Досие Екс: Зошто се опседнуваме со бившите на нашите сакани?

Човечката љубопитност е страшна работа! Љубопитноста е меч со две острици – колку што може да ни помогне да успееме во животот, толку може и да ни ги искомплицира работите. Освен тоа, таа е бесконечна и безгранична, што го прави проблемот уште поголем, особено кога станува збор за нешта кои треба да си останат закопани во минатото. Минатото на луѓето е многу деликатна работа и некои воопшто не сакаат да зборуваат за него.

Досие Екс: Зошто се опседнуваме со бившите на нашите сакани?

Минатото може да биде полно со негативни емоции, болни спомени, трауматични ситуации, скршени срца, па затоа, не е ни чудо што многумина се обидуваат да го остават зад себе и да продолжат понатаму. Сите ние го знаеме тоа и токму од таа причина се интересираме за минатото на луѓето особено ако се работи за нашите сакани. Сакаме да знаеме што им се случувало, како размислувале порано, дали биле повредени, бидејќи мислиме дека тоа ќе ни помогне да дознаеме што е она што ги обликувало и ги претворило во луѓето коишто се денес. И тогаш почнуваме да копаме. Наместо да се фокусираме на нас и нашата врска во сегашноста, ние копаме по минатото и се труеме со бескорисни информации. Се распрашуваме, директно или индиректно, бараме, чепкаме, донесуваме основани или неосновани заклучоци, отвораме досиеја…

Постојат многу различни досиеја од минатото на еден човек. Семејно досие, образовно досие, работно досие, пријателско досие… Но, едно од тие досиеја секогаш најмногу ни го привлекува вниманието и ни задава најсилни главоболки: Досие Екс. Тоа е досието што ги содржи информации за сите поранешни партнери на девојките или момчињата со коишто сме во врска моментално. Тоа е досието што откако еднаш ќе го отворите, нема враќање назад.

Повеќето луѓе сакаат да го отворат ова досие. Тоа најчесто го прават или преку директен разговор со сегашниот партнер или посуптилно, преку копање по социјалните мрежи. Знаат дека можеби нема да им се допадне тоа што ќе го дознаат, но сметаат дека станува збор за важна информација која може многу да им открие за нивниот сакан или сакана. Каков вкус имале? Како се однесувале во претходните врски? Колку сериозни врски имале? Дали имале голем број сексуални партнери? Сите овие податоци им се многу важни за да можат да изградат целосна слика за нивните сакани.

Ретки се поразумните поединци кои навистина не сакаат да го отворат досието екс. Знаат дека постои голема веројатност да не им се допадне тоа што ќе го дознаат, па затоа не се плеткаат таму каде што не им е место. Сепак, понекогаш, сплетот на околности има поинаков план за нив. Понекогаш, информациите сами им доаѓаат и безмилосно ги напаѓаат. Без разлика дали некој самоволно им кажал, случајно им излегло на социјалните мрежи или пак се запознале во живо, тие дознаваат за бившите на нивните сегашни партнери и досието останува засекогаш отворено и прочитано.

Досие Екс: Зошто се опседнуваме со бившите на нашите сакани?

Многу е тешко да се затвори досието откако еднаш ќе се отвори. Најпрво, дознавате само име и презиме и потоа започнува целата истрага. Секако дека главната истражувачка алатка се социјалните мрежи. Пребарувате на Фејсбук и на Инстаграм. Прво во очи ви паѓаат фотографиите. Анализирате кој е поубав: Вие или тие? Откако заклучивте дека вие сте поубави, барате мислење од сите ваши пријатели. Тие ви го потврдуваат тоа сакале или нејќеле. Иако ве измачува фактот што нивните профили се преполни со професионални и уметнички фотографии со илјадници лајкови, некако успевате да се утешите со вашето последно „профи“ селфи.

Потоа, преминувате на анализа на сите нивни статуси и објави. Се радувате поради фактот што имаат неколку навистина глупави статуси. Не ви се допаѓа тоа што имаат одличен вкус за музика и знаат убаво да се изразат. Не прават граматички грешки, штета! Добро, тоа е знак дека вашиот сегашен партнер знаел да направи добар избор. Тоа би требало да е нешто позитивно, се согласувате? Само што се расположивте, забележавте дека поранешната девојка или момче имаат завршено 5 факултети, магистрирале и се многу успешни во нивната работа, а вие едвај дипломиравте на 1 факултет и не сте ни сигурни што сакате да работите во животот.

Почнувате да се нервирате и да се чувствувате лошо во врска со себе, но тогаш ви „светнува“ дека вашиот партнер сепак ве одбрал вас а не нив. Сигурно врската што ја има со вас е многу подобра од врската што ја имал со нив. Го чувствувате тоа, а и вашите сакани ви ја потврдиле нивната љубов повеќе од еднаш. Немате причина да се сомневате и да мислите дека тие понекогаш мислат на нивните бивши и посакуваат да ги вратат назад. Сепак, мора да проверите за да се уверите! Преминувате на следниот чекор од вашата потрага, а тоа е пребарување на сите нивни заеднички фотографии и означени објави на социјалните мрежи.

Уф, не очекувавте дека ќе наидете на толку многу информации! Тие си објавувале заеднички работи буквално секој ден! Од слатки статуси за тоа колку многу се сакаат и фотографии со натписи до песни и ознаки на сите места што ги посетиле заедно. За да бидат нештата уште полоши, дури и нивните пријатели ги означувале на разни фотографии од животинчиња што се гушкаат и им коментирале со срциња на сите нивни лигави статуси. Тоа се истите тие пријатели што сега коментираат на вашите слики. Почнувате да си ги поставувате следниве прашања: „Кого сакаат повеќе, мене или неа/него? Дали мислат дека јас сум подобриот избор или тој/таа? Со кого повеќе се зближиле?“. Очигледно е дека социјалните мрежи се полни со историски податоци за нивната поранешна врска. Се надевате дека биле барем доволно внимателни за да ги избришат сите нивни заеднички фотографии. Ја немате таа среќа. Сликите си стојат недопрени, како никогаш да не раскинале. Дали тоа значи дека едноставно заборавиле на тие фотографии или дека немале сила да ги избришат бидејќи сѐ уште потајно се надеваат дека еден ден ќе се смират?

Досие Екс: Зошто се опседнуваме со бившите на нашите сакани?

Главата ви е полна со прашалници. Го отворивте досието екс иако длабоко во себе знаевте дека тоа не е добра идеја. Не можете да разговарате за ова со вашиот сегашен партнер, бидејќи се плашите да не си помисли дека сте луди. Можеби навистина сте луди?! Не може да е нормално олку да се опседнувате со некоја личност од минатото кога вашиот партнер или партнерка не ви дале никаков повод да се сомневате во нивните чувства кон вас! Знаете дека нема ништо меѓу нив, не контактираат, запознаени сте со целата нивна историја и сигурни сте дека нивната приказна е завршена и закопана некаде длабоко во минатото. Па, зошто тогаш вие моравте да ја откопувате? Дали причината за тоа е вашата љубопитност или пак несигурноста во себе? Дали се плашевте дека вашите сакани можеби не ви ја кажуваат вистината, па моравте да ги преземете работите во свои раце?

Еве, сега знаете сѐ! Дали се чувствувате подобро? Најверојатно не. Вие сѐ уште ги проверувате профилите на бившите неколку пати неделно. Сѐ уште ги разгледувате лајковите на сите нивни фотографии и се надевате дека нема да видите лајк од вашите сакани. Сѐ уште се споредувате и се прашувате зошто вашите сакани ве одбрале вас, кога очигледно е дека нивните поранешни партнери се многу поуспешни и попаметни. Не можете да го споменете ова и отворено да разговарате, бидејќи знаете дека не е рационално. Можеби не сте свесни, но опседнувањето со бившите е голем знак на несигурност во себе. Длабоко во себе, мислите дека не го заслужувате вашиот сакан или сакана. Мислите дека тие можат да си најдат многу подобар партнер од вас. Не верувате доволно во вашите способности и квалитети.

Нормално е да посакате да го отворите досието екс. Нормално е и да се посомневате во себе. Сите нѐ интересираат бившите на нашите сегашни партнери. Тоа е природно и човечки. Но, не смеете да дозволите тоа да ве обземе и да влијае на вашата врска. Треба да научите кога е време да кажете „стоп“ и да го оставите минатото да почива таму каде што му е местото: Во минатото. Не заборавајте дека вашите партнери се со вас, а не со нивните бивши. Тие ве одбрале затоа што виделе нешто посебно и неверојатно кај вас. Време е и вие да станете свесни за вашите извонредни особини и таленти. Не дозволувајте му на досието екс да ја дефинира и контролира вашата врска. Затворете го и заклучете го во фиока. Фрлете го клучот и не барајте го повеќе. Ако вашите сакани можеле да го сторат тоа, можете и вие.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар