13 моќни и инспиративни цитати на Опра Винфри

Опра Винфри има на што да биде горда и сосема заслужено е идол на многу жени ширум целиот свет, а исто е почитувана и од многу мажи. Таа е телевизиска водителка со сопствено ТВ шоу, филантроп, актерка, продуцентка, а воедно и една од највлијателните жени во светот. Винфри е првата афро-американска жена која стана милијардер, а со тоа е жив доказ дека со напорна работа можат да се срушат сите бариери кои се поставени од општеството. Ова се 13-те најмоќни цитати на Опра Винфри.

13 моќни и инспиративни цитати на Опра Винфри

 

„Не се гледам себеси како кутра, отфрлена девојка од гето која успеала. Се гледам како личност која уште од раната возраст била свесна дека е одговорна самата за себе и дека мора да успее.“

Опра е родена на 29-ти јануари 1954 во Мисисипи, од страна на самохрана мајка–тинејџерка. Таа е израсната во сиромашен кварт каде живеела со баба си, додека мајка ѝ заминала на север во потрага по работа. Баба ѝ се грижела за неа и на рана возраст ја научила да чита.

Но, нејзиниот живот се менува кога на 6-годишна возраст е пратена да живее со мајка си. На многу млада и ранлива возраст Опра била сексуално злоупотребувана од нејзините машки роднини и други посетители во куќата на мајка ѝ. Останува бремена на 14 години, но нејзиниот син умира уште како новороденче.

„Претворете ги вашите рани во мудрост.“

По тешкиот и трауматичен период во нејзиниот живот, Опра сфатила дека животот секогаш дава нова шанса и затоа одлучила своите рани да ги претвори во мудрост, со други зборови да ги искористи како животно искуство, а не како нешто што никогаш нема да ѝ дозволи да успее.

По загубата на својот син, таа заминува да живее кај својот татко во Тенеси. Со помош на дисциплинското воспитување на татко ѝ, Опра се враќа на правиот пат во животот и се покажува како одлична ученичка.

„Најголемата авантура која може да ви се случи е да го живеете животот од вашите соништа.“

Започнувајќи да работи во радио уште додека била во средно училиште, и како ко-водителка на локално шоу на 19-годишна возраст, Опра продолжила да се стреми кон остварување на своите соништа основајќи дневно тoк-шоу и своја сопствена продукција. Останатото веќе добро го знаеме. Опра Винфри денес е интернационална ѕвезда, една од највлијателните жени со големо и добродушно срце.

„Израснав со вербата дека извонредноста е најголема одбрана од расизмот или сексизмот. Токму така оперирам во животот.“

Во времето кога Опра ја започнала својата кариера, немало други афро-американски жени со свои сопствени ТВ емисии. Овој цитат потврдува дека личната способност и напорната работа секогаш ќе им ги затворат устите на оние кои мислат дека се подобри само затоа што се припадници на одредена раса или пол.

13 моќни и инспиративни цитати на Опра Винфри

 

„Има многу работи кои треба да си ги докажам себеси. Една од нив е дека можам да го живеам својот живот без стравови.“

Опра знае како да допре до луѓето. Таа креираше едно поинакво шоу каде луѓето се чувствуваат безбедно за да ги кажат своите најголеми стравови, проблеми и предизвици. Без влакна на јазикот, таа слободно може да се вмеша во приватноста на познатите личности кои гостуваат во нејзината емисија за тие сосема да ја соголат својата душа. Често слушајќи најинтимни исповеди од различни личности, Опра одбира да го живее својот живот без стравови.

„Страста е енергија. Почувствувајте ја моќта која доаѓа од фокусирањето на она што ве возбудува.“

Во 1986 Опра била номинирана за Голден Глоуб за најдобра споредна улога во филмот „Бојата на пурпурот“. Таа наоѓа проекти кои ја будат нејзината креативност и ја докажуваат нејзината способност и се насочува кон истите. Баш поради тоа, 20 години подоцна таа го освои Бродвеј со истоимениот мјузикл „Бојата на пурпурот“.

„Верувам дека секој од нас има лично обележје кое е единствено исто како отпечатокот од прстот. Најдобриот пат кон успехот е да го откриете она што го сакате и да најдете начин да им го понудите на другите во форма на услуга, преку напорна работа и дозволувајќи да ве води енергијата на универзумот.“

Во 1998, Опра ја основаше таканаречената Ангелска мрежа, која е хуманитарна организација со цел да ги поттикне луѓето да им помагаат на оние кои се помалку привилегирани во животот. Опра лично ги покрива сите административни трошоци, а откако е формирана, Ангелската мрежа има собрано милионски суми кои одат во добротворни цели.

Во 2002-та, Опра Винфри ја доби наградата за хуманитарност – Bob Hope Humanitarian Award.

„Освен ако не правите големи дела, не е важно колкава моќ имате.“

Винфри е свесна колкаво е нејзиното влијание врз светот и го користи тоа за хуманитарни цели. После ураганот Катрина, во Ангелската мрежа беа собрани 11 милиони од страна на гледачите и поддржувачите на Опра, а таа самата донираше 10 милиони за да се покријат штетите направени од природната катастрофа.

13 моќни и инспиративни цитати на Опра Винфри

 

„Она што навистина го сакате е да сте опкружени со луѓе кои ги сакате и цените и луѓе кои ве вреднуваат вам. Токму тогаш вие сте вистински богати.“

На нашата самодоверба и благосостојба многу влијаат луѓето со кои сме постојано опкружени. Само тогаш кога оние кои ги сметаме за најблиски веруваат во нас, нè ценат и поттикнуваат за нови остварувања, може да речеме дека сме богати, но не материјално туку духовно, она што впрочем е побитно од сè останато.

„Колку повеќе го славите својот живот, толку повеќе имате што да прославите.“

Секогаш има нешто за кое треба да бидеме благодарни во животот. Самиот факт што сме живи и дишеме е чудо. Колку повеќе сме благодарни и го цениме животот толку повеќе ќе има за што да бидеме благодарни.

„Не можеме да станеме она што треба да бидеме останувајќи она што сме.“

Како би станале подобри личности доколку воопшто не се трудиме да се промениме? Животот значи постојано унапредување, користење на нашите способности и надградување на нашата личност. Во животот треба постојано да еволуираме во подобрата верзија од нас самите и да наоѓаме начини за да го дадеме најдоброто од себе. Опра поставува добар пример со тоа што постојано работи на себе и на подобрување на она што е.

„Давањето сè од себе во овој момент ве става во подобра положба во наредниот момент.“

Дајте го најдоброто од вас. Кога работите нешто изработете го до перфекција. Така постојано поставувате добра основа за успех во иднина. Но никогаш не прекинувајте. Секој голем успех треба да ве мотивира да успеете уште повеќе, а не да живете на стара слава.

Опра Винфри е најдобар пример за личност која не престанува да се труди да го даде најдоброто од себе.

„Размислувајте како кралица. Кралицата не се плаши од неуспех. Секој неуспех е важен чекор на патеката до успехот.“

Ако се плашите од неуспех тогаш тоа е исто како да се плашите од успех. Да, ќе паднете еднаш, двапати, трипати, и со секој пад вие ќе бидете поблиску до успехот бидејќи ќе знаете на што да внимавате наредниот пат. Најважно е никогаш да не престанете да се трудите.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар