Дали постои најлош начин на умирање?

Одредувањето кој начин на умирање е најлош е навистина субјективно. На Интернет можете да најдете бројни анкети со ова прашање, а според нив првото место најчесто му припаѓа на горењето живи. Но, нема никаков консензус помеѓу професионалците, како на пример лекарите, за тоа кој метод е најлош.

Дали постои најлош начин на умирање?

Стравовите на една личност можат да одредат кој е најлошиот начин на умирање за неа. Ако на пример некој се плаши од височини, најужасниот начин да умре би бил паѓање од висока зграда. Но најверојатно ова нема да важи за личност која нема страв од височини.

Свесноста за видот на смрт и стравот од непознатото можат да направат еден начин на умирање пострашен од друг. На пример, умирањето во авионска несреќа дава доволно време да се генерира стравот бидејќи има подолг временски период на чекање – од почнувањето на падот на авионот, до ударот на земјата. Авионот буквално ги носи патниците кон нивната смрт, а тие се целосно свесни за ова.

Во повеќето случаи личноста прво губи свест пред да се соочи со смртта, па на овој начин се ослободува од стравот. Но, моментите пред смртта можат да бидат исполнети и со страв и со болка.

Еден лекар раскажал приказна за работник од Африка кој работел околу сулфурна киселина и паднал во неа. Брзо излегол, но бидејќи бил покриен со киселината, таа почнала да го гори. Во паника и во болка, човекот истрчал надвор. Но додека да го стигнат неговите соработници, тој бил речиси разграден. Киселината ја пробила неговата кожа, му ги уништила крвните садови и му ги разградила органите, по што тој починал. Без сомнение ова е ужасен начин да се умре.

Но, зошто нè интересираат овие приказни и зошто размислуваме за смртта?

Смртта е секаде околу нас, но најчесто луѓето се обидуваат да не размислуваат за неа. Популарноста на продуктите против стареење и напредокот на медицината со кој ни се продолжува животот придонесуваат за ова. Но иако луѓето во многу култури избегнуваат да размислуваат за смртта, за други таа е неверојатна област за проучување. Всушност, постои цела област посветена на проучување на смртта, заедно со процесите кои доаѓаат со неа, како на пример, тажењето. Оваа област е наречена танатологија.

Танатолозите веруваат дека луѓето ја избегнуваат смртта со цел да се убедиме дека нема да умреме. За жал, кога не сакаме да се соочиме со нашата или со смртноста на оние околу нас, ќе бидеме начекани во тесно кога смртта сепак ќе се појави. Она што е полошо е кога забораваме на нашата смртност, и не ги живееме нашите најдобри животи. Според танатолозите, само личноста која ја прифатила нејзината смртност го живее животот до неговиот максимум.

Оние кои ја изучуваат смртта истакнуваат дека пред почетокот на минатиот век, смртта била многу видлив дел од животот во западната култура. Кога некој умирал, најчесто умирал дома. Неговото тело било поставувано на кревет или во дневната соба. Членовите од семејството спиеле во близина на телото на починатиот, а понекогаш дури и се фотографирале со него.

Сето ова се случувало со денови пред личноста да биде погребана. И децата и возрасните го гледале телото, а на овој начин децата се запознавале со смртта. За разлика од денешните деца, тие биле поподготвени да се соочат со нивната смртност.

Па зошто смртта е толку тешка за прифаќање за многу луѓе? Една од причините е дефинитивно стравот од непознатото, но според модерната медицина постои и друг аспект.

Пред еден век, личноста со рак би умрела. Личноста на која ѝ е достапна денешната технологија има многу поголеми шанси да ја преживее болеста. Поради ова, на некој начин ја гледаме медицината како начин да ја измамиме смртта, наместо да се соочиме со фактот дека еден ден сепак ќе умреме. Бараме од медицината да нè спаси од неизбежната судбина.

Според психологот Ернест Бекер, токму ова го одвлекувало вниманието. Тој ја добил Пулицеровата награда во 1974-та година за неговата книга „Негирање на смртта“ (Denial of Death). Според него, културата имала голема улога во одвлекувањето на нашето внимание од неизбежната смрт.

Но иако нашето внимание е одвлечено, сепак потсвесно сме свесни дека нашето време на Земјата е ограничено. Според Бекер, ова знаење предизвикува анксиозност и страв и може да биде искажано преку агресивно однесување, па дури и инвазии и војни.

Областа на Бекер, позната и како психологија на смртта, можеби има одговор на прашањето за најлошиот начин за умирање. Бидејќи културата има потенцијал да ни го одвлече вниманието од соочување со смртта, може да нè натера да ги „потрошиме“ нашите животи. Според теоријата на Бекер, најлошиот начин на умирање би бил оној по незначаен живот.

Дали знаете што чувствуваат луѓето во последните моменти од нивниот живот?

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар