Нешто што пред 30 години би стоело на хартија

Автор: Маја Кузмановска Оскар Вајлд, во една прилика обидувајќи се една голема мудрост да ја смести во мала реченица изјавил:

„Мажите ја измислија цивилизацијата за да ги импресионираат жените.“

Нешто што пред 30 години би стоело на хартија Денес, без разлика дали си маж или жена имаш потенцијал да го импресионираш светот, а притоа да те нема во жолтиот печат. Ако ме прашаш како, јас ќе ти го дадам мојот одговор кој неминовно ќе биде субјективен. Ако го прашаш татко ми, ќе ти каже дека тоа е невозможно и дека леташ в облаци. Ако го прашаш дедо ми, ќе ти каже дека нема никаква можност да го импресионираш светот бидејќи сè е измислено и сè она што го нарекуваме „новосоздадено“ е само копија на веќе постоечкото. Дали тоа значи дека треба да се откажеме од креациите? Дали тоа значи дека треба да се помириме со нештата такви какви што ни се дадени и да не менуваме ништо? Дали тоа значи дека не треба да создаваме нови вредности во општеството кое почна да ги губи старите!? Во минатото, уметниците биле тие што создавале чувство на импресија кај обичниот народ. Но, што со оние луѓе кои немаат уметничка душа? Имаат ли тие можност да импресионираат некого? Категорично, да! Започни од тоа да бидеш добар. Љубезен. Подготвен за прегратка. Една насмевка дневно не ја намалува твојата банкарска сметка. Неколку убави зборови нема да му наштетат на твојот нов автомобил. Една силна и искрена прегратка нема да ја расипе храната во твојот фрижидер. И ете, си ме импресионирал! За жал, живееме во капиталистичко општество каде парите ги поставуваат вредносните модели на однесување, каде и чувствата стануваат бренд. Некогаш, за среќа подолготрајни од сите останати брендови заедно. Биди со луѓето, меѓу луѓето и за луѓето. Секој има своја приказна. Слушни ја, можеби денес таа е најимпресионирачката на целиот свет. Кога повеќе би се слушале едни со други, кога повеќе би комуницирале со силни пораки и преку вистинските медиуми, кога повеќе би љубеле, можеби ова би бил најдобриот од сите можни светови. Најди си начин и простор да ја кажеш својата приказна. Тишината е најголем непријател на општеството и конфузија за човекот. Биди искрен, како кога беше дете и ѝ кажа на баба ти дека е дебела, затоа што тоа си го слушнал од мајка ти. Биди љубопитен, како кога прашуваше зошто небото е сино. Знаеш ли денес од научен аспект да ми објасниш зошто небото е сино!? Биди предвидлив, не за џабе употребуваш фаќалка за тавата од шпоретот. Но, пред сè, биди свој. Само така ќе имаш уникатна приказна. И уште еднаш ќе нè импресионираш!


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

  1. Томасито Reply

    Се се сведува на онаа познатата: Прави им го на другите она што тебе сакаш да ти прават!

Остави коментар