5 најчесто занемарени причини за појава на мигрените

Поголемиот дел од докторите ја третираат мигрената како болест, но во некои случаи таа може да биде симптом. Доколку подолго време страдате од мигрени, кои стануваат сè посилни, можеби е време да го смените пристапот во откривањето на причината. И покрај тоа што не секогаш постои видлива причина, погледнете ги наредниве 5 состојби кои би можеле да ја предизвикуваат или зголемуваат вашата хронична мигрена.

5 најчесто занемарени причини за појава на мигрените

1. Целијакија или нетолерантност на глутен

Целијакијата е автоимуна болест која настанува под влијание на глутенот, протеин кој се наоѓа во пченицата, јачменот и ‘ржта. Околу 1% од човековата популација страда од целијакија, но се верува дека дури 80% од заболените немаат соодветна дијагноза. Од друга страна пак, нетолерантноста на глутен, болеста на 21-от век, се верува дека секојдневно се појавува кај сè поголем број луѓе. И покрај тоа што оваа нетолерантност не ги уништува ѕидовите на тенкото црево до тој степен како што прави целијакијата, таа сепак може да ги манифестира сите нејзини физички симптоми.

Главниот симптом кај овие две состојби се стомачните проблеми, но понекогаш може да се случи овие проблеми да бидат сведени на минимум, додека пак, некои други, како мигрените, нападите, нарушувањето на анксиозноста и депресијата да се појават со многу посилен удар. Едноставен тест на крвта може да покаже дали страдате од целијакија, но во моментов сè уште не постои тестирање кое би можело да ја докаже нетолерантноста, односно алергијата на глутенот. Третманот за двете состојби е целосно исфрлање на глутенот од исхраната, по чие започнување, поголемиот дел од пациентите чувствуваат драстично подобрување уште во првиот месец со новиот режим на исхрана.

2. Недостаток на магнезиум

Оваа состојба може да игра голема улога во дури 50% од оние кои страдаат од хронични мигрени. Магнезиумот е клучен кога станува збор за голем број функции во телото, но за жал, многу лесно може да настане недостаток кој пак, многу тешко може да се измери со тест на крвта. Причините за намалување на магнезиумот во крвта се недостаток на хранливи материи, претерано конзумирање на кофеин, газирани пијалаци и алкохол, изложеност на хроничен стрес, хронична болест и проблеми со цревата (како целијакијата која создава проблеми при апсорбирање на магнезиумот).

Обидете се да внесете храна која изобилува со магнезиум во вашите секојдневни оброци, како на пример, рибите иверка и скуша, варен спанаќ, житарки, бадеми и семки од тиква. Се препорачува оние кои страдаат од хронични мигрени да направат соодветни промени во исхраната така што ќе го зголемат внесувањето на магнезиумот од 250, па сѐ до 500 милиграми на ден.

3. Нарушување на виличниот зглоб

Виличниот зглоб е она место каде што вашата вилица се спојува со вашиот череп. Зглобовите се наоѓаат пред вашите уши, на двете страни од лицето. Доколку вашите заби не се добро наредени или пак, доколку имате навика да ги притискате, состојба која се нарекува бруксизам, може да се развие дисфункција или болка во виличниот зглоб.

Симптоми за нарушување на виличниот зглоб се болки кај зглобовите, потешкотии при отворањето на устата и главоболки. Токму овие главоболки можат погрешно да бидат дијагностицирани како мигрени. Соодветната дијагноза и третман, препишан од заболекар, може да ви помогне да се справите со оваа состојба.

4. Болест на тироидната жлезда

Високата, но и ниската функција на тироидната жлезда можат да предизвикаат главоболки. Кога нејзината функција е намалена, оваа состојба се поврзува со замор, сува кожа и губење на косата. Доколку е зголемена, со срцебиење и анксиозност. Мигрените се многу чести и во двете ситуации. Дијагнозата може да се донесе врз основа на едноставен тест на крвта.

5. Труење со мувла

Се верува дека труењето со мувла е голем причинител на многу болести, меѓу кои спаѓаат и мигрените. Мувлата предизвикува алергиски реакции кога се вдишува, но поголемата штета доаѓа од хемиските токсини кои се нарекуваат микотоксини, а можат да се најдат на површината врз мувлата. Многу малку доктори се свесни за оваа состојба, па токму затоа понекогаш настануваат погрешни дијагнози и занемарување на одредени симптоми. Доколку живеете во место каде што има проблем со мувла и страдате од мигрени, консултирајте се веднаш со вашиот доктор, притоа објаснувајќи му ја целата ситуација.

Кога станува збор за мигрените, многу е важно да гледате преку симптомите со цел да ја најдете причината.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар