4-годишна генијка станува најмладиот член на Менса
До втората година таа веќе знаела да брои до 40, да црта луѓе, да рецитира поеми и да чита книги наменети за 7-годишни деца. За време на наредната година, веќе без проблем множела и делела бројки. Кога наполнила 4 години, Хајди Хенкинс на тест за интелигенција покажала дека има IQ од 159 – само еден поен под најголемите умови во областа на физиката, Алберт Ајнштајн и Стивен Хокинг. Но, тоа не е сè – таа набрзо потоа станува и дел од Менса.
Родителите на Хајди, Метју и Софи, се надеваат дека нивната ќерка ќе може да ја прескокне првата година во училиште кога ќе почне од септември. Д-р Хенкинс вели:
„Ние отсекогаш верувавме дека Хајди е многу паметна, бидејќи научи да чита додека беше уште многу мала. Јас бев многу љубопитен за нејзините резултати, но не очекував толку висок скор. Кога имаше само 2 години ù дадов цел сет од 30 книги за читање и таа ги прочита за саат време. Хајди веднаш откако прозборе почна да употребува целосни реченици и постојано се труди да звучи литературно.“
На возраст од само 14 месеци, додека нејзините врсници уште пробувале да сфатат за што служат боичките, таа веќе цртала принцези и животни. Кога имала 18 месеци, нејзините ја „фатиле на дело“ како го користи компјутерот за да се научи себеси да чита. Нејзините родители велат:
„Ние воопшто не ја форсираме Хајди, таа сама го прави својот распоред за учење нови работи.“
Просечниот IQ скор кај возрасен човек е 100, додека пак оние со IQ од 130 се сметаат за надарени. Џон Стивенеџ, главниот уредник на Британската Менса вели дека родителите на Хајди одлично ја процениле ситуацијата кај нивната ќерка и дека таа навистина покажува неверојатен потенцијал.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
