Идоли и високи потпетици

Воглавно постојат два вида жени: оние кои носат штикли за да привлечат внимание и да си го истакнат задникот и други кои докажуваат дека и на штикли можат да трчаат и да освојуваат. Феминистките се противат на високите потпетици. Јас пак не би се согласила. Штиклите не ја спречуваат жената да дојде до целта туку напротив, прават уште повеќе да се вреднува нејзиното стигнување до неа.

Идоли и високи потпетици

Се очекува модерната жена кога-тогаш да потклекне. Просто има премногу предизвици. Треба да се избори да го добие работното место, да биде унапредена без да спие со шефот, да замине на трудничко боледување и да си го зачува работното место по враќањето, да биде добра домаќинка и мајка и да има кариера. И ако потклекне во која било област ќе ја направат да се чувствува помалку вредна. Системот на вреднување изгледа е расипан, и тоа почнува од рана возраст. Како?

На девојките им се всадува таа зависност од „љубов“ и внимание од страна на мажите. Таа треба да има некој покрај себе, за да добие внимание треба да е убава, за да биде убава треба да троши на шминка и облека. Сето тоа мене ми наликува на пропаганда. Но да се задржиме на она „убава“. Што е всушност убавина?

Деколте, истакната задница, полни усни, нашминкани очи? Жените всушност се дотеруваат за другите жени, не за мажите. Треба да изгледаат привлечни, се натпреваруваат која ќе собере повеќе погледи, ќе се озборуваат меѓусебно која колку се здебелила… И која е целта?

Сонот на многу девојки е да станат „феме фатале“, што по некоја урбана дефиниција би значело: девојка со изразена сексуалност но и интелигенција, која ги користи тие свои доблести за да манипулира со мажите и да го добие она што го сака. Ако ништо друго, барем тоа „интелигенција“ да им остане макар до некој степен приоритет.

Во средношколските денови девојките се трудат да бидат убави, модерно облечени, прифатени во нечие друштво и всушност си поставуваат еден сосем погрешен принцип на себе-вреднување. Има еден интересен факт – колку си попопуларен во средно, толку си понепопуларен во остатокот од животот. Но работата е што не е само средното. И возрасни, мажени жени се борат со својата „конкуренција“ за вниманието од мажите.

Неодамна слушнав нешто што ме замисли – жените меѓусебно се гледаат како конкуренција, не за работа или кариера (што до негде би било прифатливо), туку за вниманието на мажите. Како што растам и созревам сè полесно цртам паралела меѓу два типа жени и веќе ми е сосем јасно и си ја поврзувам сложувалката. Убава и средена жена – да, во секој поглед. Одѕив на високите потпетици во ходникот – не е на одмет, памет и образование – задолжително. Таа оди со крената глава и напредува на работното место не бидејќи легнала со шефот, туку бидејќи без неа работите се распаѓаат. И неа не ѝ е потребно ничие внимание кога дома си има некој кој знае што чува покрај себе.

Размислете добро за жените кои ги познавате, сите без исклучок. Кои им се примарните вредности во животот, кон што целат, каква е позицијата на оние пристојните а каква на оние што просто премногу се трудат да бидат забележани? Која по што останува запаметена? Ако со сите медиумски влијание на младината во глава ѝ се формира идејата дека треба да наликува на некоја старлета за да привлече внимание од мажите и да се пробие во светот на славата со „домашно видео“, колку е всушност здрава таа младина?

Не ви се потребни витези кои јавно ќе се борат за вашето внимание за да сфатите дека сте убави. Убавината ја носите со себе и тоа не е клише. Ако имате свои идоли, жени на кои им се восхитувате – одбирајте ги разумно. Ако носите високи потпетици најпрво размислете, со која цел ги облекувате?

Ели


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар