Прекрасни цитати од Петре М. Андреевски

Петре Мито Андреевски е роден во с. Слоештица, Демир Хисар на 25 јуни 1934, а е починат во Скопје на 25 септември 2006 година. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања. Неговите дела во посебни книги се презентирани на повеќе јазици надвор од Македонија.

Прекрасни цитати од Петре М. Андреевски

Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел во Македонската телевизија. Бил уредник на списанието „Разгледи“, член на Македонската академија на науките и уметностите, член на Македонскиот ПЕН центар и член на Друштвото на писателите на Македонија од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател.

„Писателот треба да живее ослободен од сопствениот егоизам, односно првин да ја освои својата лична внатрешна слобода, а дури после да ја бара и за другите. Зашто честопати, понесреќни од нас се токму оние на кои им завидуваме.“

„Ако не ја примиш туѓата болка како своја, значи да не веруваш дека некого го боли.“

„Човек без љубов е човек без свој лик, без своја трага, без свое име, без свое време, без своја содржина.“

„Кога тргнува човек некаде, обично бара нешто што му недостига. И никогаш не знае до каде треба да оди и каде треба да застане. Да застане токму до тоа што му недостасува.“

„Човек не треба во ништо да верува и најубаво му е на оној во ништо што не верува, во ништо што не се надева. Така барем ништо не може да го изненади…“.

„А колку би било поинаку, кога болката би ја чувствувал и оној што ја предизвикува.“

„Со насмевка можеш најлесно да му се доближиш некому. Насмевката ја брише секоја далечина меѓу луѓето.“

„Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство.“

„Животот е голема лага, а ние сме тука за да биде уште поголема.“

„Секој човек си го планира некако животот. Но, никој не знае кај згрешил кога ги повлекувал правите и криви линии, допирните точки, острината на аглите. Не може ни со сигурност да се објасни кај му измрдала либелата. Можеби некој ден ќе го открие тоа, но ќе го открие кога не ќе може нешто да измени…“

„Стравот е страшен само за оние што му се плашат.“



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран новинар со широк спектар на интереси. Љубител на ТВ серии, фудбал и Цедевита. Статистичар по природа и страстен фан на Јувентус и Роџер Федерер.

Поврзани содржини

Остави коментар