да гледате на овие однесувања како премногу диктаторски, насилни и/или авторитарни.

3. Спонтано до непредвидливо – Оваа фатална привлечност се манифестира со интересирање за одредена личност поради нејзината спонтаност, но подоцна во текот на врската истите овие однесувања ќе ве натераат да си помислите дека таа личност е премногу непредвидлива за вас.

Зошто се појавува овој процес? Сличноста е клуч за појава на привлекувањето. Истражувањата сè повеќе и повеќе ни покажуваат дека спротивностите ретко кога се привлекуваат. Доколку не се согласувате со ова размислување, погледнете го вашиот близок круг на пријатели. Што забележувате? Сите тие се многу слични измеѓу себе и со вас. Поради тоа, едното објаснување за фаталната привлечност е фактот дека „фаталното однесување“ е премногу различно од нашето.

Другото објаснување кое произлегло од ова истражување е она поврзано со гледањето низ „розови наочари“. Поточно, „индивидуите се привлечени од силината на другата личност и иако се свесни за нивните слабости, од одредени причини одлучуваат целосно да ги игнорираат.“ Кога периодот на „меден месец“ ќе заврши, привлечноста го намалува својот интензитет и овие негативни карактеристики се сè потешки за игнорирање.

Па, наредниот пат кога ќе започнете врска со некоја нова личност за која ќе си помислите „Ова е многу интересно! Тој/таа е толку различен/а“, потсетете се на овој текст и размислете дали навистина вреди да се впуштите во таа авантура. Но, во секој случај ви посакуваме среќно ловење!


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар