Сами дома или со друштво во дискотека: Кој си помина најубаво за Нова година?

Сите луѓе различно ја доживуваат новогодишната вечер. Некои се подготвуваат за неа со недели. Резервираат место цел месец однапред, ја организираат забавата до најситни детали, одлучуваат што ќе облечат и слично. Најчесто нивните очекувања се толку високи што реалноста не може да ги исполни и тие завршуваат разочарани. Од друга страна, пак, има и такви што не знаат каде ќе слават сѐ до последен момент. Не му придаваат големо значење на дочекот, бидејќи тој претставува уште една обична вечер за нив. Тие најчесто завршуваат сами, со партнерот или најблиските пријатели во домашна атмосфера или во единствениот локал каде што имало место. Несомнено е дека постојат повеќе начини да се прослави Новата година. Па, кој е најдобриот избор? Кој си помина најубаво вчера вечер?

Сами дома или со друштво во дискотека: Кој си помина најубаво за Нова година?

Прослава во бар/дискотека со друштво

Најпрво сте чекале да излезат интересни понуди од различни локали на социјалните мрежи. Сте се собрале десетина пријатели и сте одбрале бар, кафуле или дискотека по долги расправии и групни конверзации на Фејсбук, бидејќи не сте можеле да се сложите за местото, како резултат на вашиот различен вкус за музика. По постигнатиот компромис, со тешко срце сте издвоиле 1.000 и кусур денари за 3 пијалаци и чиниче чипс на коњопоите. Сте си рекле: „Не се важни парите, важно да си поминеме убаво“.

Сами дома или со друштво во дискотека: Кој си помина најубаво за Нова година?

За жал, не сте ја имале таа среќа. Сте резервирале 2 коњопои за 10 души, но на крај сите решиле да си земат по некој човек кој не е од друштвото и бројот на луѓе се зголемил, но не и бројот на коњопоите. Цела вечер се стискавте и се туркавте, обидувајќи се да не ги истурите пијачките. Како капак на сето тоа, иако било напоменато дека нема да има турбофолк, по полноќ секогаш се менуваат приоритетите. Пијани луѓе насекаде околу вас кои „сечат вени“ на срцепарателни стихови, тепачка околу 1 часот, полиција и брутално бркање од локалот. Дома сте во 1.30 часот. Па, ако ништо друго, барем заврши целиот хорор и можете да ја соблечете неудобната облека.

Оцена од 1 до 5: 2, затоа што конечно направивте фотографии на кои сте дотерани и изгледате совршено.

Прослава дома со друштво

Ви олесна што оваа година нема да морате да славите во кафуле и ќе можете да прославувате во домашна атмосфера со најблиските луѓе. Ем ќе заштедите ем ќе си пуштате каква музика сакате. Сте купиле сѐ што сакате за јадење и пиење, сте облекле нешто удобно и сте ја подготвиле најдобрата музичка плејлиста. Сте очекувале дека цела вечер ќе се забавувате, ќе танцувате и ќе разговарате со вашите најдобри пријатели.

Сами дома или со друштво во дискотека: Кој си помина најубаво за Нова година?

21.00: Само што пристигнавте, па решивте да направите селфиња покрај елката додека не се опијаните и не биде предоцна.
22.00: Сите дремете на каучот и зјапате во телефоните. Немате што да си кажете, бидејќи се слушате по 10 пати дневно.
23.00: Алкохолот почна да дејствува и малку се раздвиживте. Танцувате, се смеете, се шегувате, вечерта конечно стана забавна.
00.00: Пукате шампањ, палите прскалки, си честитате… Чекај, каде е Горан?

За Горан вечерта завршила малку порано и тој ја прегрнал тоалетната шолја (ако успеал да стигне до неа). Одеднаш сите сте околу него, се обидувате да го отрезните, додека тој ви кажува колку ве сака. Целата забава застанува во место, додека Горан конечно не заспие. Но, потоа сите сте премногу изморени, па решавате и вие да си легнете.

Оцена од 1 до 5: 5, ако сте Горан, 3 ако сте морале да се грижите за Горан и да го чистите целиот неред.

Прослава дома со партнерот

Конечно не ја дочекавте Новата година сингл! Имате партнер кого го сакате и среќни сте што оваа година не сте се заморувале околу дочекот, бидејќи барем сте биле сигурни со кого ќе славите. И двајцата сте ги откачиле друштвата и сте решиле да се посветите еден на друг. Сте си ги направиле омилените јадења, сте ги симнале филмовите што на обајцата ви се допаѓаат и сте се подготвиле за удобна и романтична прослава.

Сами дома или со друштво во дискотека: Кој си помина најубаво за Нова година?

23 часот. Се обидувате да не заспиете и барем да ја дочекате Новата година. 00.30 часот. Се будите и сфаќате дека сте го пропуштиле одбројувањето. Си честитате и прејадени се враќате на спиење. Утредента се прашувате кога сте се претвориле во еден од оние здодевни парови кои цело време спијат, гледаат филмови и не знаат да се забавуваат.

Оцена од 1 до 5: 4, бидејќи барем конечно се наспавте.

Прослава надвор од Македонија

Отсекогаш сте сакале да го направите ова! Новогодишен дочек во Рим, Виена, Будимпешта, Прага… Не може да не си поминете убаво на тие волшебно украсени места. Доста ви беше од едните исти прослави. Оваа година бевте подготвени за нови искуства. Стигнавте и веднаш почнавте да се полните со впечатоци. Не успеавте да најдете конкретно место за прославување, бидејќи или немало место или било премногу скапо. Но, не дозволивте тоа да ве разочара! И покрај сѐ, вие се наоѓате во бајковит европски град и ништо нема да може да ви го уништи поминот.

Сами дома или со друштво во дискотека: Кој си помина најубаво за Нова година?

Прославивте на градскиот плоштад со илјадници други луѓе. Смрзнавте и не сакате да си признаете, но едвај чекавте да се вратите во хотелот. Можеби немавте луд и незаборавен дочек, но сепак тоа не ни беше поентата на целото патување. Главната цел ви беше да избегате од дома и да доживеете нешто ново. Сега, може да продолжите со прошетката низ убавините на неверојатниот град!

Оцена од 1 до 5: 4, бидејќи иако самиот дочек не беше ништо посебно, го видовте најубавиот огномет и го истраживте прекрасниот град.

Сами дома

Има и луѓе кои одлучиле да ја дочекаат Новата година сами. Обично станува збор за поединци на кои им е смачено од класичните новогодишни прослави, се чувствуваат уморно и сакаат убаво да се одморат. Ако и вие сте дел од нив, сигурно не ве привлекла ниту една понуда, па наместо да правите нешто што не сакате, сте решиле да ги „откачите“ сите и да уживате во сопственото друштво. Доволно сте зрели за да не морате никому да се докажувате. Независни сте и нема ништо депресивно во тоа да се помине дочекот без ничие друштво. Кој вели дека воопшто морате да дочекувате нешто?!

Сами дома или со друштво во дискотека: Кој си помина најубаво за Нова година?

Сте си ги подготвиле највкусните јадења и омилениот пијалак, сте си симнале филмови или серија и сте си ветиле дека нема да го чепкате телефонот и да разгледувате што се случува на социјалните мрежи. Не ве интересира како слават другите и колку „лудо“ си поминуваат. И онака знаете дека сето тоа е лага. 23.30 часот. Сепак одлучувате да ѕирнете што има на Фејсбук. Вашиот бивш изгледа дека одлично се забавува со новата девојка. Селфиња од вашето друштво. Па, не изгледа толку лошо во кафулето колку што сте мислеле. Станувате депресивни. 00.00 часот. Си честитате со вашите родители преку телефон, затоа што и тие слават некаде со нивните пријатели. Целиот свет слави освен вас. Нема поента да ја почнете Новата година во лошо расположение. Си сипувате уште една чаша вино и продолжувате да си ја гледате серијата додека телефонот непрестајно вибрира од сите пораки што ви стигнуваат.

Оцена од 1 до 5: 4, бидејќи барем научивте како вистински да уживате во сопственото друштво.

Не постои идеален дочек на Новата година. Немојте да се чувствувате лошо доколку не одело сѐ по планот и вашите очекувања не биле исполнети. На крајот на краиштата, станува збор за една обична вечер која не би требало да биде многу поразлична од другите ваши вечери во текот на годината. Не дозволувајте вчерашната вечер да ви ја дефинира целата година што следува. Запомнете дека не е важно каде сте биле и што сте правеле доколку сте го одбрале вистинското друштво, без разлика дали тоа биле вашите пријатели, љубовниот партнер, семејството или пак вие самите. Секој новогодишен дочек е различен и посебен на свој начин. Останете позитивни и насмеани! 2018-та нека биде ваша година!

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар