Имам огромен мерак да споделам нешто со вас. Нешто што навистина ми го стопли срцето, а бога ми, ми отвори и тема за размислување и пишување. Одамна ништо ме немаше толку развеселено, како едно 5-годишно девојче. Девојчето продаваше свои цртежи, ме сопре на улица и ме праша дали сакам да купам нешто. А како може да не сакам кога и јас бев таква на нејзина возраст. Па се навратив 15 години наназад, и се видов себеси во ликот на тоа мало девојченце. Се видов како продавам панделки кои сама сум ги изработила, исто како што ова девојче продаваше цртежи со срциња и цветчиња.Во истиот момент застана многу „јака“ типка со добра кола, излезе од колата, а кога девојчето ù понуди цртеж, типкава толку се занесе во некоја си филмска улога, како да не можеше културно да одбие. Баш сакам да знам, дали секогаш била таква вообразена со кренат нос или и таа некогаш била малечко девојче полно со надеж.
Секогаш кога надежта за голем успех и важно достигнување ќе ми спласне, се потсеќам на многу примери од мојот живот, на луѓе кои немале ништо, а добиле многу, оние кои почнале од нула, а се искачиле до сто. Па кога моите врсници ќе почнат да мрчат дека општеството е за нигде, дека немаат доволно пари за да си живеат комфорен живот, дека за бадијала учат факултет кога нема да си најдат работа, јас само се сеќавам на девојчето кое си го собра својот неделен џепарлак продавајќи цртежи. Можеби кон различни цели се стремиме, но таа си ја оствари својата. Зошто? Зашто во неа гори онаа детска надеж, страст, желба за живот, убеденост дека ништо и никој нема да ја запре. Срамота е што дозволуваме таа надеж да ни спласне во дваесеттите години од животот!
Сте размислувале за тоа колку успевате во животот? Дали го извлекувате најдоброто, дали давате сè од себе, дали доволно се борите? Дали понекогаш ве фаќа страв од неостварени соништа? Во тој случај преземете нешто. Во животот треба да имаме други цели освен тоа да си ја истераме стандардната кафе-шема. Животот нуди многу, само што има луѓе кои ќе го зграбат тоа „многу“ и други кои ќе чекаат да им падне од небо.
Светот е буквално во наши раце, не постои човек кој може да ме убеди во спротивното! Не сакам на моиве години да ме замараат за нешто што било и завршило пред двесте години, за тоа како било во времето на Тито, едноставно нејќам да ми трошат време додека уживам во сегашноста и вложувам во иднината.
Прашувате до кога ќе се трудите, до кога ќе се борите? Одговорот е СЕКОГАШ. И тоа е добро. Па што ќе биде ако сè ви е подредено под конец, ако сè е совршено? Сè додека се бориш знаеш дека имаш некаква цел со своето постоење. Не дозволувајте да се разбудите еден ден со помислата дека не сте ги оствариле своите соништа. Никогаш нема да бидете помлади од овој момент, со тек на време шансите ќе се намалуваат и полека ќе сфаќате дека сè што лета не се јаде. Ќе дојде момент кога нема да можете да речете: „Ма сеедно, сè уште сум млад/а!“ Не дозволувајте да се случи тоа. Дадете сè од себе, зграбете го најдоброто, извлечете го најголемото искуство и направете секој момент да се важи!rnrn
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

