Книга: „Убијци без лица“ – Хенинг Манкел

Книга: Убијци без лица - Хенинг МанкелУште еден феноменален трилер од скандинавската литература – „Убијци без лица“ е првиот роман од серијалот за полицискиот инспектор Курт Валандер издаден во 1990 година, но со возбудлива содржина и тематика која и ден-денес е актуелна. Серијалот брои 10 книги, а Валандер низ годините станува еден од најомилените инспектори од крими-романите, особено по телевизиските адаптации во дури 3 ТВ серии од кои една британска. Самиот автор, Хенинг Манкел, вели дека инспирацијата за ликот и за првиот роман ја добил по неговото враќање од Африка, соочувајќи се со бранот на ксенофобија кој сè повеќе се чувствувал во Шведска и решил да пишува токму за тоа. Поради темата чувствувал дека главниот лик треба да биде инспектор, па така се родил комплексниот лик Валандер со сите негови способности, но и проблеми.


Доделуваме 2 книги во соработка со Издавачкиот центар ТРИ


Во мирното село Лунарп се случува грозоморно, двојно убиство во домот на стар брачен пар. Нивните измачени тела ги пронаоѓа соседот кој сосема случајно ги слушнал пригушените извици на пријателите со кои живееле врата до врата, работејќи чесно цел живот на своите фарми. Кога полицијата пристигнува на местото на злосторот, телото на мажот е скоро непрепознатливо, а старата жена, сè уште жива, но оставена бавно да умира со јамка на вратот. Испитувањата на сведоците, истрагата на местото и можните мотиви за некој да изврши толку бесчувствително и насилно злосторство тапкаат во место како што Валандер не може да пронајде ниту една причина зошто стариот брачен пар би доживеал ваков крај.

Последната надеж ја гледаат во слабата можност жената да преживее, но за жал таа умира во болница и единствено што успева да каже е еден, единствен збор: странци. Знаејќи што може да се случи доколку ваквата информација стигне до јавноста, Валандер и неговиот посветен тим се обидуваат да го решат случајот што побрзо и потивко, но како и во секој добар трилер информацијата го наоѓа својот пат до новинарите и предизвикува цела низа проблеми на национално ниво.

Она што на почетокот изгледа како кражба или во краен случај одмазда проследена со брутално убиство, сега прераснува во организирани напади на бегалски кампови и случајни расистички убиства на странци. Валандер кој сè уште се обидува да ги открие тајните на старците, особено на сопругот кој после сè се покажува дека не бил толку чесен и мирен граѓанин, мора паралелно да се справува и со новите убиства, но и со личните проблеми. Неговиот животен стил како полициски инспектор го чини развод и растурени односи со ќерка му и сенилниот татко.

Книгата има феноменален почеток и верувам дека нема љубител на крими-романи и трилери кој не би бил заробен во приказната после таа убиствена сцена на стара фарма во ладната Шведска. Иако навидум делува премногу мрачно, ова не е книга која ќе ве остави без спиење или од која срцето ќе ви чука побрзо од страв, но дефинитивно е трилер вреден за читање. Всушност, убиството на стариот брачен пар е одлична увертира во јасната намера на Хенинг Манкел, а тоа е да пишува за расната омраза, која дури и во најразвиените земји чека само погодна ситуација да избие на површина. Книгата го има оној момент кога „големата слика е прикажана во малата“ односно Хенинг преку Валандер на некој начин ја претставува неговата земја Шведска и како тој гледа на неа во тој момент – истоштена и немоќна да оди во чекор со времето.

Прекрасно изграден лик со сите свои типични и не толку типични особини на еден полициски инспектор, убав стил на раскажување кој нема да ве оптовари со премногу непотребни описи и детали, а ќе ве насмее во неочекувани ситуации и добра приказна која на крајот открива подлабока суштина отколку што навидум изгледа. „Убијци без лица“ го нуди сето ова и многу повеќе и е дефинитивно задолжително четиво за сите трилер фанатици меѓу читателите.

Книжарница ТРИ, ГТЦ, I кат
тел: 02/3238-722
knizarnica@kniga.com.mk

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдТРИ и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до вторник, 1 октомври 2013.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе можете да си ги подигнете со документ за лична идентификација во книжарницата ТРИ.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. Име Reply

    #СакамКнигаОдТРИ
    Љубица Митреска

  2. Cvetanka Ristovska Reply

    Ke bidam presrekna dokolku ja dobijam knigata :)

Остави коментар