Од каде доаѓаат мислите кои одеднаш ви паѓаат на памет?

Одите по улица како и секој друг ден, кога одеднаш од никаде ви паѓа на памет сеќавање од пред неколку години за личност на која не сте помислиле многу долго време. На само еден момент вие сте транспортирани во време и место за кои сте сметале дека се одамна заборавени. И по само еден миг, сеќавањето исчезнува исто толку брзо колку и што се појавило…

Од каде доаѓаат мислите кои одеднаш ви „паѓаат на памет“?

Ова доживување најчесто се поврзува со нешто за коешто вашиот свесен ум не знае дека постои. Но, можеме да се сретнеме и со уште почуден начин на појавување на овие скриени мисли. На пример, кога одеднаш ќе се сетите на збор или фотографија која нема никаква врска со она за што сте размислувале. Како зборот „портокал“ или замислување на ренде. Тие мисли изгледаат уште почудно бидејќи немаат никаква поврзаност со некое минато искуство, место или личност – мисла без никаква автобиографска основа.

И покрај тоа што мал дел од луѓето никогаш не се соочиле со вакви искуства, во едно истражување психолозите откриле дека голем број од луѓето имаат вакви мисли барем еднаш дневно. Тие најчесто се појавуваат за време на рутински активности, како додека одите по улица, си ги миете забите или пак, додека се облекувате. Тие исто така се појавуваат и кога вашето внимание е намалено.

За некои од овие скриени мисли може да се пронајде причината. Психологот Лија Квавилашвили дава кратко објаснување на оваа тема со свој пример:

„Додека го фрлав ѓубрето во кантата, зборот „Акапулко“ ми падна на памет и бидејќи немав никакво објаснување зошто баш тој збор ми се појави во мислите, му се обратив на моето семејство за помош. На мое изненадување, ми рекоа дека зборот „Акапулко“ бил спомнат на телевизија пред околу 45 минути.“

Оваа способност да се најде изворот на одредена скриена мисла не е само еден изолиран случај. Во своето истражување, Квавилашвили и Мендлер откриле дека зборовите и фотографиите кои случајно се појауваат во нашите мисли, всушност не доаѓаат баш од никаде. Понекогаш тие можат да се објаснат со асоцијации како на пример, разговорот за Божиќ подоцна да доведе до појава на песната „Jingle Bells“ во вашите мисли.

Фактот дека на голем дел од мислите кои одеднаш ви паѓаат на памет не може да им се најде изворот е резултат од тоа колку многу информации се процесираат потсвесно во вашиот мозок. Тоа што е фасцинантно кај овие доживувања е што можат да се појавуваат по неколку недели, месеци, па дури и години по нивното оригинално појавување.

Некои психолози дури веруваат дека овие мисли можат да бидат повразни и со креативноста, бидејќи тие навидум случајни асоцијации можат да ви помогнат на креативен начин да се справите со одреден проблем. Тие исто така се уште еден доказ дека ние ги снимаме сите информации кои ги примаме. За среќа, нашиот мозок прави добра работа при нивното „маскирање“ бидејќи доколку сите тие ни се постојано достапни би ни го одвлекувале вниманието и би имале големи проблеми со концентрацијата.

Па, затоа нареден пат кога ќе ви падне на памет нешто сосема неповрзано со вашата моментална активност, без разлика на тоа колку ви е чудно во тој момент, запомнете дека најверојатно настанало од нешто што сте виделе, слушнале и размислувале пред некое време. Секако, зошто баш на тие работи се присетуваме, сè уште е многу голема мистерија…


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар