Жената на 21-ви век

Алал да им е секој денар што цвеќарите го заработија изминатава недела. Ич нејќам да мрчам за тоа и ова „алал“ не беше иронично, бидејќи сè уште сум еуфорична. Кога ќе видам како мажи чекаат ред за да им купат цвеќиња на своите жени, ме лазат морници од среќа. За момент забораваш колку е стресно секојдневието на жената од 21-ви век и во текот на тој ден, се препушташ на утопијата. Мажите се потсетуваат колку си ги сакаат своите жени и колку убавината на една жена одговара со убавината на цвеќето.

Во целата мешаница, бидејќи како најголем талент барам цвеќе во 8 навечер на 8-ми март, од цвеќарата излегува детенце кое толку грижливо го држи в рака цвеќето за неговата мамичка. Толку е среќно знаејќи дека ќе ѝ донесе насмевка на лицето. Го гледаш и ти се полни душата, изгледа како срценце што оди на две нозе. Па посакуваш да си родиш едно пет-шеснаесет такви за секоја година на 8-ми март да ти формираат градина со цвеќе за мамичка.

Потоа следува најдепресивниот ден, 9-ти март, кога стануваш свесна дека до наредниот пат кога сите ќе ти посветат толку внимание има уште 364 дена. На мојава возраст, без сопруг и деца, не можам да коментирам повеќе, моето кажано се сведува на она што сум го видела, не искусила. Точно е дека жената заслужува внимание секој ден. Точно е дека вистинскиот маж не треба да чека одреден ден од годината за да ѝ подари цвеќе на љубената. Точно е дека многумина и на тој ден не ја почестиле својата сопруга со заслужената доза внимание. Точно е дека од утре пак детето нема да ја послуша и нема да седне да напише домашна и ќе ѝ кине нерви. Ама убаво што постои денов за луѓето да се сетат, да не заборават за важноста на жената.

Жената на 21-ви век

Жената отсекогаш била и ќе остане пожртвувана, за својот сопруг, своето семејство, своите пријатели, кариерата. Да, точно е дека ние сме модерни жени и си ги знаеме правата и знаеме да урламе за истите, ама тоа што си модерна жена не значи дека си го изгубила мајчинскиот инстинкт. Пак ќе се жртвуваш за своите најмили. Жената е мајка чија спремност да се жртвува за своите чеда не може да се спореди со ништо на земјава, домаќинка која го води својот дом, жена која вложува во својата кариера за да ги погази сите стереотипи и да ја покаже својата способност, и плус е сопруга која секогаш се труди да е убава и привлечна за својот сопруг, да е сакана во неговите очи. И ај сега кажете дека не треба да има ден, макар еден единствен, кога мажите ќе си ја чукнат главата во ѕид и ќе си речат: „алоо човеку, погледни каква жена имаш, купи цвеќе за ова нежно суштество со кое секоја вечер ја делиш постелата“. Да, треба да има повеќе вакви денови, ама еден е, затоа не мрчете, не ја упропастувајте атмосферата и оставете ги жените да уживаат во заслуженото внимание кое го добиваат.

Како феминистка, знаев дека не смеам да пропуштам да напишам нешто за денов, па ја оставив планираната тема да мирува до наредната недела. Бидејќи претходно во повеќе наврати сум ја споменала половата еднаквост, положбата на жената во општеството и херојството на жените, јас не би сакала да се повторувам. Решив денес да бидам кратка. Ќе ја завршам денешната колумна со едно огромно БРАВО за сите модерни жени, за сите оние кои секојдневно докажуваат колку жената е способна, кои газат врз ограничувањата со своите високи потпетици, хероите за своето семејство, и секако со голем поттик за мојата генерација – жени кои носат големи промени.

Дали би требало да се стремиме да бидеме исти како мажите или нашата цел да биде истакнување на улогата како жени, есенцијалната половина на овој свет? Во истиов момент на свет доаѓаат многу девојчиња. И овие малечки дами во иднина ќе бидат жени на 21-ви век. Нив ќе им треба пример по кој ќе се раководат, а ние сме оние кои треба да го постават примерот.

„Мажот можеби го измислил огнот, но жената научила како да игра со него.“

До следното читање,

Вашата Ели.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар