Зошто читањето книги е најдобриот начин да го поминете слободното време?

Зошто читањето книги е најдобриот начин да го поминете слободното време?

Нема ништо поубаво од мирисот на нова книга и еден цел нов свет што чека да биде откриен. Простор со нови места, нови ликови, чии искуства ќе останат врежани во вашиот ум и фантазија. Активност која ќе ве направи поемпатични, позрели и секако, поинтелигентни. Па, доколку имате слободно време зошто да не се одлучите да прочитате една добра книга? Еве ги причините зошто тоа би бил најдобриот избор за вас.

(0) zoshto-chitanjeto-na-knigi-e-najdobro-pominato-slobodno-vreme-kafepauza.mk

Повеќе читање, поубаво изразување

Читањето книги ќе доведе до полесно акумулирање и зголемено разбирање на граматиката, вокабуларот и реченичната структура на еден јазик. Потсвесно, вашиот ум ќе го поврзе она што сте го прочитале со начинот на кој се изразувате и несомнено ќе бидете поелоквентни и ќе звучите покултурно.

Читањето е учење

И додека фаќањето белешки на мошне досадните предавања на факултет, прават да заспиете, не грижете се бидејќи постојат и други начини да дојдете до информациите кои вас ви се интересни и сметате дека се важни. За момент, оддалечете се од строго предвидениот материјал за учење и побарајте книга, во која истата тематика е разработена на многу поразбирлив и интересен начин. Не велиме дека ќе се забавувате читајќи книги за историја или економија, но барем ќе сфатите дека секогаш постои алтернатива и дека ништо не е изгубено.

Читањето е секси

Навистина, има нешто толку неодоливо кога ќе здогледате некој со кафенце, книга в рака, како ужива во сопственото друштво и се труди љубопитно да дознае нешто ново. Сфаќате дека постојат и други како вас, кои читањето книги ги прави да се чувствуваат удобно во сопствената кожа, несвесни за тоа колку интелигентно и привлечно изгледаат.

Читањето води кон интроспекција и самооткривање

Некои книги се повеќе од едноставна забава и едукација. Постојат дела кои ви ги отвораат очите и срцето за нови досега неоткриени територии, хоризонти и начини на размислување. На пример, кога се чувствувате изгубено и безнадежно, читајте за нечие успешно животно патување, кое можеби ќе ви даде нови насоки и начини за справување со проблемот. Ова не значи дека ќе веднаш ќе дојдете до конечно решение, но секако ќе ви биде од огромна помош.

Читањето е уживање

Читањето не треба да претставува товар, туку уживање. Можеби нема да ви го промени светот, но ќе ве направи поотворени за пофлексибилни сфаќања и размислувања. Ќе ве натера поубаво да го разберете светот, животот и самите себеси. Придобивките можеби нема да ги почувствувате веднаш, но со текот на времето ќе станете свесни и ќе бидете благодарни што дел од времето сте одвоиле за читање и учење нешто ново.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран преведувач и толкувач. Непоправлив перфекционист. Љубопитна, интуитивна и насмеана. Ја сака уметноста и културниот живот. Идеалист. Верува во астрологија, убаво утринско кафе и позитивно размислување.

Поврзани содржини

Остави коментар