Чукни во дрво

Чукни во дрво

Колку од вас биле на „бајачка“, или што би рекла сестра ми, на пагански психијатар, или макар познавате некој кој бил однесен од страна на мајка му или баба му?

Чукни во дрво

Штом детето не може да заспие, плаче без престан, се однесува чудно – сигурно го фатиле уроци или е под некаква мрачна сила. Па ќе го однесат кај некоја баба која ќе го „избрка лошото“. Дозволете ми да направам мала забелешка – палење облека, мрморење некакви чудни зборови над глава и правење форми на крст во воздух (со помош на нож!), ич не е логично дека ќе му помогнат на детето да спие подобро. Напротив!

Ама после доаѓа недела, или Божиќ или Велигден, и истата таа мајка или баба те носи во црква. Парадокс.

Живееме во време кога секој втор, што се вели, е академски граѓанин, високо образован човек со добра работна позиција, кој/а без исклучок тропа во дрво и се поместува од местото кога ќе чуе за некаква несреќа. Модерни девојки кои се залагаат за своите права, феминистки, идни адвокати, доктори, наставници и слично, пробуваат со магија да си го вратат загубениот дечко.

Моја блиска личност ми кажа како од досада пуштила телевизија и начекала емисија во која жената објаснувала дека магијата не е лоша работа – напротив, таа ќе ви помогне вашиот бивш да ја остави сегашната девојка и да ви се врати вам оти вие повеќе ја заслужувате неговата љубов. Дали се слуша што зборува?! Или пак, ѝ пишуваат писма на познатата балканска „пророчица“ – нешто чудно ми се случува во бракот, мажот не ми обрнува внимание, мислам дека има љубовница, а бидејќи свекрва ми не ме сака сигурна сум дека таа му има направено магија. Одговорот на пророчицата е: да, маж ти има љубовница и да, свекрва ти ја „сварила“ оваа манџа. Фала многу, пријатно! Не спијам добро во последно време, мислам дека некој ми има фрлено црна магија. Има решение, не грижи се. Стави едно тенџере на глава и заврти три круга околу куќа.

Од човек кој си има мака лесно се прават пари – од наивен народ пак, уште полесно.

Апел кон сите идни, модерни жени и мајки, не носете ги децата по бајачки, не трауматизирајте им го детството, не збунувајте ги. Ако ги воспитувате во духот на религијата, научете ги кога ќе им е тешко, не да ја бараат бајачката, туку да си појдат во црква и да си запалат свеќа, или пак што и да налага вашата религија. Ако не сте религиозни, научете ги да го најдат мирот во нешто друго.

Не може да живееме во ова модерно време, да одиме напред ако во главите сме сè уште заглавени во некое сосема друго време и им се покоруваме на разни пагански обичаи.

Не, нема да си го вратиш бившиот со помош на магија – седни и учи и размислувај за иднината. Очигледно имаш премногу слободно време.

Ели

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. bogomir Reply

    Мислам дека многу си ги потценила бајачките, добив впечаток дека мислиш дека тие се занимаваат со превара или нешто мистично и тука е проблемот на многу луѓе ама не е така тие луѓе се занимаваат со најразноврсни отрови и неможе толку лесно обичен човек да се справува.

Остави коментар