Драг Дедо Мраз…

Знам дека не бев некој ангел изминатава година, ама кој е безгрешен? Биди искрен првично кон самиот себеси, нели бев добра девојка?

Како прво, мислам дека е сосем доволен самиот факт што верувам во тебе и знам дека стварно си срцка и дека ќе го прочиташ писмово. Значи, ова е мојот мал, скромен список со желби (не сакам да ти додевам, знам дека си зафатен во овој период):

Драг Дедо Мраз

Едно розово количе, доволно да се возам низ град (малечко, сегде да ме собира лесно).

Стварно ми се допаѓаат светкави парчиња накит (скромни, малечки… плус кој ќе ти каже дека не ги сака, те лаже а јас не сум лажга и баш затоа ги заслужувам).

Замисли колку би била среќна да добијам некаков магичен ваучер, да си купувам што сакам, никогаш да не ми секнат парите. Мераци, (што е тоа за тебе, па ти целиот си магија)!

Бело, бушавко кученце, мало и слатко.

Пакет со книги, знаеш кои ми се омилени, така завиткан со панделка, кога ќе го видам да скокам од среќа.

Кога веќе доаѓаш, земи и неколку кутии колачиња (сè што содржи лешници, карамела и чоколада мене ми е омилено).

Сакам да ми бидат среќни, здрави и весели семејството и пријателите.

Дај им нерви и трпение на мајка ми и татко ми, како и секоја година така и оваа.

Дај ми сила да помагам и да правам добри работи (знаеш дека сакам).

Стискај палци да ги положам сите испити кои ме чекаат, оти искрено ти велам колената ми се тресат.

Правилно е да побарам од тебе да ги заштитиш гладните и несреќните или пак да ги поттикнеш најадените и згрижените да им помогнат? Одлучи ти самиот, важно искрено го посакувам ова.

Опамети нè сите нас. Дозволи ни да ја видиме убавината на животот, да почувствуваме нескротлива желба за да ја впиеме сета среќа на овој свет. Како коцка чоколада која ти се топи во устата и не можеш да дочекаш да се достопи па почнуваш да ја грицкаш.

Помогни ни на сите нас да си ги оствариме најскриените желби кои не сакаме да ги кажеме на глас, дај ни сила и самодоверба дека можеме да сториме што било доколку искрено сакаме.

П.С. Би било добро да доаѓаш повеќе од еднаш во годината. Што всушност правиш преку цела година? Спиеш? Не ти е здодевно?

Плус, во случај да се двоумиш за исполнувањето на моите желби, само да ти дадам до знаење дека никогаш не сум рекла за тебе дека си дебел (не знаеш што ти зборуваат зад грб!!!).

Со љубов,

Ели




Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар