11 здравствени ризици поврзани со мигрените

Медицината сè уште ја нема дефинирано точната причина за настанување на мигрените, но она што се знае е дека постои цел спектар на фактори што може да ја предизвикаат или да ја влошат состојбата. Исто така, мигрената е често поврзана со многу заболувања, кои можат да настанат како последица, како што се депресијата, астмата или кардиоваскуларните здравствени проблеми.

11 здравствени ризици поврзани со мигрените

Од мигрена страдаат 18% од жените и околу 6% од мажите и истата често е проследена со гадење, пречувствителност на светлина, звуци или мириси, вртоглавица, па дури и целосна физичка неспособност на личноста. Има многу причини и истите варираат кај различни лица – кај некои причинител може да биде храна или мирис, додека кај други промените во крвниот притисок или лошиот сон. Поради тоа, оваа состојба не се лечи исто кај сите.

Она што е заедничко за луѓето со мигрени е дека се склони кон одредени болести и здравствени нарушувања кои можат да ги добијат подоцна во животот. Затоа, обрнете внимание на интервалите во кои добивате мигрена, но и дали препознавате некој од следниве симптоми:

1. Депресивност

Ретките мигрени двојно го зголемуваат ризикот за депресија во однос на оние кои никогаш немале ваков тип главоболка. Кај хроничната мигрена, пак, ризикот е четири пати поголем. Луѓето може да станат депресивни поради болката, но важи и обратното, дека депресивните расположенија може да предизвикаат епизоди на мигрена. Според докторите, овие две нарушувања одат едно со друго во голем број случаи и кое било од нив може да се појави прво.

Доказ за ова тврдење е и фактот дека некои антидепресиви успешно се користат во лечењето на мигрените, затоа што влијаат на хемиската активност на мозокот.

2. Анксиозност

Околу половина од лицата кои страдаат од мигрени, покажуваат и знаци на анксиозност. Слично како и кај депресијата, мигрената и анксиозноста одат „рака под рака“ во голем број случаи. При ваква клиничка слика, двете состојби се третираат одделно, но има и случаи кога со некои лекови може успешно да се контролираат и анксиозноста и мигрената.

3. Мозочен удар

Кај лицата кои долго време во животот страдале од мигрена со аура, можно е подоцна да се случи да имаат мозочен удар. Мигрената со аура двојно го зголемува ризикот за зголемен притисок, создавање на тромбови во телото и мозочни удари. Во оваа ситуација жените се помалку ризичната група. Сепак, иако е евидентирана поврзаноста, мозочните удари како последица на мигрена се доста ретки.

11 здравствени ризици поврзани со мигрените

4. Епилепсија

И двете заболувања се нарушувања на работата на мозокот и за нив важи истото што и за анксиозноста и депресијата. Мигрената го зголемува ризикот за епилептични напади, но и епилепсијата ги зголемува појавите на мигренозни главоболки. Поради тоа што се нарушувања на ист систем, истите лекови може да се користат за контролирање на здравствената состојба.

5. Срцеви заболувања

Според медицински студии, лицата кои страдаат од мигрена се во групата со зголемен ризик за висок притисок, дијабетес и кардиоваскуларни заболувања, особено ако се работи за мигрена со аура. Затоа, важно е да се грижиме за здравјето, со помош на здрав животен стил и правилна исхрана.

6. Астма

Иако едното е невролошко, а другото респираторно нарушување, овие две заболувања често „одат“ едно со друго. Предизвикувач во овој случај се воспаленијата кои настануваат во респираторниот и кардиоваскуларниот систем. Со редовно земање на терапијата за астма, се намалува ризикот од мигрена.

7. Прекумерна тежина

Зголемената телесна тежина може да ја влоши веќе постоечката состојба со мигрените или пак да предизвика нивно појавување кај оние кои никогаш ги немале. Намалувањето на телесната тежина може да помогне, а треба да се избегнуваат црвеното вино, чоколадите, месните преработки и старите и зрели сирења.

11 здравствени ризици поврзани со мигрените

8. Болки во другите делови од телото

Хронична болка во вратот, рамената и грбот може да биде предизвикувач на мигрена. Во овие случаи често се работи за генетска предиспозиција, но и може да биде последица на лековите што се земаат за да се третираат хроничните болки. Во овие ситуации често се препорачуваат и алтернативни третмани, како масажи и акупунктура.

9. Дигестивни проблеми

Често се случува мигрената да биде проследена со зголемено лачење киселини во желудникот, гадење и повраќање. Исто така, дигестивните проблеми може да бидат причина за појавата на епизоди на мигрена. Постојат и медицински сознанија дека деца на мајки кои страдаат од мигрена имаат зголемен ризик за бебешки грчеви.

10. Синдром на вознемирени нозе

Доколку често имате потреба да ги мрдате нозете, да ги тресете, па дури и откако ќе си легнете на спиење, тоа може да биде поврзано со мигрените или пак да биде знак дека можеби подоцна ќе имате мигрена. Постојат и одредени медицински случаи кои покажале поврзаност меѓу мигрените и Паркинсоновата болест.

11. Привремена парализа на лицето

Симптомите потсетуваат на мозочен удар, но причината не е иста. Оние кои страдале од привремена парализа на лицето, најчесто само на едната страна, претходно имале хронична мигрена која траела со денови, а некогаш и недели. Според медицинските сознанија, мигрените двојно го зголемуваат ризикот за парализа на нервите на лицето.

Дали знаевте дека и врзувањето на косата во коњско опавче може да предизвика главоболка?

САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       


За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар