Законот на привлекувањето

Постојано се случува да нè привлекуваат одредени луѓе. Сте се запрашале ли некогаш што е тоа што нè привлекува нас или пак, што е тоа што другите сметаат дека е привлечно кај вас?

Кога ќе размислите подобро, меѓу илјадниците луѓе со кои секојдневно се разминувате, нели би требало да биде многу лесно да ја пронајдете „совршената“ личност? Но, медиумите, социјалниот притисок и човековата природа на некој начин оваа потрага ја претворија во огромна мистерија. Поради тоа науката преку неколку теории пробала да објасни што точно е привлекувањето, како и кога настанува и што може да влијае на него…

Законот на привлекувањето

Ефектот на ореол

Во првиот момент кога се запознаваме со одредена личност, ние веќе имаме основна замисла за него/неа. Донесуваме инстантен заклучок со кој ù го определуваме карактерот и можеби потсвесно веднаш одлучуваме дали ни се допаѓа или не. Но, дали е можно само една одредена карактерна црта или размислување да придонесе за нашата проценка? Дали може да „осудиме“ личност која генерално е добра, како лоша само зашто не ни се допаднале неговите/нејзините ставови и размислувања во одредени области? Науката вели – ДА!

Законот на привлекувањето

Ефектот на ореол настанува така што кога една личност говори со поголем ентузијазам, се смее и е поотворена – таа е поприфатена од „публиката.“ Ние сме „заслепени“ од нејзините/неговите движења и позитивна енергија и не обрнуваме многу внимание на разговорот. Доколку истата личност го кажува истиот текст со помалку ентузијазам, понегативен став и се однесува позатворено – таа ќе биде полошо прифатена и повеќето критики ќе се однесуваат на работите кои биле кажани од нејзина/негова страна… Доколку ве интересира нешто повеќе за овој ефект погледнете го ова видео.

Звукот на привлекувањето

Гласот, говорот, смеењето, плачењето, викањето и пеењето – сè тоа е дел од комуникацијата кај луѓето. Многу често се случува да се создаде ментална слика за одредена личност само од звукот на нејзиниот глас. Ви се случило ли некогаш да разговарате со некој по телефон, според неговиот/нејзиниот глас да си претпоставите како би изгледале и потоа кога ќе се сретнете да сфатите дека тој/таа не изгледа ни приближно како во вашите замисли? Сте се запрашале ли како ве отсликува вас гласот? Дали го „рефлектира“ вашиот карактер или пак, го контролира? Дали мислите дека гласот сам по себе би можел да биде привлечен? Науката вели – ДА!

Законот на привлекувањето

Гласот има тенденција да оддаде некои физички карактеристики. На пример, бидејќи мажите се физички поголеми од жените тие имаат подлабок глас. Но, истражувањата покажале дека не е сè толку едноставно. Некои слушатели имаат способност преку гласот на соговорникот да ги откријат неговиот социо-економски статус, карактер и емоционалната состојба.

Што се однесува до привлечноста – повисокиот тон на глас кај жените и подлабокиот тон на глас кај мажите се сметаат за попривлечни. Се покажало и дека жените поточно го поврзуваат гласот со ликот на личноста, тие создаваат поточна ментална слика за мажите бидејќи се многу повнимателни во однос на деталите при изборот на добар партнер… Доколку ве интересира нешто повеќе за звукот на привлекувањето, погледнете го ова видео.

Миризбата на привлекувањето

Ние се навикнуваме секојдневно на работите кои ни се познати и со кои се чувствуваме удобно. Миризбата има голема улога во тоа. Сите ние имаме научено одредени миризби кои се карактеристични за одредени луѓе преку кои дури и можеме да ги препознаеме. Се верува дека нашиот мозок поврзува миризби со различни емоции. Ви се случило ли некогаш да поминете покрај личност која има парфем како вашиот партнер и во тој момент веднаш да се сетите на него/неа? Но, дали миризбата може да има улога во привлекувањето? Науката вели – ДА!

Законот на привлекувањето

Истражувањата покажале дека сите ние имаме „генетски“ мирис по кој се разликуваме од останатите. Но, жените имаат поголема способност при препознавањето на тој специфичен мирис, посебно кога се во фаза на овулација. Секако жените употребуваат многу повеќе парфем отколку мажите, и тоа може да е причината зашто мажите не успеваат да ја препознаат нивната природна миризба толку успешно.

Исто така миризбата многу често зависи и од имуниот систем. Колку е вашиот имун систем поразличен од имуниот систем на одредена личност – толку попривлечно таа личност ќе ви мириса… Доколку сакате да видите нешто повеќе за како миризбата влијае на привлекувањето, погледнете го ова видео.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар