Хит диета со лубеница: за 7 дена 15 кг помалку

Хит диета со лубеница: За 7 дена 15 кг помалку

Летото веќе пристигна, се подготвувате за на одмор, но сѐ уште ја имате зимската килажа, која не изгледа баш добро за на плажа. Без грижа, со „лубеница диетата“ вишокот килограми ќе исчезнат експресно брзо. Откако се прочу за оваа мистериозна диета, таа веднаш стана вистински хит и сѐ повеќе луѓе се одлучуваат за неа кога сакаат да се вратат во форма. Зошто не би ја пробале и вие. Прочитајте, ослабете и споделете со други!

1-hit-dieta-so-lubenica-za-7-dena-15-kg-pomalku-kafepauza.mk

Понеделник

Појадок: Посакајте им добро утро на домашните, известете ги дека од денес почнувате со фантастичната „лубеница диета“.
Ручек: Појдете пешки до пазарот на другиот крај од градот, купете две лубеници, ставете ги под мишки и вратете се пешки дома.
Вечера: Испијте чаша млака вода.

Вторник

Појадок: Земете Аспирин, ако воспалението на мускулите е неподносливо, земете два.
Ручек: Извадете ги вашите лубеници на прошетка. Покажете им ги знаменитостите во градот додека ги носите под мишка, и кога ќе завршите со турата, вратете ги дома, повторно пешки.
Вечера: Мала шолјичка незасладен чај од жалфија. Евентуално повратете.

Среда

Појадок: Земете една лубеница во рака, испружете ја пред себе и направете 20 чучњеви.
Ручек: Застанете со лубениците на подножјето на некоја околна планина и почнете да ги тркалате нагоре кон врвот. На враќање пуштете ги надолу и трчајте по нив. Можете да ручате 2-3 пати.
Вечера: Застанете пред огледало и насмевнете се. Позитивниот став е најдобрата вечера!

Четврток

Појадок: Легнете на под, наместете ги рацете над главата држејќи лубеница. Направете 5 серии по 20 стомачни.
Ручек: Одведете ги вашите лубеници на попладневна прошетка низ чаршија. Носете ги под рака додека им ја раскажувате историјата.
Вечера: Пола патлиџан и свежа зелена маслинка. Чаша вода и насмевка, се разбира! 🙂

Петок

Појадок: Качете се на вага. Досега би требало да имате изгубено околу 9 кг. Споделете ја радосната вест со домашните, а сега веќе е и добар момент за првото селфи на Фејсбук со вашата нова фигура.
Ручек: Мњам, мњам! Ручекот од средата ви се допадна, зарем не? Ви течат лиги додека се присетувате… Почестете се и повторете го ова неверојатно гастрономско искуство!
Вечера: Размислувајте за храна околу 15 минути.

Сабота

Појадок: Фатете ја лубеницата со нозе, со рацете фатете се за шипка и така направете 3 серии по 10 поткренувања. Ако и понатаму сте гладни, можете да направите уште една.
Ручек: Исечете ја првата лубеница и изедете 3 семки. Остатокот фрлете го директно во контејнер на другиот крај од градот. Движете се со потскокнувања.
Вечера: Замислувајте си дека сте згодни и витки. Ќе помогне ако го замислувате своето стегнато тело, оформени мускули и бронзен тен покрај море.

Недела

Појадок: Покажете им ја својата линија на домашните. Плеснете им го во фаца тоа што немаа верба во вас.
Ручек: Пресечете ја втората лубеница, почестете се и изедете едно парче од средината. Остатокот однесете го во контејнер, одејќи на раце до другиот крај на градот.
Вечера: Важно е вечерата да не се прескокнува. Затоа земете 3 бадеми и еден лист од марула. По желба слободно зачинете со вода.

Ако сте се придржувале до сите совети и не сте се залажувале себеси (притоа јадејќи чварки, пиејќи пиво и излежувајќи се во фотелја), би требало да стопите неверојатни 15 кг чисти масти. Бидете среќни и горди, задолжително објавете нов статус на Фејсбук и подгответе се за напад од лајкови. А кога ќе стигнете на плажа, очекувајте и бројни погледи.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар